Александар Николоски: ВМРО-ДПМНЕ имаше и политички и организациски грешки

 

Александар Николоски, еден од тројцата нови потпретседатели на ВМРО ДПМНЕ вели дека партијата оваа година ќе ја посвети на консолидација и градење политики кои ќе и овозможат враќање на власт на следните парламентарни избори. Николоски во интервју за Прес24 вели дека новото ВМРО ДПМНЕ мора да ги поправи грешките од минатото, но и да ги продолжи сите добри политики на претходното раководство.

-ВМРО ДПМНЕ во последните неколку години имаше два типа на грешки - политички и организациски. Во однос на политичките мислам дека требаше да изнајдеме подобри одговори на кризата последниве години, некако партијата влезе затечена во целиот процес, организациски ВМРО ДПМНЕ долго имаше најмоќна партиска структура, но истата се амортизира и не се менуваше доволно често за да е витална цело време. Ова по мене се клучните грешки на кои мораме да најдеме одговори, вели Николоски за Прес24.

Тој смета дека на партијата и е потребно отварање за идеи, токму затоа и одлуките за статутарни промени ќе бидат во таа насока.

-Мора да ја отвориме партијата за во неа да се препознаат што повеќе категории на граѓани за да може повторно да победуваме. Ова е година без избори и е сериозен период пред нас во кој можеме да се посветиме на себе со цел на следните избори да излеземе со најдобра програма и најдобра кадровска понуда која ќе е препознаена од мнозинството граѓани на Македонија, вели Николоски во интервјуто посочувајќи дека ВМРО ДПМНЕ во следиот период многу ќе работи и на дефинирање на своите политики.

-Ние скоро три години препознаваме дека на партијата и треба нов концепт и редефинирање на политичкото позиционирање, но за жал често менувавме ставови и правци. Сега се посветуваме на јасно дефинирање на нашите политики со цел да нема конфузии и истите да бидат препознаени од граѓаните, смета потпретседателот на партијата.

Според него ВМРО-ДПМНЕ  не е во изолација од европската десница, политичка групација  во Европската Унија, и најавува наскоро средба на раководството на највисоко ниво.

-До сега не се случило да не бидеме дел од било кој настан на ЕПП. Имаше одредени шпекулации во таа насока, но беа злонамерни. Еве можам да најавам во ова интервју дека за многу скоро раководството на ВМРО ДПМНЕ ќе биде примено на највисоко ниво во Брисел од страна на раководството на ЕПП. Мислам дека тоа ќе е силен сигнал за подршката која ја добива ВМРО ДПМНЕ, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, во интервјуто за Прес24

ПРЕС24: Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е комплетирано. Се враќа и позицијата потпретседател на партијата. Вие сте еден од нив. За почеток, дали тој концепт со потпретседатели е повеќе контрола на лидерот, или пак инструмент кој треба да ја врати демократската дебата во партиските структури?

НИКОЛОСКИ: Изборот на потпретседатели во ВМРО ДПМНЕ треба да даде дополнителен квалитет на партискиот живот, да помогне во подобро водење на партијата и да отвори можност за креирање и спроведување посеопфатни политики насочени кон што поголем број граѓани. Се надевам дека и јас и останатите двајца ќе ја оправдаме довербата која ја добивме и успешно ќе го носиме ВМРО ДПМНЕ прво кон кадровска и организациска трансформација, а потоа и кон победа на избори и водење на Владата.

ПРЕС24: Вашата улога веројатно ќе биде насочена кон јакнење на меѓународната позиција на ВМРО-ДПМНЕ. Очекувате ли брзо враќање на позициите кои оваа партија ги имаше еден период на состаноците на ЕПП. Чинам веќе подолго време ВМРО-ДПМНЕ нема претставник на самитите на Европската десница. Има ли нешто променето во односите, што јавноста не го знаеше?

НИКОЛОСКИ: Во Европската народна партија како најмоќна и најсилна во Европа ние сме член и активно учествуваме во нивната работа. До сега не се случило да не бидеме дел од било кој настан на ЕПП. Имаше одредени шпекулации во таа насока, но беа злонамерни. Еве можам да најавам во ова интервју дека за многу скоро раководството на ВМРО ДПМНЕ ќе биде примено на највисоко ниво во Брисел од страна на раководството на ЕПП. Мислам дека тоа ќе е силен сигнал за подршката која ја добива ВМРО ДПМНЕ.

ПРЕС24: Ако велат дека најголемата заслуга за падот на ВМРО-ДПМНЕ ја има меѓународната заедница, односно да бидам попрецизен, губење на партнерството на партијата со европската десница,  дали сега ВМРО-ДПМНЕ ги има моделите како да се постигне оној трет столб што го исцрта новиот претседател Мицковски, а тоа е, новиот лидер, новото раководство да биде прифатливо за меѓународната заедница?

НИКОЛОСКИ: Јас мислам дека ВМРО ДПМНЕ треба да е пред се прифатливо за македонскиот народ, се додека е така ќе биде силен партнер и на меѓународната заедница. Слабо ВМРО ДПМНЕ не е од корист на никого. Ние сме модерна центар-десна партија и како таква сме препознаени од нашите сестрински партии низ Европа. Понекогаш интересите ни се спојуваат понекогаш не, но наше е секогаш да се бориме за доброто на македонскиот народ и да ги убедуваме нашите пријатели од меѓународната заедница дека е тоа најдоброто за сите. Мислам дека ќе сме успешни во оваа мисија.

ПРЕС24: На домашен план очекувањата се ова раководство да биде прифатливо за сите граѓани и да ужива висок рејтинг. Дали тој предизвик е достижен и на кој рок?

НИКОЛОСКИ: Во следниот период ВМРО ДПМНЕ треба да не насочи кон внатрешна консолидација и реорганизација. Треба да се препознаат грешките и истите да се поправат, треба од друга страна да се продолжат добрите практики и политики. Мора да ја отвориме партијата за во неа да се препознаат што повеќе категории на граѓани за да може повторно да победуваме. Ова е година без избори и е сериозен период пред нас во кој можеме да се посветиме на себе со цел на следните избори да излеземе со најдобра програма и најдобра кадровска понуда која ќе е препознаена од мнозинството граѓани на Македонија.

ПРЕС24: Најавени се статутарни измени, но и реформи во партијата. Што подразбира тоа?

НИКОЛОСКИ: Започнавме процес на преиспитување на партискиот статут кој е непроменет долго време. Истиот мора да даде одговори и рамка за дејствување во новото време и да е катализатор на модерни дејствувања и политики. Како и во минатото така и сега ВМРО ДПМНЕ мора да е авангарда на политичката сцена. Ние сме прва голема партија која прави демократски промени во статутот. За тоа ги користиме искуствата од сестринските партии од Европа кои се дел од Европската народна партија. Целта е да се оди кон многу поголема улога на членовите, на месните и општинските комитети кои се срцето на партијата.

ПРЕС24: По долг период ВМРО ДПМНЕ се соочува со она што беше негова карактеристика на деведесетите, внатрешни поделби. Дали новото раководство може да бајпасира еден нов сериозен раскол во партијата... Тука ги имам предвид дел од пратениците кои не застанаа зад новото раководство, реформаторите, еден друг дел на едно тврдо патриотско, можеби и ултранационално крило...

НИКОЛОСКИ: ВМРО ДПМНЕ мора да се шири и да обединува. Но мора и да дава простор на секакви различни мислења. Мислам дека тоа е богатство за партијата.

Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ работи исклучително посветено и компактно. Можеби тоа е една од причините зашто е под напад на власта и шест пратеници се во притвор. Очигледно власта сака да ја скрши пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ за да нема опозиција во моментите кога ќе носи штетни одлуки.

За разлика од други партии, ние секогаш одлуките поврзано со Собранието ги носиме во координација со пратеничката група. Јас имам висока почит за работата на сите пратеници, тоа не е лесна работа. Јас бев долго пратеник и тоа најдобро го знам. Не секогаш сите имаат исти ставови и јас тоа го сметам за богатство на партијата не за недостаток.

ПРЕС24: Во тој контекст како ќе се позиционира ВМРО-ДПМНЕ. Кој е тој концепт на граѓанска десница?

НИКОЛОСКИ: ВМРО ДПМНЕ во следиот период многу ќе работи и на дефинирање на своите политики. Ние скоро три години препознаваме дека на партијата и треба нов концепт и редефинирање на политичкото позиционирање, но за жал често менувавме ставови и правци. Сега се посветуваме на јасно дефинирање на нашите политики со цел да нема конфузии и истите да бидат препознаени од граѓаните.

ПРЕС24: Во овој период се случија серија важни политички настани, а ВМРО-ДПМНЕ остана тивка. На пример законот за јазици... Без било каков отпор тој помина... Претстедателот Иванов го врати во Парламентот. Како што стојат работите, во повторената постапка може ли да се очекува каков било собраниски активизам како партија?

НИКОЛОСКИ: Не би можел да се согласам дека помина без отпор, токму заради активноста на паратеничката група на ВМРО ДПМНЕ овој закон се усвои после една година од неговото предлагање. Нашите пратеници направија и повеќе од што може да направи опозиција и нивната работа е за секоја пофалба и подршка. Што се однесува до законот сметам дека тој е проблематичен и не одговара на реалноста во Македонија. Јас сум Албанците да ги уживаат истите права како и Македонците, но онаму каде што навистина живеат. Не може во средини каде нема ни еден Албанец вештачки да наметнувате двојазичност. Тоа мајоризација на малцинството врз мнозинството која раѓа фрустрации и потенцијални немири.

Нашата пратеничка група во моментов не учествува во работата на Собранието токму заради односот на власта и злуопотребата на мерката притвор за над триесет луѓе кои се сомничат за едно многу контроверзно дело, а тоа е тероризам. Она што им се прави на овие луѓе е не човечко и има само една цел- политички притисок. Тие кои го искреирале ова очигледно не го знаат ВМРО ДПМНЕ и имаат многу лоша проценка за нас, какви сме и од што материјал сме направени.

ПРЕС24: ВМРО-ДПМНЕ останува и надвор од процесот за името со Грција... Имате ли план како ќе дејствувате. Ќе барате ли од Премиерот да ве запознае со детали од предлогот на Нимиц?

НИКОЛОСКИ: До овој момент ВМРО ДПМНЕ нема никаква информација за евентуалниот предлог на Нимиц. Се додека не го видиме не можеме да коментирме. А и какога ќе го видиме за истиот прво треба да се изјасни Владата, кај нив е одговорноста не кај опозицијата, треба да кажат став па после тоа да градиме наш став кон тоа. Ова е многу сензитивен прооцес и евентуалното решение не смее да ги загрозува националните интереси на македонскиот народ, неговата засебност, култура, јазик и тадиција.

ПРЕС24: Меѓународната заедница веќе е загрижена за процесот на реформи во судството... Вас како партија и овде ве нема... За што станува збор? За незаинтересираност, внатрешна некоординираност, отпор кон власта?

НИКОЛОСКИ: Во однос на реформите во судството исто како и за името до овој момент немаме никаква информција од власта. Гледате постои една тенденција на власта да ја изолира опозицијата. На зборови се слаткоречиви, во пракса се исклучиви и се затвараат во свој круг. Може да продолжат така, но штета покрај тие самите, ќе има и Република Македонија. Ние сме секогаш тука со нашите експерти да дадеме конструктивен придонес, доколку е побаран од нас. Доколку се продолжи со оваа политика тогаш не може да се очекува ни подршка од наша страна во Собранието. Реформите во правосудтвото се многу осетливи и за истите е добро да има дијалог а потоа и консензус меѓу власта и опозицијата.

ПРЕС24: Колку таквата политика е добра за една опозиција која претендира за брзо враќање на власт?

НИКОЛОСКИ: Ако гледаме теснопартиски добра е зашто граѓаните брзо препознаваат дека имаат една неспособна власт која многу зборува малку прави, а паралелно има недемократски тенденции. Но, не е добро за државата, а ние пред се за тоа се грижимие.

ПРЕС24: Од Вас како раководство, нова свежина на партијата, веројатно се очекува да направите еден добар пресек и баланс на она што е добро од владеењето на Груевски и да го продолжите како политика, но и на она што беше лошо и јасно да се дистанцирате  од него. Тешко ли е тоа да се направи, а поранешниот лидер да не се почувствува дека добил повторно нож в грб?

НИКОЛОСКИ: Да, мора да ги поправаме грешките ако сакаме да имаме успех. ВМРО ДПМНЕ во последните неколку години имаше два типа на грешки - политички и организациски. Во однос на политичките мислам дека требаше да изнајдеме подобри одговори на кризата последниве години, некако партијата влезе затечена во целиот процес, организациски ВМРО ДПМНЕ долго имаше најмоќна партиска структура, но истата се амортизира и не се менуваше доволно често за да е витална цело време. Ова по мене се клучните грешки на кои мораме да најдеме одговори. Имаше и многу добри и правилни потези во економската сфера, делот на заштита на националните прашања, односот со помалите етнички заедници и сл. Тоа треба да се надгради и продолжи.

Во однос на работата на претходниот Претседател на партијата г. Груевски јас имам многу високо мислење, мислам дека направи многу и за партијата и за државата. Секако имаше и грешки, но добрите работи беа далеку повеќе. Сметам дека во делот на економијата, како и заштитата на националните интереси оствари резултати кои долго време ќе се репер покој ќе се ценат и идни Вллади.

Со промената на раководството секако ќе се креираат и нови политики кои ќе бидат во насока на враќање на партијата на челното место во македонската политика.

 

 

 

 

24.01.2018 - 09:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега