Александар Русјаков: Ми се заканија дека ќе ме снема кога ќе дојдат на власт
-Затварањето на проблемот со името би значело и затварање на нашето постоење, односно наше идентитетско исчезнување. Единствено нормално затварање на тоа прашање е признавање на Република Македонија ерга омнес. Плус признавање на македонското малцинство во Грција, Бугарија, на Гора во Косово и целосно во Албанија. И враќање на имотите. Вака Александар Русјаков, писател и режисер, во интервјуто за Прес24, гледа на решавањето на прашањето за името, проблем за кој смета дека ќе предизвика исто толку сериозни последици колку и Букурешкиот Мировен договор, чија копија пред два дена беше запалена на плоштадот во Скопје.
- Оние што заговараат брзо решавање никогаш не кажале како тоа брзо ќе го решат. Ако за таквите брзо решавање е прифаќање на Северна, Горна, Нова Македонија или Славомакедонија сосе јазикот и нацијата во пакет, тогаш таквите македонскиот народ брзо ќе ги реши, вели Русјаков за Прес24.
Поради неговите ставови за Лустрацијата, спорот за името и отворените критики кон опозицијата, Русјаков добил етикета “близок човек на власта” .
-Можеш ти и да не се сложуваш со некои потези на оваа власт, пак ќе си ја добиеш етикетата ако не свириш по глупите ноти на една самобендисана група луѓе кои се убедени дека само нивното е правилно. А лустрацијата ја подржувам, само што јас би ја спровел веднаш и одеднаш. Досега неколку пати сум кажал. Правиш група способни компјутерџии кои ќе ги стават сите досиеја во ПДФ и трас одеднаш сета смрдеа на интернет. А потоа нека копаат новинари, нека си ги бараат жртвите своите џелати, вели за Прес24, Русјаков потенцирајќи дека од опзицијата добивал отворени закани поради неговите ставови.
-За нив демократија е 1995 година. Без опозиција во парламентот. Приватизирање на националните добра од страна на десетина нивни луѓе. Уништување на националните интереси со потпишување на Привремена спогодба без да се праша јавноста, народот. Ако не владеат они, тогаш сè е дикататура, тоа е нивната перцепција. Мене ми порачаа дека кога ќе дојдат на власт ќе ме снема преку ноќ, само затоа што не се согласувам со нивниот начин на размислување. Ете ти ја кумровачката школа, вели во интервјуто, режисерот.
Негвите лични ставови околу интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ се дека тоа не треба да се случи по секоја цена. Против членство во ЕУ е бидејќи како што вели “ЕУ своите закони и правила сè повеќе заличува на општество од некој мрачен научно фантастичен филм ала Матрикс, а за НАТО не сакам ни да чујам затоа што тоа е окупаторска алијанса која за сметка на бескрајната алчност на манијаците од корпорациите, прави масакри врз жени и деца лажејќи дека е тоа борба против тероризмот”
Која е алтернативата?
-Алтернатива е економски силна и самоодржлива Македонија. Алтернатива е комуникација со Русија, Кина, Индија и Турција. Алтернатива е примерот на новите економски силни латиноамерикански држави како Бразил, Еквадор, Венецуела и Боливија. А оние што тврдат дека во нашево постоење нема алтернатива, нема избор, вие новинарите мора да почнете да ги игнорирате, да не им правите интервјуа, да не ги споменувате во вести, затоа што со нив треба да се занимава една друга фела која зема плата по учинок, оти они ги поништуваат основните правила на човековото постоење, вели во саботното интервју за Прес24, Александар Русјаков
ПРЕС24: Една група интелектуалци, меѓу кои сте и Вие организиравте настан поврзан со Букурешкиот мировен договор, на кој јавно го запаливте документот. Како револт или?
РУСЈАКОВ: Како симболично палење на духот на Букурешкиот договор кој денес се има повампирено преку надворешните и внатрешните обиди да ни се одземе македонскиот идентитет со бришење на името на нашата држава Република Македонија од мапата на постоењето.
ПРЕС24: На таа трибина темата беше поврзаноста на Букурешкиот мировен договор и прашањето за името. Сто години подоцна, дали Македонија ја доживува една од најголемите последици од тој договор
РУСЈАКОВ: Македонија никогаш не престанала да ги чувствува последиците од тој договор. Од сите држави кои учевствувале во балканските војни денес само Србија и Албанија делумно ги признаваат Македонците. За Грците и Бугарите тие не постојат. Таму Македонците се уште живеат во 1913 година. А нас тука, под притисок сакаат да не снема.
ПРЕС24: Но, јас сакам да Ве прашам нешто друго. Дали затворањето на прашањето за името и македонското интегрирање во НАТО и ЕУ, ќе значи и крај на последиците од тој Букурешки договор и една нова ера за Македонија.?
РУСЈАКОВ: Не знам како го замислувате затварањето на прашањето за името. Како што стојат работите на терен (грчките црвени линии од кои тие не сакаат да се помрднат) затварањето на проблемот би значело и затварање на нашето постоење, односно наше идентитетско исчезнување. Единствено нормално затварање на тоа прашање е признавање на Република Македонија ерга омнес. Плус признавање на македонското малцинство во Грција, Бугарија, на Гора во Косово и целосно во Албанија. И враќање на имотите. Патем, за ЕУ, НАТО и нивната лицемерна, ем насилничка политика, ама баш не се интересирам или возбудувам.
ПРЕС24: Многумина кои ја заговараат тезата дека Македонија што поскоро треба да го реши прашањето за името, толку поскоро ќе може рамноправно, однатре од оние два елитни клуба, НАТО и ЕУ, да ги штити своите национални интереси?
РУСЈАКОВ: Прво Македонија мора да ги штити своите национални интереси и без ЕУ и НАТО. Тоа го прави секоја нормална држава. Второ, оние што заговараат брзо решавање никогаш не кажале како тоа брзо ќе го решат. Ако за таквите брзо решавање е прифаќање на Северна, Горна, Нова Македонија или Славомакедонија сосе јазикот и нацијата во пакет, тогаш таквите македонскиот народ брзо ќе ги реши.
ПРЕС24: Ако се следи логиката во развојот на настаните, на почетокот Грција со името од позиција на полноправен член на ЕУ и НАТО, потоа Бугарија исто така од полноправен член на НАТО и ЕУ наметна билатерален спор, добрососедски одонос. Не постои ли страв дека утре ако Србија влезе во ЕУ пред Македонија, дека ќе се отвори нов билатерален проблем. Црквата на пример? Исто и Албанија?
РУСЈАКОВ: Веројатно така ќе биде. За тоа зборуваме кога велиме повампирување на Букурешкиот договор.
ПРЕС24: И треба ли на Македонија членство во НАТО и во ЕУ?
РУСЈАКОВ: Не, по секоја цена. На Македонија и треба национачална, економска, енергетска стратегија што ќе ја направи земјата вистински независна и самоодржлива. Како Исланд, како Швајцарија, како Норвешка ако сакате. Не може никој да ме убеди дека тоа е невозможно. Инаку, лично не сакам ниту во ЕУ, ниту во НАТО. Настрана фактот што овие две организации ги погазија сите човекови права во однос на Македонија и Македонците подржувајќи ги фашистичките политики на Грција и Бугарија, настрана фактот што се посраа врз сите правни одлуки на судовите кои самите ги создале, а кои одлуки беа во наша корист. Јас во ЕУ не сакам затоа што таа со своите закони и правила сè повеќе заличува на општество од некој мрачен научно фантастичен филм ала Матрикс, а за НАТО не сакам ни да чујам затоа што тоа е окупаторска алијанса која за сметка на бескрајната алчност на манијаците од корпорациите, прави масакри врз жени и деца лажејќи дека е тоа борба против тероризмот.
ПРЕС24: Која е алтернативата, ако државата остане надвор од овие интеграции?
РУСЈАКОВ: Веќе одговорив. Алтернатива е економски силна и самоодржлива Македонија. Алтернатива е комуникација со Русија, Кина, Индија и Турција. Алтернатива е примерот на новите економски силни латиноамерикански држави како Бразил, Еквадор, Венецуела и Боливија. А оние што тврдат дека во нашево постоење нема алтернатива, нема избор, вие новинарите мора да почнете да ги игнорирате, да не им правите интервјуа, да не ги споменувате во вести, затоа што со нив треба да се занимава една друга фела која зема плата по учинок, оти они ги поништуваат основните правила на човековото постоење.
ПРЕС24: Вие сте еден од малкумината колумнисти кои отворено ја поддржува лустрацијата. Поради тоа се соочувате со жетоки критики, но и етикети на човек близок до власта?
РУСЈАКОВ: Та преку критиките и етикетите. Да, блиску сум до власта, јас живеам во Карпош 2, а они се кај Градски парк. Ни десет минути одење нема. Тие што етикетираат ништо друго и не прават. Можеш ти и да не се сложуваш со некои потези на оваа власт, пак ќе си ја добиеш етикетата ако не свириш по глупите ноти на една самобендисана група луѓе кои се убедени дека само нивното е правилно. А лустрацијата ја подржувам, само што јас би ја спровел веднаш и одеднаш. Досега неколку пати сум кажал. Правиш група способни компјутерџии кои ќе ги стават сите досиеја во ПДФ и трас одеднаш сета смрдеа на интернет. А потоа нека копаат новинари, нека си ги бараат жртвите своите џелати.
ПРЕС24: Сакам да Ве прашам, кој е според Вас стравот кај една поголема група и интелектуалци, но и политичари кои се противат на лустрацијата?
РУСЈАКОВ: Не е страв, паника е. Ќе им се сруши системот што го создале, што тие се уште го контролираат. Систем што произведува и создава просечност и неквалитет.
ПРЕС24: Издржана ли е тезата дека лустрацијата го руши националниот идентитет на македонскиот народ и државноста?
РУСЈАКОВ: Тоа се глупости. Дваесет години ни го силуваат националниот идентитет одвнатре и однадвор, а тие уста не отвориле, збор не кажале, писмо не испратиле. Зборувам за сите оние кои сега лелекаат. Наеднаш им текна за Македонија и идентитетот кога почнаа да се вадат конкретни имиња и институции.
ПРЕС24: Има ли Македонија зрела политичка демократија?
РУСЈАКОВ: Уште треба да созреваме. Проблем е што политичките партии кај нас се обземени со омразата едни кон други, па од таа омраза не можат да погледнат накај државата и народот. Многу често зборот демократија е оружје во нивната меѓупартиска битка. Како и кај лажниот невладин граѓански сектор. За нив демократија е само нивниот став, сè друго сатанизираат.
ПРЕС24: Ве прашувам поради перцепцијата што во јавноста, овде и во светот, се наметнува дека Македонија е претворена во тоталитаристичка, односно како што вели опозицијата диктаторска држава?
РУСЈАКОВ: За нив демократија е 1995 година. Без опозиција во парламентот. Приватизирање на националните добра од страна на десетина нивни луѓе. Уништување на националните интереси со потпишување на Привремена спогодба без да се праша јавноста, народот. Ако не владеат они, тогаш сè е дикататура, тоа е нивната перцепција. Мене ми порачаа дека кога ќе дојдат на власт ќе ме снема преку ноќ, само затоа што не се согласувам со нивниот начин на размислување. Ете ти ја кумровачката школа. Во Југославија како навиени кукли етикетираа антикомунистички елементи и капиталистички слуги на гнилиот Запад, сега само ги сменија зборовите, оти директивите доаѓаат од друг центар на моќ, од Брисел, од довчерашниот гнил Запад. Не можеш од тие луѓе да очекуваш сопствено мислење, тие се хор со диригент, ама не музички хор. Секако, има такви и во противничкиот табор.
ПРЕС24: Гледате ли капацитет, идеја, свежина во новото раководство на СДСМ за нов вид политичко дејствување на опозицијата?
РУСЈАКОВ: Не гледам. Напротив, слушам глупости од новиот лидер. Ме фаќа срам кога ги слушам неговите мисловни акробации на тема свиткана и скршена кичма. Јас свежината ја чекам од новосоздадените левичарски партии, кога веќе „Ленка“ не сакаат да се активираат политички. Или ако тие потфрлат, се надевам на некоја нова силна левица, некоја нова македонска „Сириза“. Мора да има натпревар на концепти, а единствениот концепт на СДСМ е да плука и етикетира.
ПРЕС24: Ако треба да ја оцените слобдоата на медиумите на скалата од 1 до 5, која оценка според вас е најреална?
РУСЈАКОВ: Не е проблемот во слободата на медиумите, туку во самите медиуми и во нивните човечки ресурси, новинарите. За да зборуваме за медиумска слобода, најпрво треба да имаме барем некаков квалитет. Ако зборуваме за кич, неквалитет, просечност, неписменост, мизерност, беда, печуркарство тогаш медиумската слобода кај нас заслужува највисока оценка
ПРЕС24: Вие сте човек од уметноста од културата. Како ја оценувате состојбата во културниот простор во државата?
РУСЈАКОВ: Ова е комплексно прашање и може многу да се зборува. Јас откако почнав да ги пишувам првите стихови бев убеден дека уметникот не смее да зависи од државата, ама државата мора да има своја стратегија за културата и уметноста. Така мислам и сега. Најчесто проблемот е што во културните институции се ставаат погрешни луѓе кои својот сектор веднаш почнуваат да го доживуваат како свој приватен прчварник, па почнуваат да мастурбираат со моќта што позицијата им ја дава и произведуваат шкарт. Секако, чест на исклучоците. Сепак, таквите лоши избори кои државата честопати ги прави никако не смеат да влијаат на творештвото на уметникот, затоа што сепак уметноста е интимна работа
ПРЕС24: Што се случува со анимираниот хумористичен серијал, Еднооки?
РУСЈАКОВ: Како што гледате го нема, а луѓето го сакаат и го бараат. Можеби одговорот на ова прашање ќе го најдете во моето оценување на слободата на медиумите