Груевски: Растот на индустриското производство е позитивен показател
Премиерот Никола Груевски денеска оцени дека растот на индустриското производство во јули за 3,9 проценти и за 2,2 проценти во првите шест месеци од годинава е позитивен показател.
Најави дека како Влада ќе продолжат со активности кои ќе резултираат со позитивни движења во економијата.
- Тоа се позитивни податоци и движења и како Влада ќе продолжиме да правиме се што е во наша моќ да привлечеме што повеќе домашни и странски инвестиции. Тоа е возможно со повеќе активности во креирањето поволна бизнис клима преку менување и спроведување закони кои се во интерес на бизнисот, со промоција на земјата пред странските инвеститори, како и со решавањето на многу проблеми на бизнисмените, активност која предвидува постојана комуникација меѓу Владата и компаниите. Тоа е она што предвидува постојан напредок, изјави Груевски по промоцијата на новите наслови од проектот за превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на најреномираните универзитети.
Според него, добро е што македонската економија бележи позитивни движења во време кога во земјите од Европската унија се уште се чувствуваат последиците од кризата.
- Посебно ми е драго тоа што Македонија почнува да има позитивни движења во време кога се уште Европската унија е во сериозна криза. Тоа не значи дека таа кај нас не се чувствува, меѓутоа почнуваат одредени позитивни движења кои не охрабруваат да продолжиме со нашите активности за тие да се зајакнат и во иднина, нагласи Груевски.