Ростуше доби модерна спортска сала „Македонија“

 

Денеска во општина Маврово Ростуше беше отворена прва повеќенаменска спортска сала во оваа општина, која е дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) за изградба на 35 спортски сали и 50 фудбалски игралишта.

Салата се простира на површина од 1.300 метри квадратни и има капацитет од над 400 седишта и опрема за повеќе рекреативни спортови, како мал фудбал, ракомет, кошарка, одбојка, гиманстиока, пинг-понг и соблекувални под трибините.

Вредноста на спортската сала „Македонија“ е 35 милиони денари, а изведувач на работите беше ГП „Пелагонија“. Планирано е таа да биде дел од поголем спортско рекреативен комплекс „Радика“, за кој локалната самопуправа веќе има дефинирано план тој да се прави по пат на јавно-приватно партнерство.

На свеченото отворање на салата се обрати премиерот Никола Груевски, како и директорот на АМС Александар Пујовски и градоначалникот на Маврово Ростуше Мукрем Мехмеди.

Претседателот на Владата истакна дека реканскиот крај е меѓу регионите каде што не е инвестирано во капитални спортски објекти и до 50 години. Наведе дека салата е лоцирана во центарот на регионот на Ростуше за тој да заживее и да им биде блиску на сите околни села и населени места.

- Со денешното пуштање во употреба салата и ја отстапуваме на општина Маврово Ростуше и неа ќе може да ја користат сите спортски клубови, спортисти и ученици.Часовите по физичко воспитување нема повеќе да се одржуваат во училници и  по ливади, туку во нормални услови, во модерна сала и со најсовремена спортска опрема. Особено ме радува тоа што го најави градоначалникот дека општината ќе гради и други спортски терени во околината на салата со што регионот ќе добие голем спортски комплекс во кој верувам ќе се родат многу спортски таленти, рече Груевски. 

Тој посочи и на други проекти што се финансирани во изминатиот период, како што е амбулантата во Скудриње, реконструкција на локалниот пат Велебрдо-Требиште, изградба на патот за село Сенце, резервоари за вода во Скудриње, Жировница, Требиште и Маврово, изградба на нова училишна зграда за средното општинско училиште, како и постојана туристичка промоција на овој крај.

Во наредниот период, наведе Груевски, ќе се реконструира патот Ростуше - Велебрдо, како и патиштата за Жировница и патот Маврово - Маврови Анови, ќе се гради нов пристапен пат за Скудриње и нова водоводна мрежа во селото Ростуше.

На отворањето на салата градоначалникот Мехмеди истакна дека неостварениот сон на многу  генерации денеска се исполнува. Смета дека проектот ќе има повеќекратни позитивни ефекти во животот на младите и оти ќе го подобри квалитетот на живот на сите семејства во овој крај.  Со изградбата на планираниот комплекс „Радика“ и со другите инфраструктурни проекти, рече Мехмеди, ќе се подобри стандардот и ќе се отворат повеќе работни места за жителите од општината.

најчитано сега