Турските бизнисмени сакаат да јадат кочански ориз

 

Турски бизнисмени се заинтересирани за откуп на кочански ориз. Сметаат дека сортите се квалитетни и дека одговараат на барањата на турскиот пазар.

- Кочанското поднебје и околината нудат квалитетен ориз за кој сме заинтересирани да го откупиме. Мојата фабрика годишно преработува 25.000 тони арпа. Доколку се биде според договорот, наесен одредени количини ориз ќе откупам од овој регион, вели Јусеин Ајбаш, сопственик на фабрика за преработка на ориз во градот Едрене.

Поддршката од Турција во делот на оризопроизводството продолжува. Тим турски експерти пред неколку месеци постави опит во Кочанско за одгледување четири нови сорти како дел од соработката меѓу турската компанија ТИКА и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Земјоделци од Штипско, Кочанско и Виничко добија по 200 килограми семенски материјал, а сеидбата, вегетацијата и заштитата ја следеше Земјоделскиот институт.

По денешната посета на опитот, експертите оценија дека сортите одлично напредуваат. За неполн месец, како што изјавија, се очекуваат и првите приноси.

- Посетата е од особено значење за нас. Ја продолжуваме почнатата соработка  во делот на пробното производство во кочанскиот крај, изјави Влатко Минов, раководител на Подрачната единица на Министерството.

Земјоделците од проектот очекуваат, пред се, добивање квалитетен семенски материјал, но и промена на навиките во производството. 

22.08.2013 - 15:48
Фото: 
gladijatori.com

најчитано сега