Јове Кекеновски: Опозицијата покажува страв
-Не ја разбирам желбата на СДСМ и нивните максималистички барања за одговорност само на власта, а притоа да се забошоти или пак да се миноризира сопствената одговорност односно кривичната одговорност на одредени пратеници кои се однесуваа нецивилизирано и недостоинствено за функцијата пратеник во тие моменти, вели Кекеновски во интервјуто за Прес 24
Кекеновски смета дека тешко изволдива е варијантата за предвремени парламентарни избори, пред се поради ставот на ДУИ, но сепак вели дека кај СДСМ постои страв.
-Сега имаме една апсурдна ситуација која ни се повторува во неколку наврати последниве години ,,демек опозицијата сака избори, а се молат на господ истите да не се одржат”. Наместо опозицијата да зрачи со самодоверба и да покаже победнички дух, да влева доверба кај своето членство и потенцијалните гласачи, таа покажува страв, вели за Прес24, Кекеновски, посочувајќи дека на новиот лидер на СДСМ, ќе му треба малку време да се ослободи од влијанието на поранешиот претседател на партијата.
ПРЕС24: Работата на комисијата за настаните од 24 декември очигледно влзе во ќорсокак. Премиертот Никола Груевски вчера понуди две опции меѓу нив и предвремени парламентарни избори?
КЕКЕНОВСКИ: После сето она што се случувало во комисијата и откако се исцрпени сите можности за изнаоѓање компромисно решение, со оглед на значењето на овој извештај за иднината на нашата држава, нормално беше премиерот или претседателот на државата да излезат во јавноста и да понудат нова опција со која ќе се бара решенеие за излез од овој ќорскокак во кој западнаа политичките партии. Опцијата за предвремени избори е втора опција во понудениот предлог на премиерот и затоа мислам дека акцент треба да се стави на првиот предлог за излез од кризата, односно на желбата да се изнајде решение за усвојување на извештајот на Ад Хок комисијата со кое ќе се спречи добивање на негативен извештај од страна на ЕК и ќе се елиминира опасноста од губење на препораката за добивање на датум за отпочнување на преговори за наше членство во ЕУ. Новите избори доаѓаат само во ситуација доколку првиот предлог не биде прифатен од страна на опозицијата. Што значи дека сега СДСМ е на потег и тие треба да се одлучат дали ќе усвојат извештај во онаа варијанта во која им е понудено или пак ќе одат нови избори, што за мене ова второво е малку веројатно!.
ПРЕС24: Груевски ова како решение го нуди со цел да се спречи уназадување на евроинтегративниот процес. Дали постојат други алтернативи?
КЕКЕНОВСКИ: За жал во овој момент не постојат други алтернативи од причина што обврската да се усвои извештај на Ад Хок комисијата за случувањата од 24 декември минатата година се обврска која ја превземаа и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ со потпишувањето на Договорот од 01 март 2013 година со посредство на претставници на ЕУ. Во договорот е јасно кажано дека овој извештај ќе биде составен дел на есенскиот извештај на Европската Комисија за 2013 година. Што значи дека тој мора да биде усвоен без разлика на последиците кои ќе произлезат од неговото усвојување (мислам на последици по однос на учесниците, инспираторите и налогодавачите на немилите случувања кога се носеше буџетот на државата). И оттаму не ја разбирам желбата на СДСМ и нивните максималистички барања за одговорност само на власта, а притоа да се забошоти или пак да се миноризира сопствената одговорност односно кривичната одговорност на одредени пратеници кои се однесуваа нецивилизирано и недостоинствено за функцијата пратеник во тие моменти.
Со неусвојувањето на извештајот на комсијата по којзнае кој пат на виделина се покажа незрелоста на дел од политичките елити и нивната неспособост од пиедесталот да го тргнат теснопартискиот интерес во име на националниот интерес. Најголем дел од граѓаните на Рeпублика Македонија мислеа дека периодот на адолесценција на некои политичари во нашата држава е минато свршено време, меѓутоа последниве случувањата ни го негираа сето тоа. Не се работи за немање на капацитет, туку за инает и отсуство на желба да се реши проблемот и за политички егоизам со кој се мисли дека ќе се набилда сопствениот рејтинг наспроти мислите и заложбите за доброто и иднината на своите сограѓани и сопствената држава. Се работи политичка миопија (кусогледост) и незрелост со која се наруши и дополнително се извалка имиџот на државата пред меѓународната јавност.
ПРЕС24: Идејата за предвремени избори критичарите на власта ја окарактеризираа како погрешен потег. Но, од друга страна токму СДСМ уште на 25 декември бараше да се оди на предвремени избори како единствен начин за враќање на легитимитет на Парламентот. Зошто сега би било спорно предвремени избори да бидат решение за враќање на легитимитетот и има ли страв кај опозицијата, поточно кај СДСМ од предвремени избори? Кај е стравот?
КЕКЕНОВСКИ: Критичарите на власта забораваат дека основна интенција на секоја политичка партија е што е можно повеќе да ја практикува власта, и оттаму во оној момент кога власта ќе мисли дека има најдобар рејтинг, односно дека може да победи, тогаш таа го одредува тајмингот за одржување на избори, се разбира доколку има мнозинство да го распушти законодавниот дом. Впрочем опозицијата е таа која во секој момент треба да биде спремна на избори. Сега имаме една апсурдна ситуација која ни се повторува во неколку наврати последниве години ,,демек опозицијата сака избори, а се молат на господ истите да не се одржат”. Наместо опозицијата да зрачи со самодоверба и да покаже победнички дух, да влева доверба кај своето членство и потенцијалните гласачи, таа покажува страв. За опозицијата е спорно распишување на предвремени парламентарни избори од причина што тие во овој момент сеуште не се подготвени за избори, сеуште работат на реформирање и на “ребрендирање” на партијата, зошто имаат проблем со своите парламентарци кои во најголем дел не би биле повторно кандидирани доколку сега се одржат изборите и поради фактот што ќе им треба малку подолго време да ја имплементираат нивната наводно ,,нова приказна” во која сеуште е на површина стариот политички капитал. Меѓутоа без разлика на се опозицијата е таа која не треба да покажува страв од нови избори и да вели дека нема да учсетвува на нив.
ПРЕС24: Интересен момент е тоа што Заев пред два дена рече дека СДСМ повеќе нема да учествува на како што тој ги нарекува криминални избори. Колку една ваква одлука би била полезна за СДСМ. И колку таа е од релални, а колку од субјективни причини, во смисла како алиби за евентуален изборен неуспех?
КЕКЕНОВСКИ: Мене не ми е јасно како сега одеднаш локалните избори на кои учествуваше опозиција наеднаш стануваат криминални и доколку биле такви зошто истата таа опозиција веднаш не ги оспори резулатите и не се повлечеше по завршувањето на истите. Зошто нивните избрани градоначалници и советници доколку биле избрани на криминален начин и понатаму продолжуваат да ги извршуваат своите функции во единицата на локалната самоуправа и за тоа земаат солидни хонорари. Впрочем и извештајот на странските набљудувачи за текот на локалните избори со извесни мали забелешки главно беше позитивен. Да ве потсетам само дека и за претходните парламентарни избори опозицијата тврдеше дека се нелегитимни, но притоа забораваат дека тие избори беа признати од страна на поранешниот лидер на СДСМ и тоа само петнаесетина минути по првично добиените неофицијални резултати. Секое бојкотирање на изборите е само на штета на демократијата и демократските процеси и на штета на интересот на своите членови и симпатизери и на останатите граѓани кои ќе немаат можност во законодавниот дом или во единицита на локалната самоуправа (ако се работи за локални избори) да имаат опозиција која ќе биде коректор на работата на партиите на власт. Впрочем во овој момент има и други партии кои се опозиција, но немаат на ист став со СДСМ по однос на распишувањето на нови предвремени парламентарни избори.
ПРЕС24: Хипотетички, можен ли е пуч во СДСМ и враќање на Црвенковски на голема врата во слулчај на пораз на СДСМ на овие евентуални редвремени парламаннтарни избори?
КЕКЕНОВСКИ: Кога сме веќе кај Црвенковски мислам дека непотребно му се дава преголемо значење и непотребно од страна на власта се потенцира неговата улога во овој момент. Црвенковски е минато свршено време во политиката и политичките случувања во Република Македонија. За неговата политичка работа позитивно или негативно ќе судат идните генарации. Секој обид за негово враќање во политиката ќе биде само контрапродуктивно за партијата и истото ќе може да се поистовени со обид за колективно самоубиство. Јас мислам дека тоа не е негов приоритет и заложба.
ПРЕС24: За распишување на предвремени избори е потребно мнозинство кое владеачката ВМРО-ДПМНЕ во моментов го нема без ДУИ. Можна ли е нова политичака криза ако не се постигне мнозинство за нови избори и ако Македонија до 16 октомври не го затвори ова прашање со адхок комисијата за настаните од 24 декември?
КЕКЕНОВСКИ: Токму така, без ДУИ која јавно кажа дека не се за нови избори, туку за нив приоритет се решавање на спорот со името, доследно исполнување на копенхашките критериуми и евроатланската перспектива на Македонија, не е можно распишување на нови избори. Значи тие не бегаат од нови избори и ќе учествуваат на нив доколку така се договорат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, што во овој момент е малку веројатно. Ова пак од друга страна значи дека во овој момент Груевски има проблем со потребниот минималем број на потребни гласови за распуштање на Собранието и распишување на нови избори. Меѓутоа мораме да имаме во предвид дека неколкумина пратеници и партии кои беа коалиција со СДСМ сега не се на истата позиција со нив и затоа можно е тие да гласаат за распуштање на Собранието и за нови избори. Исто така сеуште не знаеме како ќе гласаат пратениците на ДПА и на партијата на Руфи Османи. Секако дека понатамоното одвивање на случувањата пред се ќе зависи од тоа што денес (недела) СДСМ ќе одговори на вчерашната понуда на Груевски, но како и да е јас очекувам дека ќе биде одбиена понудата за распишување на нови избори. Очекувам во иднина политичката криза се повеќе да се продлабочува, опозицијата да се радикализира и да имаме се тензични односи на релација ДПМНЕ – СДСМ, па дури и повторен бојкот на Собранието од страна на дел од опозицијата.
ПРЕС24: СДСМ изминаиве денови тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ е страната која го блокира носењето на извештајот со образложение дека не прифаќа уставни прекршувања. Власта пак понуди варијанта со надгласување, па и избор на нов претседател да се дојде до заклучоците на комисијата. Како Вие го коментирате тоа?
КЕКЕНОВСКИ: Па тоа е единствен начин доколку сакаме да имаме ,,каков-таков” извештај кој би ја задоволил формата, но не и суштината на обврската од мартовскиот договор. И таков извештај во моментов е подобар отколку никаков, зошто несогледливи ќе бидат последиците по однос на иднината на нашата држава од губењето на препораката за добивање на датум за отпочнување на преговорите за наше членство во ЕУ.
ПРЕС24: Премиерот вели дека СДСМ и новото раководство живее во заробеништво на поранешниот лидер Црвенковски. Колку има вистина во оваа теза? Како Заев и партијата можат да излезат од сенката на Црвенковски?
КЕКЕНОВСКИ: Реков и претходно дека непотребно се глорифицира позицијата и улогата на Црвенковски врз работата на новото раководство на СДСМ од страна на членовите на најтесното раководство на ДПМНЕ и тоа контрапродуктивно влијае кај граѓаните во нашата држава. Во една ваква ситуација кога од изборот на новиот лидер и новото раководство на СДСМ се поминати само неколку месеци, кога во најголем дел ја имате истата партиска структура, истиот пратенички состав, можеби и се чувствува некое мало, но секако не и пресудно или доминантно влијание. Тоа ви е исто како и кога некој човек од некоја институција ќе замине во пензија и вие да очекувате тој повторно да има некое големо влијание!!!. Тоа практично е невозможно макар тоа и да бил првиот човек на таа институција. Како поминува времето неговото влијание е се помало, и на крај истиот тој пензионер станува терет за неговите довчерашни најблиски соработници. Така е и во политиката, како ќе минува времето и онака малото влијание ќе станува се поминорно, па дури и терет. И оттаму за потполно и целосно ослободување од влијанието на Црвеновски, на Заев ќе му треба малку време. Тие веќе работат на поставување на свои блиски соработници во локалните организации, сменет е начинот на избор на лидери на истите во статутот на партијата, дополнет е бројот на членови на Централниот одбор со свои луѓе, имаат веќе поставено свои блиски соработници во извршниот дел на партијата и тоа е рецептот за елиминирање на секое влијание па дури и на поранешен претседател на партијата.
ПРЕС24: Препознавате ли нова политика, нови идеи кај новото раководство на СДСМ?
КЕКЕНОВСКИ: Сигурно е дека има извесен напредок во функционирањето на СДСМ и тоа е добро за демократијата во Македонија, но мислам дека е потребно малку повеќе време и посвежи идеи во делот на партиската реформа за да може СДСМ да стане сериозна политичка конкуренција на владеачката ВМРО ДПМНЕ. Нема потреба од пресликување на она што го работи ДПМНЕ, туку се потребни оригинални идеи и доближување до граѓаните, кое досега не им успеваше. Исто така мора да се има во предвид дека новиот лидер на СДСМ во овој момент има сериозна конкуренција и од своите некогашни сопартијци Бучковски и Јакимовски кои веќе се во фаза на формирање на нови политички субјекти и сите атакуваат на исто гласачко тело.