Попоски: На Грција и одговара статус кво ситуација

 

И по ова лето остана впечатокот дека на Грција и одговара статус кво ситуацијата и спорот за името не е нејзина преокупација. Затоа и очекувано Самарас во континуитет одбива средби, вели Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија.

- Да, очигледно цели кон според него најдоброто решение: статус кво. Зошто поинаку би се избегнувал разговор со колега од соседна земја, со која неговата е поврзана во многу позитивни аспекти. Постои конзистентност сепак зошто и порано се залагал за вакво нерешавање на овој проблем. Тоа е покомфорно отколку да се зафати со прашање кое сега не е преокупација на Владата, вели Попоски за еВести.

За можен иден притисок кон Грција за побрзо решение за името, Попоски не е оптмист.

- Притисок врз Грција за ова прашање во сегашните околности не е замисливо. Многумина се фрустрирани, но се води сметка за околностите. Сите нас не преокупира кризата низ која минува земјата и последиците од неа. Македонија, исто колку и САД или другите сојузници, има интерес Грција да тргне во позитивен правец. Алтернативата е застрашувачка и има лик на момци со црни маици кои ги заменуваат институциите на државата, таму каде тие оцениле дека не се ефикасни. Без економски пресврт, тие се истовремено барем трета најмоќна политичка сила. Ниеден добронамерник од надвор не е рамнодушен кон еден таков развој. Со тој ризик во обзир, секој размислува три пати пред да стори макар и „п“ од притисок, појаснува тој.

Според него, Македонија ја има поддршката од НАТО и ЕУ, ама клучно е однесувањето на официјална Атина. Смета дека мора да се работи на односите со соседите, како што тоа Македонија досега го правеше, и вели дека е возможно земјата да добие датум за преговори во декември.

- Тоа повторно најмногу зависи од соседот. Ако таму имаме промена, ќе биде на сечие задоволство по што ќе може да почнеме преговори. Ќе направиме се што можеме да ја подигнеме довербата и нивото на комуникација. Во прилог ни е да бидеме пријатели со Грција. Не мислам дека е невозможно, потенцира шефот на дипломатијата Попоски.

 

26.08.2013 - 08:31
Фото: 
влада.мк

најчитано сега