Осигурувањето на Антиќ е средено, капитенот подготвен за игра

 

Неколку дена подолго од првичните очекувања траеше формализацијата на процедурата за осигурувањето на Перо Антиќ, сепак од денеска капитенот на нашата репрезентација и официјално ја доби потврдата за настап во црвено-жолтиот дрес.

Иако се приклучи на останатите репрезентативци во Словенија, а потоа беше заедно со нив и во Хрватска, Перо Антиќ мораше да ги пропушти двете пријателски средби во Славонски Брод и Загреб. Од денеска процедурата за осигурувањето на нашиот кошаркар како нов член на Атланта Хоукс е официјално завршена, така што Антиќ ќе може редовно да ги продолжи подготовките со националниот тим.

Според планот за подготовки, нашите репрезентативци од денеска се на три-дневен одмор, а со редовни тренинзи почнуваат во недела наутро. Тренинзите ќе се одржуваат во СЦ „Борис Трајковски“ се до 17 август, за кога е закажан пријателскиот меч против репрезентацијата на Литванија. Веднаш по тој натпревар, репрезентацијата патува за Шпанија и за Германија каде ја очекуваат нови пријателски натпревари како подготовка за Евробаскетот во Словенија.

08.08.2013 - 13:12

најчитано сега