Обама ќе врши притисок врз Самарас за спорот со името?

 Грчкиот премиер Андонис Самарас доцна синоќа замина во тридневна посета на САД, каде во четврток треба да оствари средба со американскиот претседател Барак Обама.

Самарас прво во Њујорк ќе се сретне со американски бизнисмени со грчко потекло, а по средбата со Обама во Вашингтон, повторно ќе се врати во Њујорк каде ќе има одвоени средби со градоначалникот Мајкл Блумберг, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и претседателот на Американскиот еврејски комитет Дејвид Харис.

Грчки дипломатски извори претходно открија дека на средбата Самарас-Обама, меѓу другото, ќе се разговара и за текот на преговорите за решавање на прашањето за името кои се водат со посредство на Метју Нимиц.

Весникот „То Вима“, повикувајќи се на релевантни извори, пишуваше дека состанокот „ќе се одржи неколку недели пред отворањето на сериозните национални прашања во врска со Кипар и името на Скопје“.

Провладиниот „Катимерини“ во текстот за средбата на грчкиот премиер со американскиот претседател потсети дека „Вашингтон е подготвен да се активира за решавање на кипарскиот проблем и прашањето за името“ на Македонија. Весникот „Парон“, пак, напиша дека Обама ќе изврши голем притисок врз Самарас.

„Пораките кои пристигнуваат од преку Атлантикот се јасни и не многу оптимистични... Вашингтон сака ова прашање да се реши што е можно побргу, доколку е можно и до крајот на 2013 година и на состанокот на 8 август Обама ќе бара да се прецизира“, напиша грчкиот весник. 

најчитано сега