Роберт Алаѓозовски: Шарената фасада на министерството ќе остане како дело на слободниот дух
Новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски ветува дека културните дејци и уметниците ќе добијат искрен партнер и сојузник во Министерството за култура, кој нема да ја гуши и инструментализира нивната уметничка креативност и слобода, туку ќе ја негува и поддржи.
Во првото негово интервју за Прес24, Алаѓозовски посочува дека неговата идеја е преку поддршката на голем број проекти и организации, на проекти кои вклучуваат учество на публика, развој на публика, едукација на публика, преку проекти кои се случуваат надвор од тесниот центар да им овозможи на што поголем број граѓани да искусат и да се едуцираат за култура. Тој концепт тој го нарекува „Културна демократија за доближување на културата до секој граѓанин“.
- Ниту еден проект нема да сопре, ниту да трпи опструкции! Годишната програма на Министерството е среде реализација, и ние ќе сториме сè што е во наша можност таа да се оствари, онака како што доликува, во интерес и на граѓаните и на нашата земја. Но, уште веднаш да нагласам дека сите проекти ќе треба да се изработат квалитетно. Тоа е она што го очекуваме, тоа што ќе го поддржиме и пофалиме. Тоа што не чини и што бара интервенции, ќе го коригираме веднаш. Видливите подобрувања и новите културни политики ќе следат и ќе бидат видливи веќе во наредната година, со првата годишна програма која ќе ја креираат луѓето од Министерството за култура, со помош и поддршка на новото раководство, вели Алаѓозовски во интервјуто за Прес24.
Новиот министер за култура е на иста линија со Премиерот Заев, иако за него „Скопје 2014 е масакр врз културата и добриот вкус, врз естетиката на градот и јавниот простор“, сепак првичните проценки велат дека зафатите за отстранување би биле прескапи.
-Затоа, нема да се руши. Ќе ја скенираме состојбата на објектите, кои се под надлежност на Министерството за култура. Ќе разговараме со стручњаци, ќе отвориме вистинска и суштинска јавна расправа, со сите компетентни и засегнати страни. Има идеи за поинаква намена на дел од објектите, за можни интервенции со поскромни средства коишто на дел од објектите би им дале некаков поинаков, модерен печат. Ќе видиме кави конкретни решенија ќе произлезат од таа расправа, вели новиот Министер за Култура, во интервјуто за Прес24.
- Што се однесува до поставувањето на спомениците на значајните личности – Албанци, за оние што се готови ќе започнеме процес на консултација, со цел тие обележја да бидат поставени на соодветно место, на достоинствен и законски пропишан начин, кој нема да послужи како повод за заострување на етничките тензии, туку ќе послужи како пример за нашата меѓусебна почит.Доколку постојат и обележја кои биле договорени, можеби поминати во некаква процедура но не се нарачани и направени, ќе предложиме тие средства да се потрошат на живите уметници и културни дејци – Албанци, кои се оставени на маргините на културниот живот во секоја смисла и биле вон фокусот на културните политики, честопати третирани како процент. Не само за Албанците, ќе се трудиме да помогнеме за создавање на што повеќе услови за културен живот кај сите заедници, потеницира Алаѓозовски во интервјуто.
“Нестандарниот министер“ како што го нарекоа по неговиот избор, поради неговиот имиџ, ќе раководи од министерството за Култура, веројатно како единствена институција на која ќе останат трагите од боја од „шарената револуција“.
-Таква интервенција, воопшто не е приоритет наспроти сите проблеми коишто ги наследуваме. Шарената фасада е дело на слободниот дух на граѓаните, на една културна револуција пред се. Таа фасада во нејзината денешна форма, претставува и една мала историја. Подоцна ќе разговораме во каква форма ќе ја оставиме фасадата на објектот. На зградата и е потребно кречење и обновување на работниот простор. Надворешноста, засега, е сосема во ред, вели Роберт Алаѓозовски, министер за култура во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Од сите предлози за нови министри во новата Влада, вашето име веројатно беше едно од најизненадувачките и предизвика, барем според најголемиот дел од јавноста позитивни реакции... Дали ова го чувствувате како зголемен притисок и мотивација, или пак „нестандарниот“ имиџ (досега непознат за министер во Македонија) ги освои симпатиите на јавноста?
АЛАЃОЗОВСКИ: Позитивните реакции се секако мотивација, но будат и чувство на голема одговорност, и кон културната заедница од која доаѓам, и кон целата јавност којашто повеќе изрази задоволство што доаѓа човек од фелата, од граѓаните чијшто нестандарден имиџ е доказ за истрајноста во своите убедувања.
Со чесно работење и рационално менаџирање на средствата, кои и онака се традиционално мали за овој ресор (со исклучок на оние кои досегашната гарнитура ги потроши на мегаломански зафати со многу проблеми кои допрва ќе се појавуваат), ќе се обидеме да ги оправдаме тие симпатии и очекувања.
Илузија е да се очекува дека ќе ги исполниме сите барања, ќе има и компромиси, веројатно и разочарувања. Но, едно е сигурно: културните дејци и уметниците ќе добијат искрен партнер и сојузник во Министерството за култура, кој нема да ја гуши и инструментализира нивната уметничка креативност и слобода, туку ќе ја негува и поддржи.
ПРЕС24: По преземањето на фукнцијата најавивте „Културна демократија за доближување на културата до секој граѓанин“ како и „слободарски и европски вредности што ќе овозможат услови за придвижување на целиот културен сектор“. Што подразбирате под ова? И дали културата во Македонија досега беше сегмемнт од општеството за елитите?
АЛАЃОЗОВСКИ: Културата одеше низ многу тесни канали. Се создадоа непишани, но цврсто спроведувани правила кој добива шанса да се изрази во културата. Одреден број уметници и културни институции беа привилегирани, а другите добиваа минимални шанси, колку да се зачува кревкиот баланс. Голем дел од луѓето од фелата беа доведувани во состојба на зависност и послушност, запоставувани, потценети, оставени сами на себе, игнорирани, или пак стигматизирани поради нивната независност или критика. Нивните очекувања се големи, и тоа со право.
Ние културата ќе ја отвориме кон сите културни дејци затоа што немаме скриени агенди. Шанса да се занимаваат со култура ќе добијат сите. Нема да цензурираме никого, иако сме за тоа да се зачува културата и уметноста, од говор на омраза, стереотипизирање и други негативни состојби на умот.
Нашата идеја е преку поддршката на голем број проекти и организации, на проекти кои вклучуваат учество на публика, развој на публика, едукација на публика, преку проекти кои се случуваат надвор од тесниот центар да им овозможиме на што поголем број граѓани да искусат и да се едуцираат за култура.
Нема да биде воопшто тешко да имаме подобро министерство и културни политики од оние што оставија таков печат, кој го „опеа“ целиот свет.
ПРЕС24: Спеак и покрај позитивните ракции, вешето назначување за министер наиде на реакции од опозицијата, особено по онаа фотографија, која беше дефинирана како новиот Ваш тим. Реакциите повеќе беа за некои личности кои и во минатото биле дел од ова министерство, како и за некои други... Прва дали таа фотогафија е Вашиот тим, второ дали тоа може да ви биде некој вид терет во раководењето на министерството?
АЛАЃОЗОВСКИ: Тоа беа претставници на граѓаните. По одлуката на поранешната министерка да нема камери на примопредавањето јас одлучив како контратежа на таквата политика, да дозволам и камери и граѓани да влезат, да го видат кабинетот од кадешто многу одлуки се носеа и ќе се ноосат во полето за културата. Им ветив дека ќе ги вклучувам граѓаните во своите одлуки и дека тие ќе бидат контролори на работата. Тоа беа претставници на разнороден број активни и критички граѓани, коишто ќе продолжат со таа нивна мисија.
Досега се боревме заеднички за подобри состојби во културата, но и воопшто во нашата земја, поминавме низ времиња во кои голем дел од нас беа оцрнувани, без ниту една валидна причина. Сега имаме и реална шанса, сите ние, да покажеме дека може и повеќе и подобро. Дел од нив секако дека ќе бидат вклучени во различни форми и нивоа на соработка во работата на Министерството за култура.
ПРЕС24: Иако е рано да Ве прашувам за состојбите во министерството, сепак дали имате некои првични информации за „кондицијата“ на ова аинституција, од финансиски, кадровски, организациски аспект?
АЛАЃОЗОВСКИ: Првите сознанија се негативни, но бидејќи работиме сериозно, одговорно и со аргументи, дадов задача сите служби да направат пресек, извештај, преглед и увид во состојбите. Врз база на нивната информација ќе направиме анализа за состојбите.
ПРЕС24: Кои ќе бидат првите проекти на кои ќе работите како Министер?
АЛАЃОЗОВСКИ: Првите проекти се состојат од изнаоѓање начини да им се даде подршка на многуте иницијативи и културни проекти кои беа запоставени или тенденциозно одбиени од годишната програма. За тоа ќе поведеме преговори со разни партнери, ќе видиме какви се капацитетите на министерството, да создадеме начини добрите идеи да се реализираат. Донесување на новата културна политика, на новата стратегија за развој, на новиот акцциски план и начините на негово спроведување ќе се случува во првите шест месеци од мандатот. Итно ќе интервенираме во загрозеното културно наследство. Ќе ги ревидираме постојните законски прописи и ќе изготвиме нови и подобри законски решенија. Ќе распишеме меѓународен конкурс за можни сценарија какопонатаму да се управува со проектот Скопје 2014.
ПРЕС24: Со преземањето на функцијата ќе наследите и голем број проекти кои веројатно се во фаза на реализација, што иниституционални (изгрдба и реконструкција на објекти), што проекти кои се спреоведуваа на годишно ниво ( како оние за преводи на литератуира од странски автори, како и од македонски автори). Која ќе биде иднината на овие проекти?
АЛАЃОЗОВСКИ: Ниту еден проект нема да сопре, ниту да трпи опструкции! Годишната програма на Министерството е среде реализација, и ние ќе сториме сè што е во наша можност таа да се оствари, онака како што доликува, во интерес и на граѓаните и на нашата земја.
Но, уште веднаш да нагласам дека сите проекти ќе треба да се изработат квалитетно. Тоа е она што го очекуваме, тоа што ќе го поддржиме и пофалиме. Тоа што не чини и што бара интервенции, ќе го коригираме веднаш. Видливите подобрувања и новите културни политики ќе следат и ќе бидат видливи веќе во наредната година, со првата годишна програма која ќе ја креираат луѓето од Министерството за култура, со помош и поддршка на новото раководство.
Секако пресекот во состојбите ќе даде индиции да истражиме дали постојат проекти со нерегуларности. Секаде каде штоо ќе се јави аргументиран сомнеж детално ќе ги преиспитаме проектите.
ПРЕС24: Кога бевте опозиција, најкритикуван беше проектот Скопје 2014... Сега од позиција на власт дали имате јасна насока што со тој проект, со оглед на тоа дека дел од објектите не се довршени, а и дел од спомениците, пред се оние кои беа од делот на албанската култура и уметност не се поставени?
АЛАЃОЗОВСКИ: СК 2014 е масакр врз културата и добриот вкус, врз естетиката на градот и јавниот простор. Тоа не е субјективен став, го споделуваат не само нашите архитекти и експерти од областа, тоа го велат и угледни стручњаци, значајни медиуми од целиот свет го исмеаја овој гротескен проект.
Сепак, првичните проценки велат дека зафатите за ослободување од ова зло би биле прескапи. Затоа, нема да се руши. Ќе ја скенираме состојбата на објектите, кои се под надлежност на Министерството за култура. Ќе разговараме со стручњаци, ќе отвориме вистинска и суштинска јавна расправа, со сите компетентни и засегнати страни. Има идеи за поинаква намена на дел од објектите, за можни интервенции со поскромни средства коишто на дел од објектите би им дале некаков поинаков, модерен печат. Ќе видиме кави конкретни решенија ќе произлезат од таа расправа.
Воедно, искрено се надевам дека наскоро, кога Македонија ќе биде во далеку подобра економска, политичка и друга кондиција, ќе можеме да размислуваме и да дејствуваме и во насока на изградба на поинакво, помодерно Скопје, на помодерна Македонија, и во архитектонска, и во културолошка смисла.
Што се однесува до поставувањето на спомениците на значајните личности – Албанци, за оние што се готови ќе започнеме процес на консултација, со цел тие обележја да бидат поставени на соодветно место, на достоинствен и законски пропишан начин, кој нема да послужи како повод за заострување на етничките тензии, туку ќе послужи како пример за нашата меѓусебна почит.
Доколку постојат и обележја кои биле договорени, можеби поминати во некаква процедура но не се нарачани и направени, ќе предложиме тие средства да се потрошат на живите уметници и културни дејци – Албанци, кои се оставени на маргините на културниот живот во секоја смисла и биле вон фокусот на културните политики, честопати третирани како процент. Не само за Албанците, ќе се трудиме да помогнеме за создавање на што повеќе услови за културен живот кај сите заедници.
ПРЕС24: Археолошките активности во овие десетина години еден период беа многу активни, потоа како да спласнаа, дали имате план за активирање на овој дел?
АЛАЃОЗОВСКИ: Македонија има голем археолошки потенцијал. За жал, тој е постојано уништуван, честопати на криминален начин. Првичниот ентузијазам на претходната власт бргу се замени со летаргија, потоа активностите замреа. Сликата ја направија уште потажна сознанијата во текот на сите овие години - за тешки криминални дејствија, кражба на артефакти, уништување на културното и историското наследство на Македонија. Затоа, првенствено ќе дејствуваме во заштита на културното богатство кое го имаме, а кое беше запоставено на сметка на градење на лажна историја, на кулиси од стиропор и гипс.
ПРЕС24: Вашиот претходни, Канческа-Милевска беше министерка со најдолг стаж на оваа функција, вие честопати од позицијата на опозиција го критикувавте нејзиното работење. Од денешна дистанца, како го оценувате најзиниот министерски мандат и има ли нешто што сметата дека беше позитивно сработено овие години?
АЛАЃОЗОВСКИ: Добар е проектот за преведување книги од македонски автори кај странски издавачи. Тој беше солидно изведен и солидно спроведен процес, иако фалеше уште некоја доза на транспарентност.
ПРЕС24: Што разговаравте со нејзе на примопредавање на фукцијата, дали добивте некој корисен совет и дали таа се интересираше за вашите планови?
АЛАЃОЗОВСКИ: Разговорот беше повеќе информација од нејзина страна за тековните проекти, за итните проекти, за различни состојби во културата. Не разговаравме за идните проекти. Средбата беше куртоазна и кратка.
ПРЕС24: Вие сте човек кој во ова минстерство доаѓа како дел од секојдневниото во културата. Кога би направиле една анализа за развојот на културата од независноста како би ја дефинирале? Каде беа клучните грешки, а каде позитивните исчекори?
АЛАЃОЗОВСКИ: Развојот до 2008 година беше демократски, отворен, со искрена желба да учиме од соптвените грешки и да одиме понатаму. Во таа смисла, ги осознававме и дебатиравме светските трендови, гледавме да ги примениме во секојдневните практики. Некои работи беа доста прогресивне, некои допрва ги воведувавме, главно се боревме како културата да се осовремени. Од 2008 година настапи овој ужасен период, во кој културата стана директива, стана реализирање на амбициите на една тесна врхушка и поигрување со сите етички, интелектуални и естетски начела на фелата.
ПРЕС24: Од што се состои денеска македонската култура и колку таа е кнкурентна и препознатлива во светот?
АЛАЃОЗОВСКИ: Македонската култура е препознатлива и по богатата традиција и по живата култура. Ќе одржиме нивен понатамошен развој, промоција и соработка со светот.
ПРЕС24: Ве оценуваат како личност од независната културна сцена, затоа сакам да Ве прашам, дали ониј дел од активностите на Министерството што е насочен за поддршка имате намера да го редефинирате и тие средства да станат подостапни и за индивидуалните уметници, наспроти она што со години е пракса поддршка на институции и продукции кои без разлика кој е на власт, беа редовни корисници на овие средства во овие речеиси 30 години независност?
АЛАЃОЗОВСКИ: На почетокот на интервјуто истакнав дека културата, онаа живата, беше долго време во стадиум на преживување. Наследуваме катастрофална состојба, долгови, но и скромен буџет.
Но, нема да се откажеме. Имаме одличен културен потенцијал, прекрасни творци. И кога ќе нема средства, ќе најдеме начин да помогнеме. Честопати нашата помош нема да биде од материјален карактер. На некои уметници им недостасува простор и услови да ги реализираат нивните замисли, на некои можеби им треба поинаков тип на поддршка.
Како што истакнав на почетокот, тоа што треба да го знаат сите уметници и културни работници дека во Министерството за култура добиваат сојузник за остварување на нивните визии и таленти. Ќе се бориме заедно да ја вратиме Македонија во денешницата, и заедно со нашите уметници и културни дејци да ја поставиме на светската културна мапа на 21 век.
ПРЕС24: Објектот на Министерство за Култура е веројатно во моментов единствен кој се уште на својата фасада го има „реловтот“ од шарената револуција... Планирате бојадисување на фасадата или?
АЛАЃОЗОВСКИ: Не. Таква интервенција, воопшто не е приоритет наспроти сите проблеми коишто ги наследуваме. Шарената фасада е дело на слободниот дух на граѓаните, на една културна револуција пред се. Таа фасада во нејзината денешна форма, претставува и една мала историја. Подоцна ќе разговораме во каква форма ќе ја оставиме фасадата на објектот. На зградата и е потребно кречење и обновување на работниот простор. Надворешноста, засега, е сосема во ред.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа