Божиновски: СДСМ со партизација и политички прогон го урна угледот на полицијата

Продолжува серијалот на СДСМ со партиски вработувања и политички реваншизам, истакна на денешната прес-конференција Перчо Божиновски од ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

-Дамјан Манчевски јавно призна дека СДСМ ги прекинала привремените договори на вработените во јавниот сектор и распишува нови огласи за привремено вработување. Очигледно она кое го говореше и спроведе Манчевски сега се обидуваат да го спроведат во секоја клетка во нашето општество. Се бркаат партиски неподобните, тотална партизација! Неспособната антиреформаторска СДСМ продолжува со чистките и бруталната партизација во Охрид преку вработување на нивни партиски војници, вели Божиновски.

Тој додава дека СДСМ продолжува со својата политичка одмазда и во континуитет брка луѓе од работа, како што всушност и одамна најави партискиот лидер Зоран Заев дека „ќе јаде живи луѓе“ и „ќе брка од работа од чистачка до министер“.

-СДСМ со партизација го урна угледот на полицијата, без работа ги остави осум од вкупно 20 припадници на резервниот состав при Министерството за внатрешни работи, ангажирани преку СВР Охрид. СДСМ и СВР Охрид официјално да објаснат зошто полициските резервисти се избркани од работа? Како може да им кажат дека немало повеќе потреба од нив, а истовремено ангажираат други осум лица на нивно место? Дали новите лица се со чисто криминално досие? Апсурдно е додека го раздолжуваат оружјето во ист момент новите осуммина резервисти се задолжуваат со оружје. Ако немало потреба од нив, тогаш како има потреба од други?  Оваа власт е олицетворение на непотизам и нестручни кадри, активисти и партиски војници, роднини на функционери, претходно избркани од работа. Дали ова се прави поради лични интереси или пак станува збор за политички прогон? Полицијаците кои од 2015 година се вработени како резервен полициски состав поради негрижата на СДСМ сега се социјални случаи кои ќе живеат на работ на егзистенција, вели Божиновски.

Тој посочува дека ВМРО-ДПМНЕ бара надлежните институции итно да го испитаат случајот и да се изјаснат јавно дали ваквата постапка е одраз на чист политички прогон.

Охриѓани се во неизвесност за иднината, своја и на државата, гледајќи ги ваквите необјасниви потези на СДСМ. Едно е повеќе од јасно: за кратко време, СДСМ започна да воспоставува режим во Охрид.

 

 

 

16.02.2018 - 13:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега