Пратениците ќе расправаат за Платформа за името и интеграциите
Пратеникот на Либералната партија, Ивон Величковски до парламентот денеска поднел предлог на Платформа за европските и евроатланските интеграции и решавање на спорот со Република Грција во врска со името на Република Македонија. Во платформата, за која пратениците ќе треба да расправаат дадени се основни насоки по кои Македонија, Владата и Парламентот и сите политчки партии треба усогласено да се водат кога станува збор за стратешкиот интерес за интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ.
Како прва насока партијата на Величковски предлага да се усвои дека интегрирањето на Република Македонија во северно атланската алијанса НАТО и Европската Унија е јасен и врвен приоритет на убедливотот мнозинство граѓани на Република Македонија, без оглед на нивната етничка, религиска, социјална, политичка и друга припадност.
Во втората насока се посочува дека исполнувањето на критериуимите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ и решавањето на спорот со Грција се поврзани сегменти од истите процеси. Понатаму во тесктот на Платформата се предлага сите политички фактори во земјава да се согласат со тоа дека македонскиот јазик, односно идентитетот нема да биде тема на разговорите за спорот со Грција.
„Според тоа, треба да се напушти практиката да се бара посебно признавање на македонскиот јазик како дел од македонскиот национален идентитет затоа што со таквото барање практично се воведува македонскиот национален идентитет како тема во преговорите“ - стои во Платформата поднесена од лидерот на ЛП.
Величковски предлага, со закон да се забрани користењето на знамето со сонцето од Кутлеш како картата на етничка Македонија во јавни настапи да се санкционира со закон, за да се отстрани можноста, Грција да ја обвинува Македонија за непријателска пропаганда.
„Како елемент од тој поим во Привремената согласност е означен симболот што Република Македонија го користеше на своето знаме до стапување во сила на Согласноста. Може да се заклучи дека втор таков елемент е користењето на картата на географската територија Македонија, што кај Грција создава сомневање за наши прикриени територијални претензии и ја поткопува убедливоста на нашата изјава за толкување на Амандманот на членот 3 од Уставот. Оттука, нашето откажување од „непријателска пропаганда“ и од наши територијални претензии кон Грција ни создаваат обврска за спречување на употребата на овие два симболи во разни јавни прилики и во или од јавни институции.
Бидејќи Република Македонија е должна да ги почитува преземените обврски, потребно е со посебен закон да го спречи и санкционира користењето на овие симболи. Тој акт ќе биде користен од наша страна и во контактите со специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН“ - стои во Платформата поднесена до Собранието.
Величковски предлага, политчките фактори во земјава да се обврзат дека спорот со името нема да се користи за партиски интереси.
„ Со оваа Платформа се утврдува дека спорот со Република Грција не е прашање на една партија, една Влада или една личност.
Затоа, се утврдува потребата од комплетно меѓусебно разбирање и усогласување на сите политички фактори во државата и нивно перманентно учество во остварувањето на Платформата.
Постојат услови за такво единство и треба тоа да се оствари. За таа цел предуслов е да престанат обидите со исфорсирани разлики да се стекне строго партиска корист од дневно-политички карактер, со што земјата се онеспособува успешно да го реши спорот и да ја гради и зацвстува својата меѓународна позиција.“ - предлага Величковски.
Тој инсистира, Владата, Собранието и политчките партии да се обврзат дека успешно ќе ги остваруваат политиките предвидени во неговата Платформа а за динамиката на нејзиното остварување, Владата да го информира Собранието а тоа да расправа по оваа точка најмалку 2 пати годишно