Стартува проектот за јакнење на административните капацитети во енергетиката
Целта на ИПА проектот што наредните две години ќе го спроведува Министерството за економија во соработка со европски експерти е подобрување на условите во енергетскиот сектор и привлекување повеќе инвестиции.
Ресорниот министер Ваљон Сарачини денеска посочи дека во фоксуот на проектот вреден 1,67 милиони евра, е јакнење на административните капацитети на секторот за енергетика во Министерството и на Агенцијата за енергетика што ќе овозможи обезбедување стабилна правна и регулаторна рамка за усогласување на македонското со европското законодавство во оваа сфера.
- Проектот почнува денеска, а договорот за негова реализација, кој се однесува на техничка помош, е потпишан со консултантската куќа АТЦ од Австрија кој е во конзорциум со енергетски институции од Хрватска, Норвешка и Грција. Проектот има четири компоненти од кои две се однесуваат на подобрување на административното работење и неговата функционалност, една е за усогласување на домашното со европското законодавство и последната предвидува изготвување стратешки документи значајни за подобрување на енергетскиот сектор, истакна Сарачини.
Оценка на консултантите е дека секторот за енергетика, што веќе функционира во рамки на Министерството, треба да се надгради за што ќе биде доволен период од две години.
ФОТО: МИА