Груевски повика на промена на форматот на преговорите за името
Визната либерализација, двете јасни потврди од НАТО дека сме ги исполниле сите критериуми за влез во Алијансата и четирите позитивни извештаи на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија и четирите препораки за датумот за почеток на преговори за влез на Македонија во ЕУ...и тоа се победи, нагласи премиерот Никола Груевски денеска на Мечкин Камен во обраќањето пред присутните по повод одбележувањето 110 години од Илинденското востание и 69 години од Првото заседание на АСНОМ.
Сепак, истакна, пред нас е една голема пречка, а тоа е спорот кој пред 23 години го отвори нашиот јужен сосед Грција, која не блокира на патот кон ЕУ и НАТО. Засега, потсети Груевски, ниту ние во овие безмалку 7 години, ниту другите во претходните 16 години не успееја да најдат решение кое ќе го прифати Грција.
- Сме говореле досега многу за тоа колку е се тоа неправедно, и колку е се нелогично и апсурдно. Но, мора да се спомене денес дека разговорите со Грција се во една доста сложена фаза, односно во еден ќор сокак, во кој единствена детерминанта и цел е купувањето време. Одбивањето разговори и средби, неможноста на медијаторот да закаже елементарен состанок кај една од страните е само показател за состојбата во која се наоѓаме, посочи претседателот на Владата. Во тој контекст прашува како да решиме спор ако не разговараме, ако постојано како одговор добиваме клише реакции и веќе видени тези, како да решиме спор ако никој, буквално никој освен нас не е директно мотивиран или храбар да придонесе овој спор да се реши. Како да го решиме спорот, подвлекува премиерот, кога на конкретни иницијативи се одговара тотално незаинтересирано.
- Ајде да седнеме и да разговараме. Еве уште еднаш ја користам приликата на овој наш голем празник, историски ден, за да повикам на промена на форматот на разговорите за изнаоѓање решение, односно носители на одговорните тимови на двете земји да бидат премиерите, и да се обидеме заедно да дојдеме до некое за двете страни прифатливо решение, крајниот збор секако и секогаш ќе го имаат граѓаните на организиран референдум и тоа е обврска од која ниту еден политичар, партија или поединец не смее да бега, повика македонскиот премиер Груевски.
Инаку, рече тој, провокации имало и ќе има, и од внатре и од надвор, но ние, дециден е, ги гледаме и од нив не се плашиме, зашто исклучиво интересот на државата е пред нас.
Со цел забрзување на процесот на разговори и апел за поголем фокус кон ова прашање на сите засегнати страни, Груевски обелодени дека размислува да се обрати до организацијата на Обединетите Нации со став, како што рече, за промена на форматот на разговорите, со што би се следел примерот и на Србија и Косово, во кои разговори, покрај медијаторот, би учествувале сите директно, интензивно со свои тимови и експерти од нашата земја.
- И сега сум убеден дека, ако пред 5 или 6 години некој на светов имаше резерва или скепса за нашите убедувања дека нашиот сосед нема елементарен интерес ниту волја да разговара, а камо ли да го реши спорот, овојпат на сите им е јасно тоа. Ако на некого не му е, јас го повикувам да го натера нашиот сосед да седне и да разговара со нас на реални разговори со добра воља во присуство на медијаторот и на кој сака од меѓународната заедница, и да се увери во ова кога ќе добие негативен одговор од другата страна. Односно наместо некои да трошат енергија со тоа што мислат дека ќе помогнат некому измислувајќи нови и нови услови за нашата земја, или критики за наводни недостатоци во системот, судството, администрацијата, медиумите и слично, нека потрошат малку енергија да ги убедат нашите соседи да седнат и да разговараат со нас со позитивна и конструктивна мисла. Со добра воља за решение, апелираше Груевски.
Не велам дека немаме недостатоци и слабости, истакна тој, но убеден сум, подвлече, дека имаме дури во некои сфери и многу помалку од некои членки на НАТО или ЕУ, и подготвен сум да дебатирам за ова со кого сака. И конечно, рече, по четири години јавни признанија за напредокот во сите сфери, неуверливо кај било кого е кога одеднаш во немоќ да се реши главниот проблем, ќе се смени реториката и ќе се поплука се што претходно се кажало.
- Нашиот народ не е воопшто наивен и со леснотија веќе може да ги прочита сите оние наводни извештаи и во наводници добронамерни критики за аномалии во нашиот систем, за наводно немање доволно демократија, или не знам какво судство и така натаму. Сме поминале толку многу во нашата историја и посебно во овие 23 години плурална и самостојна Македонија, сите овие процеси да се веќе лесно читливи за секого. Затоа велам, да се фокусираме на главниот проблем, а не да измислуваме нови. Немоќта од фокус на главниот проблем не смее да ја затскрива некој со отворање и измислување нови, повика претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски.
ФОТО: Нова Македонија