ВМРО-ДПМНЕ: Соработници на Заев инволвирани во нелегални активности

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини за инволвираност во нелегални активности на раководството на СДСМ, откако беше објавено дека едно лице кое било близок пријател на лидерот Зоран Заев и е брат на првиот човек на СДСМ во Арачиново, бил вмешан во нелегална трговија со дрога.

- Јавноста мора да ги слушне одговорите на следните прашања. Знаел ли Зоран Заев за криминалните активности на братот на нивниот прв човек во Арачиново? Колку дрога истиот има истурено по улиците низ државата и на колку деца низ Македонија им ја продавал? Дали СДСМ додека Оливер Спасовски беше министер му нудела заштита за неговиот криминал? Дали преку црните пари од препродажба на дрога се финансирало и криминогеното раководство на СДСМ? Конечно, истиот овој дилер на фотографии можеше да се забележи и со главниот партнер на Заев, Зијадин Села. Дали е тоа централниот лик кој ги поврзува и помага двете партии, праша на денешната прес-конференција Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Според него, ова не е прв случај најблиските соработници на Заев да бидат фатени за криминалот што го прават и посочи на Сеад Рахиќ - Сетко, брат на поранешниот пратеник од редовите на СДСМ, Есад Рахиќ, кој беше уапсен за продажба на кокаин во Скопје. Тој ги посочи како соработници на Заев и Захир Бекири Чауш, кој беше раководител на т.н. „Фабрика за афери“ на СДСМ, а е осуден на две и пол години затвор за злоупотреба на лични податоци и фалсификување исправи, Харун Хаџибулиќ, по кого е распишана потерница за помагање во убиство, како и Даниел и Дејан Трајковски кои заедно имаат 21 кривична пријава, а едниот во моментов е во бегство.

- Сево ова укажува за начинот на кој што работи аболицираниот криминалец Зоран Заев и криминогеното раководство. Нивниот страв е огромен дека ќе дојде денот кога и тие ќе треба да се соочат со правдата. Затоа тие се уценети и затоа тие без приговор ја прифаќаат тиранската платформа, рече Ѓорѓиевки. 

 

 

 

19.03.2017 - 15:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега