Владата донесе одлуки за повеќе предлози од различни сфери

 

Владата на Република Македонија денеска ја одржа 49-та седница. На седницата беа утврдени насоките за работа на управниот комитет за зајакнување на изборните и политичките процеси и одлучи до 31 мај годинава да се изготви законот за субвенциониран студентски оброк и други студентски потреби, соопштија од Владата.

Усвоени беа и повеќе програми од областа на социјалната политика, како и Програмата за обесштетување деца - жртви на насилство, поднесена од Министерството за правда.

Усвоена е и Информацијата за годишна програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2018 година, како и Информацијата за напредокот на спроведување на процесот на изработка на Стратегискиот одбранбен преглед 2018 (СОП 2018).

„Владата го задолжи Министерството за одбрана да продолжи со втората етапа на процесот за изработка на СОП 2018 и да работи на натамошниот развој на предлог текстот на Стратегијата за одбрана согласно планираната динамика“ соопшти прес-службата на Владата.

На седницата помина и Информацијата за активностите за набавка на медицинска опрема, медицински и немедицински инвентар во јавните здравствени установи и ЈЗ Специјална болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо - Охрид со вредност од 150, односно 120 милиони денари за оваа, и за 2019 и 2020 година со утврдена динамика на плаќање за секоја година.

„Владата ја разгледа и Информацијата за тековните и планираните активности на Националниот Комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам и ги утврди роковите за изработување на националните стратегии и акциски планови за спречување на екстремниот радикализам и за борба против тероризмот“, стои во соопштението.

Министерство за труд и социјална политика предложи, а Владата усвои повеќе програми од сферата на социјалната политика: за субвенционирање на потрошувачката на енергија, за развој на дејноста за заштита на децата, за остварување социјалната заштита и за рефундирање средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со најмалку 80 отсто телесна попреченост на долните екстремитети, лица со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица.

Владата на Република Македонија на денешната седница усвои и извештаи за годишното и финансиското работење на повеќе јавни претпријатија и комисии, како и предлог програмата за работа на Дирекцијата за заштита и спасување за 2018 година. 

 

 

 

22.01.2018 - 18:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега