Чешкиот голман самоуверен пред мечот: Сакаме да ги победиме Македонците и да им вратиме за се што имаме претрпено од нив
Ако некој ни должи и има за враќање во спортот, тоа е ракометната репрезентација на Чешка. Поради Македонија не се пласираа на ЕП 2016, на СП 2017, а претходно страдаа од нас и на првенствата во 2012 и во 2014. Пред вечерашниот дуел (20.30 ч.) сите тие порази им се во главата на чешките ракометари и ќе сакаат за сѐ да ни вратат
Нема потреба да се истакнува мотивацијата на чешките ракометари за вечерашниот дуел со Македонија, особено на оние кои беа присутни на последните два пораза во Скопје. Еден од нив е голманот Мартин Галија.
-Јасна е нашата мисија, сакаме да ги победиме и да им вратиме за се што имаме претрпено од нив. Последниот пат ги победивме дома, но потоа го плативме данокот. Сега ја научивме лекцијата и имаме појасен пристап кон нив, изјави голманот на Чешка.
Тој го истакна поразот во Скопје во јуни 2016, во баражот за Светското првенство во Франција. Тогаш Чесите победија со 28-22 на првиот меч и во Македонија дојдоа задоволни уверени дека тоа е доволно за пласман на Мундијалот. Меѓутоа Македонија славеше со 34-27 и го елиминира својот стар „пациент“.
-Овој пат нема да биде како претходно. На натпреварите во Македонија имаме лошо искуство, таму не играме само против екипата, туку и против судиите. Во баражот за СП 2017 беше неверојатно. Од првата до последната минута беше јасно дека ние не смееме да поминеме понатаму, па ако сакаме и да застанеме на глава. Не сум видел таков натпревар во мојата кариера. Верувам дека такво нешто не може да се случи на ЕП. Постојано се среќаваме со нив. Мислам дека ние за нив претставуваме незгоден противник и нема да си играат. Знаат дека имаме квалитет доволно за да ги победиме и затоа нѐ почитуваат“, додаде Галија.
Сепак, не пропушти и да подели некој комплимент, особено за новото лице на Македонија, откако Раул Гонзалес е селектор.
-Го сменија селекторот и сега играат малку поинаку од порано. Сега се подисциплинирани, имаат напредувано и нивната игра не е само Лазаров, кој порано постигнуваше по десет и повеќе голови на натпревар. Сега имаат поголема моќ и ‘пукаат’ од сите страни, додаде голманот.
Македонија и Чешка играат вечерва во 20.30 часот, а нашата репрезентација брка победа, која би ја оставила во игра за полуфинале. Чесите досега имаат победа против Данска и порази од Шпанија и од Германија.
Извор: Sport1.mk
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа