Целта е исполнета: Драматично реми со Исланд - Македонија против Норвешка во осминафинале
По нерешените 27:27 во дуелот со Исланд вечерва во Мец, македонската ракометна репрезентација го освои 3. место во групата Б на Светското првенство што се одржува во Франција. Ова значи дека во осминафиналето избраниците на селекторот Лино Червар ќе се сретнат со Норвешка и ќе го избегнат актуелниот светски шампион и домаќин на првенството.
Вечерашниот натпревар со Исланд македонските ракометари одлично го почнаа и по седум минути водеа со 4-0. Во тие моменти одбраната функционираше беспрекорно, а во нападот се погодуваше од сите позиции. Следуваа три лоши минути со технички грешки, серија од 5-0 за Исланѓаните и преземање на водството кое го зголемија до максимални плус три (9:6). Во 23.минута резултатот беше нерешен 11:11, за до крајот на првиот дел Исланд повторно да отиде на плус два (15:13).
„Црвено-жолтите“ лошо го отворија вториот дел и му дозволија на ривалот во 37.минута да има максимални пет голови предност 20:15. Македонија не се предаваше и на седум минути до крајот успеа да намали на само еден гол 24:25, а веќе во 56. минута резултат беше израмнет 25:25, а потоа во два наврата и водство, за на крајот да стигне до посакуваниот бод.
Најдобриот стрелец во досегашниот дел од Мудијалот, Кирил Лазаров и вечерва беше најефикасен во македонскиот состав со седум голови. Во исландската репрезентација најзабележителен беше Рунар Карасон исто така со седум погодоци.
Претходно, на првиот меч од 5.коло, Тунис ја совлада Ангола со 43:34.
Последниот натпревар во групата Б ќе се одигра меѓу Шпанија и Словенија вечерва со почеток од 20 часот и 45 минути.
Табела: Шпанија 8 бода, Словенија 7, Македонија 5, Исланд 4, Тунис 4, Ангола 0.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа