Никола Попоски: Нашите позиции беа реципрочна и достоинствена основа
Екс министерот за надворешни работи и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски во интервју за Прес24, за прв пат открива детали како се воделе преговорите со Бугарија за текстот на договорот. Попоски посочува дека позициите на македонската страна биле да се постигне рамноправност и реципроцитет на сите точки од договорот.
-На ниво на работни групи, текстот го доби денешниот костур, со пет или шест празни полиња. За секое такво поле имаше по неколку варијанти на македонски и бугарски предлози, кои се разликуваа. На крај, идејата беше за овие полиња да се постигне компромис или можеби да се изостават целосно. За илустрација, тоа би значело: ако едните сакаат да се спомнува заедничка историја со се комисии, а другите бараат јазик без релативизирање со устав, да се прифатат двете забелешки. Спротивно, ако остане јазикот според устав, оти така било во изјавата од 1999 година, тогаш да нема ни заедничка историја со комисии, оти истите ги нема во истата таа изјава од 1999 година. Тоа би било во европски дух и буквално, компромис, вели Попоски во интервјуто за Прес24.
Тој вели дека инсистирањето на Бугарија за историските комисии во договорот има за цел таа да си обезбеди простор за идни блокади на Македонија при процесот на членство во ЕУ.
- За историската комисија, веројатно намената е да се стави во погон паралелно со пристапните преговори за членство во ЕУ. Идејното решение е Историската комисија да прерасне во некое наше чистилиште на патот кон просветление. Колку побрзо ќе се просветлуваме, толку поблиску ќе е членството. Сум учел многу математика и малку историја во животот, што значи дека сум пристрасен. Но, според мене, ако оправувањето на историјата стане поважно од економската интеграција во Европа тогаш веројатно Монет и Шуман на оној свет би требало сериозно да се вознемирени околу патот што сме го одбрале, вели Попоски во интервјуто.
Екс шефот на дипломатијата смета дека и покрај се, Македонија мора да покаже дека е добар домаќин и посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов закажана за 1 и 2 август мора да помине без какви било инциденти.
-Тоа не смее никако да се случи и институциите треба да ги преземат сите мерки. Се работи за посета на Премиер на наш сосед и пријателска земја и не смее да го нарушиме нашиот беспрекорен имиџ на гостопримство, вели Никола Попоски во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Според најавите на 1 август Македонија и Бугарија треба да го потпишат договорот за добрососедство. Владата го објави текстот на договорот. Дали ваков како што е сега овој договор, тој е на штета или не на националните интереси на Македонија?
ПОПОСКИ: Овој текст ги исполнува сите барања од прво до последно, на бугарската страна. Тоа е добро за нив и треба да им се честита. Но, не затвора ниту едно од клучните оспорувања на наша сметка, поврзани со јазик, народ, самобитност, историја или на пример, ревизиски комисии. И тоа не е можеби драма, доколку немаме претходни болни искуства. Но, ги имаме. Затоа јавноста е загрижена за тоа како ваков договор би се применувал. Клучот е во примената.
ПРЕС24: Има ли какви било промени на она што беа спорни точки, на кои запреа разговорите во времето кога Вие бевте министер, во сегашниот текст што го имаат усогласено новата македонска влада и Бугарија?
ПОПОСКИ: На ниво на работни групи, текстот го доби денешниот костур, со пет или шест празни полиња. За секое такво поле имаше по неколку варијанти на македонски и бугарски предлози, кои се разликуваа. На крај, идејата беше за овие полиња да се постигне компромис или можеби да се изостават целосно. За илустрација, тоа би значело: ако едните сакаат да се спомнува заедничка историја со се комисии, а другите бараат јазик без релативизирање со устав, да се прифатат двете забелешки. Спротивно, ако остане јазикот според устав, оти така било во изјавата од 1999 година, тогаш да нема ни заедничка историја со комисии, оти истите ги нема во истата таа изјава од 1999 година. Тоа би било во европски дух и буквално, компромис.
ПРЕС24: Целата оваа ситуација со односите со Бугарија има е ден парадоксален тек. во деведесетите, СДСМ и историчарите блиски до таа партија критикуваа се што беше во насока на некаква блиска соработка со Софија, ВМРО-ДПМНЕ беше промотор на таа политика. Денес ВМРО-ДПМНЕ ја има улогата што СДСМ ја имаше. Што се промени во овие релации? Се согласувате ли со критиките дека ова ВМРО-ДПМНЕ денеска е поблиску и под влијание од Белград?
ПОПОСКИ: Мислам дека ова денес нема врска ни со Белград, ни со Софија. Соседите чувствуваат дека е период за подароци. Веројатно и Манила да ни побара нешто, ќе добие без дискусија. Воедно, во 1999 година, СДСМ беше изрично против зближување. Денес, двете најголеми партии се за блискост и пријателство со Бугарија. Разликата е во методот. Едните очекуваат тоа да е на реципрочна, достоинствена основа. Другите се водат од максимата: наведната глава, сабја не сече. Не е добро да се натпреваруваме дома во тоа кој е поголем патриот. Македонија е на сите нас, подеднакво. Но, најштетно е ако се создаде впечаток дека тој што владее нема долна граница во задоволувањето на желби. Тогаш не смееме никому надвор да се лутиме, оти кај нас е проблемот.
ПРЕС24: Владата и Премиерот Заев велат дека потпишувањето на договорот не значи и дека во таква форма ќе биде ставен на ратификација пред Парламентот. Дека по потпишувањето ќе следи јавна расправа. Колку е веројатно и можно веќе потпишан текст на договор да претрпува измени? Какви се дипломатските протоколи за вакви договори?
ПОПОСКИ: Ако е потпишан текстот, или се ратификува од Собранието или не. Да се расправа после потпишување е исто како после свадба, да удрат тапаните. Нема поента.
ПРЕС24: Може ли да се случи овој договор да биде потпишан и ратификуван, но во пракса да остане „мртво слово на хартија“, на такво нешто предупредуваат експертите во Бугарија?
ПОПОСКИ: Едно е искуството на Грција со Времената спогодба, која е потпишана и никогаш не е ратификувана во грчкиот Парламент. Второто е да биде ратификуван договорот, но сепак свесно или не, да затаи примената.
ПРЕС24: Овде Ве прашувам пред се околу оние комисии кои треба да се формираат и кои треба да работата на одредби од историјата во учебници, заеднички настани историски.. Колку реално тие комисии можат да сработат нешто во пракса?
ПОПОСКИ: За историската комисија, веројатно намената е да се стави во погон паралелно со пристапните преговори за членство во ЕУ. Идејното решение е Историската комисија да прерасне во некое наше чистилиште на патот кон просветление. Колку побрзо ќе се просветлуваме, толку поблиску ќе е членството.
Сум учел многу математика и малку историја во животот, што значи дека сум пристрасен. Но, според мене, ако оправувањето на историјата стане поважно од економската интеграција во Европа тогаш веројатно Монет и Шуман на оној свет би требало сериозно да се вознемирени околу патот што сме го одбрале.
ПРЕС24: Според критиките најспорен дел од текстот на договорот е оној за македонското малцинство во Бугарија. Ако Македонија од тоа право се откажа 1999 година, како денеска би можела во еден таков договор таквото право да го врати?
ПОПОСКИ: Во 1999 година сме изјавиле кон Бугарија, тоа што сме договориле по Времената спогодба кон Грција а се однесува на сите држави: дека нема да се мешаме во нивните внатрешни работи, штитејќи ги интересите на Македонците надвор од Македонија, што пак ни е уставна обврска.
Ова не е спорно ако е во двата правци. Проблемот е што ниту едните, ниту другите не сакаат да е симетрично кон нас и кон нив. Даваат изговори кои не држат вода, но се сведуваат на: „Ви наметнуваме зошто можеме, навикнете се на тоа. Во суштина процениле дека тоа ќе помине кај нас и затоа се тука.
ПРЕС24: Можни ли се инциденти на 1 и на 2 август, кога во Македонија треба да дојде бугарскиот премиер, Бојко Борисов?
ПОПОСКИ: Тоа не смее никако да се случи и институциите треба да ги преземат сите мерки. Се работи за посета на Премиер на наш сосед и пријателска земја и не смее да го нарушиме нашиот беспрекорен имиџ на гостопримство.
ПРЕС24: Некои аналитичари сметаат дека потпишувањето на договорот со Бугарија пред се и е потребна на новата македонска дипломатија, како некаков исчекор во односите со соседите, особено по неуспешната посета на Атина?
ПОПОСКИ: Дадени се плејада нереални ветувања пред изборите. Во голем број случаи, како за просечната плата од 30.000 денари, Владата е свесна дека нема капацитет да ги испорачува. Како компензација, цели кон гестови кои ќе ги направат среќни соседите. Тоа не е лошо само по себе. Но, во случајов се работи за политика на „не можете вие ни да ни побарате, колку што можеме ние да ви испорачаме“.
ПРЕС24: Иако со многу ентузијазам новата влада влезе во обид да ги придвижи состојбите во поглед на прашањето за името, сепак изјавите од Атина како да беа студен туш. Мислите ли дека новата влада има стратегија за ова прашање, или?
ПОПОСКИ: Не може ништо друго ниту да се очекува. Владата појде со замисла дека во Атина ќе ги дочекаат со Шампањско за поддршка. Се вратија со заклучок дека претходната Влада добро ја водела работата и односите, па затоа ќе продолжеле по тој пат, со имплементација на Мерките за градење доверба. Добро е што многу рано доаѓа оваа корекција, за да може да се прилагоди во од. Во однос на стратегијата, се сведува на тоа дека треба да се земе тефтер и да си испорачаме се што ни се бара, како што ќе ни кажат. Не се бара да не почитуваат. Тоа го разбираат соговорниците и соодветно се поставуваат. Ако резултатот од таквата политика е брз влез во НАТО, почеток на преговори со ЕУ, за по 4-5 години да има мед и млеко, тогаш можеби ја погодиле рецептата. Но, тоа ќе може само тогаш да го заклучиме. Сега, може само да погодуваме, што е неблагодарна работа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа