Мекејлеб е најдобриот натурализиран кошаркар во Европа
Според полскиот портал „Пшеглад спортови“, американскиот кошаркар со македонски пасош Лестер Бо Мекејлеб е најдобар натурализиран кошаркар меѓу оние кои ќе настапат на Европското првенство во Словенија, пренесува Дерби.мк.
Бекот на македонската репрезентација кој на ЕП во Литванија беше избран во идеалната петорка, се најде на врвот од листата од десетмина најдобри кошаркари кои на претстојното ЕП нема да играат за татковините, туку за други земји.
- Дефинитивно најдобар меѓу натурализираните учесници на Евробаскетот оваа година – сензационален во Евролига, извонреден на претходното ЕП, каде што заедно со Перо Антиќ ја одведоа Македонија до првата четворка на првенството. Брзината, незадржливите влезови под кошот, како и проигрувањето на соиграчите – тие елементи на кошарката ги владее на највисоко ниво. Малку послабо стои само со ударот за три поена, пишува „Пшеглад спортови".
Според полскиот портал, топ 10 натурализирани кошаркари на ЕП во Словенија се: 1. Бо Мекејлеб (Македонија), 2. Рики Хикмен (Грузија), 3. Томас Келати (Полска), 4. Јуџин Џетер (Украина), 5. Донтеј Дрејпер (Хрватска), 6. Трејвис Динер (Италија), 7. Александер Тајс (Израел), 8. Емир Прелџиќ (Турција), 9. Тајрис Рајс (Црна Гора) и 10. Закари Рајт (Босна и Херцеговина).