Мрачни ликови за мрачни сценарија
Доколку некој сѐ уште не увидел кој ја води кампањата на СДСМ во пресрет на изборите на 11 декември, ова е одлична можност да се потсетиме. Ударната тупаница на Зоран Заев во оваа кампања се старите кадри од Службата за државна безбедност и поранешни шефови на ДБК
Дел од овие проверени кадри во претходниот систем и во деведесеттите години беа носители на идејата за уништување на сè што значи ВМРО, а денес се последен бедем на СДСМ за одбрана на оваа седумдецениска мисија.
Доколку ова не е доволно да сфатиме дека нешто не е здраво во македонската левица, која има полна уста „демократија“, можеби ќе ни отвори очи фактот дека 90 проценти од луѓето што ја водат кампањата на СДСМ се лустрирани. Да го тргнеме настрана различното толкување на процесот на лустрација во Р. Македонија и кој како гледа на тој процес, факт, непобитен факт, е дека овие луѓе оперативно обработувале политички неистомисленици и ги затворале од идеолошки побуди.
За да ја сфатиме суштината на проблемот ќе треба малку да се вратиме наназад во минатото и како тоа се одразува на денешната состојба. Тука станува збор за борбата меѓу двете струи во македонското ткиво, која почнала веднаш по создавањето на современата македонска држава, но сега нема да одиме толку далеку.
Иван Бабамовски, кој веќе две години активно учествува во создавањето на кризата во македонското општество, својата кариера како оперативец на УДБ ја почнува со обработка на илегални групи во СР Македонија, кои носеле предзнак ВМРО, па така, една од жртвите на Бабамовски е Борислав Градишки, предводникот на организацијата „Бунт“. Доколку мислите дека обработка на илегални групи била „логична“ за тој период и дека преку неа се чувал интегритетот на Федерацијата, можеби ќе ве разубеди фактот дека во богатата кариера на Иван Бабамовски како жртви ги наоѓаме и Анте Поповски и Гане Тодоровски, кои Бабамовски ги обработувал преку „Славјан“ – Славко Јаневски. Бабамовски бил активно вклучен и во обработката на македонскиот дисидент Драган Богдановски, кој ја предводел ДООМ, а подоцна се јавува како еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ. Клопчето се одмотува кога на ова ќе го додадеме Јован Трпеновски, кој во тој момент бил јавен обвинител и ги водел случаите со вмровските групи во Македонија и во емиграцијата. Денеска токму Трпеновски го гледаме како еден од најгласните поддржувачи на Специјалното јавно обвинителство, кое е создадено да го изврши решавачкиот удар врз ВМРО-ДПМНЕ. Од документацијата врз чијашто основа беше лустриран Трпеновски наоѓаме дека од позиција на јавен обвинител на 26.3.1979 година поднел обвинение против лице за, наводно, националистичко и сепаратистичко држење. Во обвинението Трпеновски запишал: „Во периодот од 1977 година до март 1979 година постојано истапувал непријателски кон СФР Југославија. Во КПД ’Идризово‘ во спалната соба зборувал дека СР Македонија не е слободна туку е под ропство на Србите и на Југославија. Зборувал дека вистинските Македонци се наоѓале во странство и дека за него вистински раководители биле некојси Богдановски и Ченто, дека постоела македонска емигрантска организација што се бори за ослободување и за отцепување на СР Македонија од СФРЈ и дека по излегувањето од затвор ќе замине во странство и ќе се вклучи во таа организација во која членувал и претходно“. Јован Трпеновски беше обвинител во случајот со Драган Богдановски во кој Богдановски беше осуден на затворска казна, а претходно беше киднапиран во Париз од страна на УДБ.
Веќе во осумдесеттите години во обработката на, тогаш сè уште илегалните, вмровски групи се вклучува Слободан Богоевски, кој подоцна прераснува во моќна фигура, која работи од длабока сенка. Богоевски е еден од осумтемина што во периодот септември – октомври 1989 година, тогаш како партиски секретари на СКМ во РСВР, ѝ откажаа послушност на централата во Белград. Интересно е дека тогашниот шеф на Секретаријатот Јован Трпеновски, со кој денес стојат заедно на некакви си барикади, донесе решение за суспендирање на осумтемина: Павле Трајанов, Слободан Богоевски, Александар Диневски, Гроздан Цветковски, Беџет Беџети, Јован Чамински, Станое Богев и Миле Илиевски. Кариерата на Слободан Богоевски го доживува зенитот по осамостојувањето на Република Македонија. Во март 1991 година е именуван за шеф на СДБ и на таа функција ќе остане цели шест години. Евентуалниот поборник за самостојност на државата ја почнува најбруталната пресметка со вмровскиот елемент во Р. Македонија, кој тогаш веќе е легален и уставен, организиран во политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. По осамостојувањето Гане Тодоровски и Анте Поповски ја основаат политичката партија МААК, додека тогашната служба ја продолжува дејноста на Иван Бабамовски и ги обработува овие двајца истакнати Македонци. Со цел да се отстрани политичкиот опонент на СКМ, тогаш веќе СДСМ, Богоевски ја креира аферата „Сина птица“ во која беа уапсени десетици членови на ВМРО-ДПМНЕ под обвинение за создавање паравојска или, поточно, „Заштитен комитет на Македонија“. Стапицата што му ја постави Богоевски на ВМРО-ДПМНЕ преку аферата „Сина птица“, во која осомничен беше и врвот на партијата, беше само еден од обидите за растурање на оваа политичка партија. Богоевски издавал решенија за следење на сите повидни членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои се и Маноил Јаковлевски и Иван Соколов, и на тој начин почнала да се создава аферата „Дувло“, која била вториот обид за растурање на ВМРО-ДПМНЕ.
Во натамошниот поход на Слободан Богоевски за оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ, која би требало да биде обвинета како милитантна организација, се вклучува Љубомир Фрчкоски. Во тој момент се креира планот за последниот удар врз политичкиот противник, предводен од Томислав Чокревски. Почна следењето на централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ и на целото раководство на партијата. Од апартман во хотелот „Турист“, кој се наоѓа спроти тогашниот влез на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Службата за државна безбедност го почнува следењето од кое подоцна ќе произлезе аферата „Темел“.
Во 1998 година на политичката сцена се појавува најблискиот соработник на Слободан Богоевски, кој бил еден од „осумтемина“, Павле Трајанов. Во неодамнешното интервју на телевизија „Телма“, Богоевски посочи дека заедно со своите најблиски соработници свесно го кршеле ембаргото кон Србија и тоа го правдаше со немање ингеренции да се спречи тоа од нивна страна и дека директивите пристигнувале од власта предводена СДСМ, на чело со Бранко Црвенковски. За Павле Трајанов е познато дека како министер за внатрешни работи во владата на Љупчо Георгиевски не извршил дерегистрација на лицата што биле следени од службата, а со кои седел на иста маса во Владата. Дерегистрација на врвот на ВМРО-ДПМНЕ беше извршена со доаѓањето на Доста Димовска на чело на МВР, кога беше донесен и Законот за досиејата со што требаше да се стави крај на удбашките кадри и методи на дејствување во македонското демократско плуралистичко општество.
Во моментот кога јавноста помисли дека Македонија, конечно, расчистува со старите структури и сеништа од минатиот систем, се појави Зоран Верушевски. Во 2000 година Зоран Верушевски преку свои кадри во Службата за државна безбедност го почна прислушувањето на политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ. При крајот на 2000 година Бранко Црвенковски почна да излегува во јавност со прислушувани материјали со кои ја уценуваше тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Почна аферата „Големото уво“. Бранко Црвенковски тогаш изјавуваше дека не верува во судската власт во Р. Македонија ниту во Јавното обвинителство. На неколку прес-конференции Црвенковски побара да се создаде нова институција, која би ги обработувала случаите што ќе произлезат од прислушуваните разговори. А на една од многуте прес-конференции на кои читаше делови од прислушуваните разговори, Црвенковски истакна дека изворот му предал уште разговори и дека би сведочел на суд, но доколку се измени Законот за заштитени сведоци и на изворот му се даде статус на заштитен сведок. Изворот беше Зоран Верушевски.
Додека македонската јавност беше забавувана со прислушувани разговори, беше извршен нападот над полициската станица во Теарце. И покрај најавите за војна во Македонија, СДСМ го одвлекуваше вниманието на јавноста пуштајќи прислушувани разговори. Почна престрелката во Танушевци, по што изби војната во 2001 година, која заврши со потпишување на Рамковниот договор со кој Македонците станаа само една од многуте етнички заедници во Македонија, им беше одземена државотворноста.
Од 2006 година до денес на власт во Република Македонија е таа линија против која работеле безбедносните служби од создавањето на македонската држава. Другата струја во македонското општество, во минатото наречена пројугословенска, која стои наспроти промакедонската, денес не може да се помири со фактот дека во Македонија цели десет години се на власт луѓето што тие ги гонеле, затворале, убивале, чиишто семејства ги зацрнувале.
Во 2014 година Зоран Заев најави уривање на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе си замине од власта за три дена. Во март почна објавувањето на незаконски прислушуваните разговори од страна на СДСМ, кои на Заев му ги доставил Зоран Верушевски. Исто како и во 2001 година, додека македонската јавност се забавуваше со разговорите што ги пласираше Зоран Заев, во Диво Насеље навлезе терористичка група, која била составена од кремот на паравоените структури на Балканот. Планот бил оваа група да изврши симултани напади на неколку државни институции, да изврши неколку атентати и киднапирања и, според зборовите на адвокатот што ја брани групата, Насер Рауфи, тие требало да објават коминике со барања преку кои ќе се надгради Рамковниот договор. Македонските безбедносни служби предводени од тогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, ефективно ја девастираа терористичката група, при што беше спречена нова војна во Р. Македонија.
Од последното насилно уривање на државата преку прислушуваните разговори се здобивме со параинституција, каква што бараше Црвенковски во 2001 година, го добивме Специјалното јавно обвинителство. СЈО, покрај тоа што е поддржувано од сите личности што се наведени погоре, почнувајќи од Трпеновски, па сè до Богоевски, сега преку „легален“ пат се обидува да го зададе последниот удар на тоа што го гонат веќе 70 години, на ВМРО. Интересно е тоа што се обидуваа да ѝ го направат службите на ВМРО-ДПМНЕ преку сите отворени афери, тоа што им успеа кај ПДП, која се подели на повеќе помали партии, додека дел од раководството беше и притворено, па така згасна таа партија, планот беше истото да се случи и со ВМРО-ДМНЕ.
На оваа структура што ја води кампањата на СДСМ се приклучија уште неколкумина поранешни шефови на тајната полиција, па така, во првите редови на сите протести во организација на СДСМ го гледаме и Миле Зечевиќ, кој е поранешен директор на УБК во период од 2006 година до 2008 година, а во 2013 година Заев го враќа во СДСМ како организациски секретар. Во првите редови на протестите можеме да го видиме и Владимир Пивоваров, кој е поранешен шеф на военото разузнавање од 2002 година до 2004 година. Поставувањето разузнавачки кадри во партијата социјалдемократите го заокружија со подавањето рака на Кире Наумов, директор на Агенцијата за разузнавање од 2006 година до 2007 година, кој, пак, атакуваше на лидерската позиција и беше противкандидат на Заев. Денес, како награда ја врши функцијата дополнителен заменик министер во Министерството за финансии.
Борбата меѓу двете струи во македонското ткиво денес го достигнува зенитот при што едната од нив го става на коцка постоењето на македонската држава. Во акцијата за уништување на ВМРО, всушност, се урива државата. Зоран Заев, зад кого стојат сите разузнавачи вклучени во кампањата на СДСМ, го постави прашањето што требало да биде објавено во коминикето во Диво Насеље, Заев го поставува прашањето за двојазичност во Република Македонија. Идејата за уништување на Македонија старите разузнавачки кадри ја спроведуваат преку Зоран Заев во пресрет на изборите на 11 декември, кои, на некој начин, претставуваат референдум, дали ќе нè биде или не.
Никола Србов за Република
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа