Мицкоски: Инфлацијата се намалува, очекувам да се стабилизира на 2%
„Тоа е месечната ставка, вклучително и годишната ставка ако се гледа споредено со јули имаме намалување од 4,9 на 4,4 проценти. Очекувам тој тренд полека да продолжи и да дојдеме до оние стабилни проценти би рекол, 2, 2,5 проценти. Тоа е она кое што го очекуваме во периодот кој што следи“, вели Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став во однос на информацијата дека месечната ставка за август за инфлацијата е намалена во однос на јули.
Премиерот Мицкоски нагласи дека ако се направи длабинска анализа ќе се види дека на месечно ниво за прв пат базичната инфлација е во негатива, односно во минус.
„Но она кое што е важно е ако се направи длабинска анализа ќе се види дека на месечно ниво за прв пат базичната инфлација е во негатива, односно во минус. Тоа е добар индикатор дека имаме полека стагнирање и намалување на базичната инфлација која што беше главен драјвер, двигател на генералната инфлација. Мерките не се така интензивни кои што ги правевме, ние се одлучивме и покрај критиката која што ја добиваме од одредени невладини, синдикални здруженија итн. да водиме многу внимателна макроекономска политика, да направиме баланс помеѓу растот на платите и инфлацијата, односно секогаш растот на платите да е повисок барем двојно да гледаме од тоа што е растот на инфлацијата. Така што во нето граѓаните да имаат подобар стандард, така ќе продолжиме без интервенционизам“, рече Мицкоски и додаде:
„Интензивни се контролите на ДПИ и на Комисијата за заштита од конкуренција, нормално не правиме од тоа естрада и парада па сето тоа да го соопштуваме пред камера, но континуирано имаме мониторинг и најмалку еднаш до два пати неделно добивам извештај од двете институции“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа