Седум македонски уметници на студиски престој во Париз во 2013 година
Со поддршка на Министерството за култура, во 2013 година на седум македонски уметници им е овозможен двомесечен студиски престој во реномираното ателје „Меѓународен град на уметностите“ во Париз.
Во првата половина на годината, студиски престој реализирале македонските уметници Катерина Апостолска, Агрон Салиу, Аднан Алили, Ниче Василев и Петра Јовановска Ристовска, а од септември до крајот на годината можност за размена на искуства со уметниците од Франција и од другите држави и за договарање идна соработка со соодветни галерии ќе добијат и реномираните автори Илија Пенушлиски и Синиша Кашавелски.
За време на престојот во Париз, ликовните уметници имаат можност да претстават свои изложби во салите на фондацијата „Меѓународен град на уметностите“, а музичките уметници одржуваат концерти за резидентите како и за поширока публика.
Министерството за култура во 2000 година склучи Договор со фондацијата „Меѓународен град на уметностите-Париз“ со кој на македонските уметници на располагање им е ателје кое ќе се користи до 2060 година.
Фондацијата „Меѓународен град на уметностите“ располага со 317 ателјеа од кои 102 и припаѓаат на Франција. Останатите ги користат уметници од други држави кои имаат можност да се презентираат пред француската публика.