Попоски ќе ги подучува децата од летниот камп „Ја сакам Македонија“

Денеска министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, во Охрид ќе одржи предавање нa летниот камп ” Ја сакам Македонија” . На кампот учествуваат 35 деца припадници на македонските национални малцинства од соседните земји, а предавач е професор по македонски јазик предложен од Универзитетот “ Гоце Делчев” Штип, информираат од МНР.

Овој настан претставува дел од проектот на Владата на Република Македонија „Далеку, а блиску”, чија главна цел е подигнување на нивото на познавањето на македонскиот јазик меѓу припадниците на македонските национални малцинства во соседните земји и македонските заедници во дијаспората. Летниот камп “ Ја сакам Македонија и оваа, втора година по ред, се одржува во хотелот  „Конгресен Центар” во Охрид , а предвидено е да трае до 25 август. Настанот, има за цел да го подобри познавањето на мајчиниот јазик на целната група и едновремено да се создаде поголемо заедништво помеѓу Македонците од соседните земји.

-Освен наставната компонента, учесниците имаа можност да се запознаат со културно – историското наследство на Охрид и околината, да присуствуваат на театарска претстава во склоп на “Охридско лето” и да проследат проекции на документарни филмови за историјата на Македонија и македонскиот народ. Споменатата програма е во насока на популаризирање на културните достигнувања на Република Македонија и уште повеќе зајакнување на културниот и националниот идентитет на на припадниците на македонскиот народ кои живеат надвор од границите на Република Македонија, стои во соопштението од МНР.

Предвидено е, секоја година да се зголемува бројката на учесници на кампот, а право на учество да имаат сите Македонци, без разлика на кој дел од светот живеат, што  укажува дека овој проект полека прераснува во една традиција којашто ги обединува Македонците од дијаспората и македонските национални малцинства од соседните земји,  во Република Македонија.

 

23.08.2013 - 10:07
Фото: 
mfa.gov.mk

најчитано сега