Доналд Стил: Резултатите од Школата за млади лидери ќе се чувствуваат во следните децении

 

Доналд Стил е специјалист за кризен менаџмент. Зад себе има 11-годишно искуство како главен портпарол на британски BBC, функција што ја напушта пред две години за да соработува со корпоративни и владини клиенти во Велика Британија, Европа, Блискиот Исток и Азија. Во моментов Стил е директор на Џонсон Асошиетс, британска водечка компанија за Односи со јавноста во авијацијата. Тој е еден од предавачите на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов, по четврти пат се одржа во Охрид од 19 до 31 август. Во интервју за Maxim Стил говори за моќта на социјалните медиуми и нивната улога во известувањето за кризи.

 

Maxim: Г-не Стил, живееме во време кога влијанието на социјалните медиуми рапидно се зголемува. Каква е, според вас, улогата на социјалните мрежи, како Фејсбук и Твитер, во однос на информирањето на јавноста, особено во време на кризи?

Доналд Стил: Мислам дека социјалните медиуми многу ја променија комуникацијата во време на кризи. Но, основите за комуникација во време на кризи се истите. Мора да ја кажуваме вистината, мора да одговориме брзо, мораме да им кажеме на луѓето што се случува. Исто така, треба да допреме до луѓето што се потресени, загрижени и преплашени од одрена криза. Всушност, социјалните медиуми не го променија тоа. Тоа го правевме преку традиционалните медиуми, а сега, исто така, треба да го правиме преку социјалните медиуми. Но, благодарение на социјалните медиуми работите се случуваат многу побрзо. На прием, при неодамнешниот пад на авионот Боинг 777 на аеродромот во Сан Франциско, првата фотографија од таа несреќа излезе на социјалните медиуми една минута по несреќата. Традиционалните медиуми никогаш не би можеле да одговорат со таа брзина. Тоа значи и голем притисок врз компаниите да одговорат многу побрзо и мораат да одговорат многу побрзо во одредена ситуација, но мора да бидат многу внимателни како тие ќе одговорат, бидејќи ако направат грешка во раната фаза, никогаш нема да можат да ја поправат. Значи, има голем притисок врз компаниите, создаден од социјалните медиуми, но мислам дека не треба да бидеме загрижени поради тоа. Социјалните медиуми ни даваат нови можности да допреме до граѓаните и до корисниците со сите новости за тоа што правиме во одредена ситуација.

 

Maxim: Колку за една организација е важно да ги користи социјалните медиуми во комуницирањето со јавноста?

 

Доналд Стил: Според мое мислење, социјалните медиуми се важни доколку сте компанија насочена кон потрошувачите. Често со една моја бизнис партнерка, Тина Дичико, разменуваме мислења за ова и таа вели дека ако сте во компанија чиј бизнис е насочен кон друга компанија, треба внимателно да размислите дали ќе ги користите социјалните медиуми, бидејќи нивните односи не се социјална активност и за овие компании е потешко да бидат присустни на социјалните мрежи. Компанија што не научи нешто поразлично е Боинг. Јас или вие лично никогаш не би купиле авион, но тие комуницираа директно со корисниците на авиокомпаниите по несреќата во Сан Франциско. Тие знаеја дека корисниците ќе сакаат да знаат дали можат да патуваат со нивните авиони. Значи, тие ги искористија социјалните медиуми доста успешно. Но ова е еден необичен случај. Додека, во случајот на големите компании што се насочени кон потрошувачите, тие мораат да бидат присутни на социјалните медиуми, бидејќи таму публиката ќе ги побара. Еден мој пријател вели: доколку се разговара нешто за тебе, дали попрво би бил во просторијата, да чуеш што луѓето велат за тебе?. Мислам дека тоа е одличен начин да се објасни. Се работи за тоа да се биде присутен во просторијата и мислам дека социјалните медиуми се повеќе за слушање, додека зборувањето е второстепено. Мислам дека можеме да ги користиме социјалните медиуми да ги чуеме нашите корисници што повеќе. Тоа е многу моќно, бидејќи можеме да откриеме што нашите корисници мислат. Или на пример, што мислат граѓаните за јавната администрација. Само што имавме гласање во британскиот парламент за тоа дали треба или не да има воен напад врз Сирија. Членовите на парламентот ги следеа социјалните медиуми многу внимателно за да го видат јавното мислење, кое беше доминантно против, и одлучија да гласаат против. Мислам дека не е единствениот фактор за таквата одлука, но мислам дека социјалните медиуми извршија големо влијание кон членовите на парламентот. Не можете да игнорирате што јавноста вели.

 

Maxim: Дали социјалните медиуми може да се сметаат за замена на традиционалните медиуми, како на пример телевизијата и весниците, или тие се нивно надополнување?

 

Доналд Стил: Кога се појави интернетот, а јас сум доволно стар да се сеќавам на тоа, се велеше дека тоа ќе ја убие телевизијата како медиум. Но всушност, влијаеа на зголемување на гледаноста на телевизиските канали. Сега постои нов начин на следење на телевизијата. Всушност, двата медиуми станаа многу моќни партнери. Социјалните медиуми, како во случајот на несреќата во Сан Франциско, ја пронајдоа веста, а додека големите медиуми како Си-Ен-Ен ја објавија. Потоа, на социјалните мрежи луѓето дискутираа за тоа што беше објавено на Си-Ен-Ен. Со тоа, според мене, е развиено фантастично партнерство. Сеуште верувам дека, во кризна ситуација, традиционалните медиуми се тие што ја одржуваат репутацијата. Тие имаат огромна публика. Но, тоа не значи дека треба да се игнорираат социјалните медиуми, бидејќи тие, исто така, се многу моќна алатка. Мислам дека традиционалните медиуми не смеат да бидат игнорирани. Сеуште нивната важност е голема, да се види како традиционалните медиуми известуваат, но истовремено е погрешно да се мисли дека социјалните медиуми се неважни. Тие се многу важни. Организациите што не се огласиле преку социјалните медиуми, понекогаш можат да си нанесат штета поради тоа.

 

Maxim: Г-не Стил, вие бевте еден од предавачите на Школата за млади лидери, иницирана од претседателот Иванов. Препознавте ли лидери меѓу слушателите на Школата и која е пораката што им ја дадовте?

 

Доналд Стил: Мислам дека Школата за млади лидери на претседателот Иванов е исклучителен проект. Одлуката да се соберат потенцијалните лидери и да им се даде шансата две недели, во ова убаво опкружување, да размислуваат за нивниот сопствен стил на лидерство и да чујат некоја од идеите однадвор, е навистина привилегија, што многу луѓе ја немаат. Верувам дека плодовите од оваа инвестиција ќе се чувствуваат во децениите што претстојат. Лидерството е иднината и ние мора долгорочно да инвестираме во нашите лидери во јавниот и приватниот сектор. Она што ќе речам е дека секој пат кога доаѓам во Македонија ја чувствувам истата работа – има многу талентирани, надарени и високо образовани млади луѓе во оваа земја. Кога доаѓате во Македонија, се чувствува дека има голем извор на таленти, вклучувајќи ги и овие млади лидери, кои ве тераат да се чувствувате возбудени за иднината на земјата. Знаете, овде во Охрид седев во иста просторија со луѓе кои веднаш го разбираат она што го кажувате, кои имаат свои сопствени идеи и ги споделуваат со вас. Многумина од нив имаат по две-три дипломи. Тие се многу едуцирани, тие се бистри и интелигентни. Но, она што ме импресионираше е тоа што тие максимално ја користат оваа шанса. Секоја минута од предавањата ја користат за да создадат вредност. Тоа е добро за земјата. Ова се луѓето што разбираат дека ова е неспоредлива можност и сакаат целосно да ја искористат. Јас би рекол, доколку сакате да знаете што е потенцијалот на Македонија, доведете инвеститор во оваа просторија за тие да го видат тоа. Голема привилегија е да се биде дел од тоа. Чувствувам привилегија што бев во иста просторија со овие луѓе, кои се идните лидери и да ги гледам како учат на таков ентузијастички начин. Мислам дека Македонија треба да биде горда што има луѓе со толку многу потенцијал. Тој потенцијал, посветеност и ентузијазам го имам видено и во компаниите што претходно ги имам посетено во Македонија. И она што е многу важно, имате чувство на позитивност. Знаете, не треба да се концентрираме на тоа што не сме го постигнале, туку треба позитивно да се насочиме кон тоа што го имаме постигнато и она што ни претстои. Во таа смисла, мислам дека Македонија ќе постигне голем успех. 

31.08.2013 - 11:23

најчитано сега