Вељановски: Министерот за култура да ја повлече скандалозната Годишна програма
-ВМРО-ДПМНЕ го повикува Министерството за култура јавно да соопшти дали и зошто еден од членовите на Комисијата за драмска дејност одбил да го потпише Записникот за работа на комисијата! За крај, ВМРО-ДПМНЕ го повикува Министерот за култура да ја повлече скандалозната Годишна програма и да донесе нова, која ќе се темели на декларираните принципи за работа во културата, истакна тој.
Програмата на Министерството за култура е елементарна непогода за културата. Делот од Програмата кој се однесува на драмската дејност е недоследен и нелогичен, вели Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Распределбата на средствата и проекти помеѓу Националните установи наместа е апсурдна и очигледно е дека некои се фаворизирани на сметка на другите.Така на пример, за Велешкиот театар кој е установа со повеќе децениска традиција, одобрени се три проекти со вкупна сума од 2.000.000 денари, за разлика од Тетовскиот театар кој е релативно нова установа, на кого одобрени му се 6 проекти со вкупна сума од 6.800.000 денари. Само за споредба, реномираната установа Албански театар од Скопје, добила 3 проекти и сума од 5.000.000 денари, посочува тој.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нелогична е распределбата на средствата и од поинаков аспект.
-Ако Кумановскиот театар, кој оваа година слави 70 годишен јубилеј, има проблем со греењето, како што завчера на телевизиско интервју истакна министерот Алаѓозовски, добил 4.000.000 денари за 5 проекти (два на македонски, два на албански јазик и средства за фестивалот „Денови на комедијата“), како тогаш на Тетовскиот театар, кој е, да повторам, релативно нова установа и има идентичен проблем со греењето, комисијата му одобрила 6 проекти (4 на албански, 1 на македонски јазик и средства за 6-тиот Меѓународен фестивал во Тетово) со вкупна сума од 6.800.000 денари. Независната продукција е фаворизирана за сметка на Националните установи. На пример, за вечерната претстава „Забрането смеење“ од Миро Гавран на Струмичкиот театар одобрена е сума од само 500.000 денари, додека за детската претстава „Поштенска бајка“ – (чиј автор не е познат) на независниот продуцент Јавна локална установа за култура „Театар за деца“ од Скопје, издвоени се 600.000 денари. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Министерството за култура фаворизира некои од авторите кои аплицирале на овој конкурс и, на некои од нив, им одобрило да работат дури и 4 проекти во една календарска година, на сметка на други кои имаат еден или ниеден проект во Програмата. Од тука го поставуваме прашањето: Дали Министерството за култура се претвора во партиски џелат кој ќе работи само за оние уметници кои ги поддржуваат политиките на СДСМ, рече Вељановски.
Во оваа Програма кратени се и финансиски средства за реномирани фестивали, а како најдрастичен пример тој го спомна 17-тото издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“ за кого поддршката за 2018-та изнесува само 300.000 денари. Ова е безмалку 1/3 од поддршката што Министерството за култура ја издвои лани за овој фестивал, кога биле доделени 800.000 денари.
-ВМРО-ДПМНЕ го повикува Министерството за култура јавно да соопшти дали и зошто еден од членовите на Комисијата за драмска дејност одбил да го потпише Записникот за работа на комисијата. За крај, ВМРО-ДПМНЕ го повикува Министерот за култура да ја повлече скандалозната Годишна програма и да донесе нова, која ќе се темели на декларираните принципи за работа во културата, истакна тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа