Локализирани пожарите кои ја голтаа планината Голак
Локализирани се двата шумски пожари кои избувнаа вчера на падините на планината Голак.
Од Локалната самоуправа информираат дека на местата на пожарите е организирано набљудување за да се спречи евентуално повторно разгорување на огнот.
Инаку, првиот пожар зафатил 6 до 7 хектари на месноста викана Градиште, а вториот во близина на Валожанско Маало од селото Косово Дабје, зафатил шумска површина од околу 15 хектари.
ТППЕ во Делчево веднаш по дојавата почнала организирано гаснење на огнената стихија и е побарана помош од соседните противпожарни единици од Македонска Каменица и од Виница. Во гаснењето на пожарот биле распоредени 40 пожарникари, а на располагање се ставени неколку лица од водовите на просторните сили.
Локациите на пожарот ги посети и градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански.
Надлежните органи апелираат за строго почитување на превентивните мерки при движењето во шума и да не се палат ожнеаните стрништа.