Груевски: Крушево падна но не беше поразено - големата идеја на илинденците живее во секој од нас

 

Крушево падна, но не беше поразено. Тој ден се роди големата идеја која продолжи да живее во секој од нас, со чие што сеќавање македонскиот народ оствари големи победи. Идејата за која се залагаа, бореа илинденците и борците од НОБ, е жива и живее во нас, и таа секогаш ќе живее. Таа идеја ние треба секогаш да ја мултиплицираме во нови победи, континуирано и без престан, истакна премиерот Никола Груевски во денешното обраќање на Мечкин Камен во Крушево, по повод Денот на државноста.

„Браќа, часот е велик ... Примерот за саможртвување е пред нас. Да докажеме дека сме корави Македонци, упорни борци и доблесни синови на родината. Од височините на Бела Вода, Македонија ќе го гледа нашиот подвиг“, го цитираше премиерот војводата Ѓорги Стојанов кој со овие зборови пред точно 110 години од врвовите на Слива ги бодреше своите 300 соборци да се спротивстават на илјадниците противнички војници. Иако знаел дека одат во сигурна смрт, војводата верувал, како што рече Груевски, дека токму тој пркос и борбата базирана на вредностите ќе помогне генерации и генерации Македонци да го следат примерот на непокорот, самопрегорот, и саможртвата користејќи ги како врвна инспирација во следните битки и победите за Македонија. 

- И знаеше војводата дека само со пример кој ги надминува границите на просторот и времето, ние денеска, наследниците од македонскиот род, по 110 години ќе го споменуваме како пример за почит и ќе му благодариме, рече премиерот.

Цела Македонија го гледа подвигот кој го направија овие смели луѓе пред 110 години. -Мажите и жените, децата и старците, земјоделците, занаетчиите, сточарите, трговците жестоко и до последен здив ја бранеа Македонија, завршувајќи ја својата епопеја токму овде на Мечкин Камен со македонската стрелба, рече премиерот, а 110 години потоа им оддаваме почит, ги славиме и им благодариме на нивното дело и чест.

- Делчев велеше: „Во жртвата нема степен, таа завршува со чест и име“. Имињата се забележани, а честа е огромна, вие не паднавте залудно, вие паднавте и од споменот на вас и вашата идеја Македонија смогнува сили и се издига на мапата на државите, истакна премиерот.

Тој ден, потсети Груевски, Крушево падна, но не беше поразено. - Не, тој ден се роди идејата, големата идеја која продолжи да живее во секој од нас, идејата со чие што сеќавање македонскиот народ оствари големи победи. Таа идеја живееше и не можеше да биде угаснета ниту во Балканските војни и Првата Светска Војна, кога и покрај неправдите, поделбите, убиствата, преселбите продолжи да се засилува на крилјата на ВМРО и под закрила на Македонската Православна Црква. Токму таа идеја придонесе на 11 октомври 1941 година Македонија да се крене против окупаторскиот јарем на Хитлер, и жестоко над стоилјадна македонска војска да продолжи да се бори со своите сојузници против фашизмот, за на крај да победи. Светлиот Илинденски непокор продолжи да живее, за на 2 август 1944 година македонскиот народ да го одржи АСНОМ и да ја печатира заслужената победа гарантирана со Атлантската повелба која гарантира самоопределување, самоименување и самоорганизирање во држава, рече Груевски.

Потсети дека Кузман Јосифовски- Питу, идеологот на НОБ и АФВ, на 2 август 1943 година и на само една година пред АСНОМ, во рефератот поднесен на Преспанското советување по повод 40 годишнината од Илинденското востание испраќа порака до сите слоеви од македонскиот народ и народностите кои живеат во Македонија за приклучување во НОБ за остварување на нивниот вековен идеал - слободна Македонија. Меѓу другото, посочи тој, Кузман вели: „На 2 август 1943 година се навршуват 40 години како избувна славното Илинденско востание, откако заврши херојската Илинденска епопеја на македонскиот народ... Денеска, кога македонскиот народ се најдува пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба појке от секојпат да светли пред очите на целио македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кој ја сакаат својата земја... Користејќи го илинденското искуство и знаејќи ги поуките, који оно ни ги дава, да створат све от себе  за остваруење на еден нов победоносен Илинден“. Една година по ова, продолжи Груевски, во манастирот Прохор Пчињски, на заседанието на АСНОМ, Панко Брашнаров и самиот учесник и во Илинденското востание и во НОБ го отвори заседанието, и тоа со насолзени очи сеќавајќи се на Илинден во својата беседа, но тие солзи беа од радост затоа што остваривме државност-Победи илинденската идеја.

- Споменот на првиот и на вториот Илинден помогнаа и на 8 септември 1991 година македонскиот народ и националностите да се определат за независност, сувереност и самостојност на Република Македонија, истакна премиерот.

Денешниот ден и големиот празник Илинден, за кој со години наназад се собира и прославува македонскиот народ, се поврзани, вели тој, со исклучокот од правилото дека секој човек настојува да преживее колку што може повеќе на овој свет. Исклучокот го наоѓаме токму во Илинденската и Асномската генерација на наши предци, кои своеволно и трезвено, со чист разум и при здрава свест, го замениле својот живот, за прерана смрт во името на идеалот за кој се бореле - татковината.

- Огромен број наши предци се жртвувале за ние денес да бидеме слободни и неограничени,.... да можеме да имаме свои права, култура, јазик, име, право на верска определба, на припадност, на идентитет, слободно да живееме и да умираме, рече Груевски прашувајќи дали вреди да се даде животот за вакви идеали. Можеби, истакна тој, вистинското прашање е што можеме ние за нив да направиме за нивното дело да биде вреднувано или, како што рече, поточно што можеме ние да направиме за Македонија, за нашата земја, за нашата татковина, за која тие храбро загинаа.

Република Македонија е самостојна, независна и суверена држава и секому, потенцираше претседателот на Владата, треба да му биде јасно дека ние денеска имаме основно право, но и основни обврска и должност да работиме на нејзин развој во секоја сфера.

- Од нас зависи дали ќе бидеме успешни, дали ќе направиме исчекори, дали ќе достигнеме повеќе стандарди, дали ќе го направиме животот подобар. Не од Белград, Софија, Тирана или Атина. Од нас, од Македонците, и од Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците кои живееме овде во Македонија, тука работиме, создаваме, живееме. За некои прашања потребна е и не е лошо да имаме координација со нашите соседи и ние тоа го правиме, со оние кои се порасположени поинтензивно, со некои заради некои околности со помал интензитет, но и таму се трудиме да ја подобриме работата и не не обесхрабрува немањето активизам туку напротив дополнително не мотивира, рече Груевски.

Потсетувајќи на слоганот на денешната прослава „Една идеја, многу победи!“ и дека идејата за која се залагаа и бореа илинденците и борците од НОБ, е жива и живее во нас, и ја отелотворуваме во сите сфери без исклучок.

Македонија, рече тој, нема некои природни ресурси кои би и гарантирале без вложување труд  големи приходи по основ на нив, нема нафта или природен гас или пак илјадници километри песочни плажи со огромни приходи од туризам, огромен пазар или неисцрпни рудни богатства, и слично.

- Знаејќи го ова ние треба да се фокусираме кон многу работа, и кон обезбедување услови за стекнување знаења, вештини и компетенции за поединецот во секоја сфера. На тој начин ние ќе продуцираме кадар, кој знае да работи, кој е духовно и стручно богат, кој создава вредности, ги избира и работи на приоритетите. Кој знае дека само работата и залагањето ќе донесе успех и ќе го направи него конкурентен, а ако тој е конкурентен ќе биде и успешен, а неговиот успех ќе значи и успех за државата. Нам ни треба кадар кој освен стручност ќе има изразена етика, совест, и самосвест, слободоумност и слободна мисла. Ние треба да реализираме повеќе помали победи кои ќе ја направат големата слика за победата која ќе е реалност, истакна Груевски.

Рамно на победа, додаде тој, е да инвестираш во образованието на младите и тоа процент од БДП на кој завидуваат и многу поуспешни држави од нас, да обезбедиш најсовремени лабаратории за универзитетите и бизнисот, да се намалат партиципациите за факултет и со тоа да се олесни пристапот за секого, да има бесплатни учебници за сите ученици, многу нови или пак модернизирани спортски сали и училишта, дисперзирани студии блиску до сите, како што е и победа проектот кој го работиме со Кембриџ со кој од следните години македонските ученици ќе учат од најдобрите учебници и по наставни програми од Англија, или пак како ниту една друга земја во светот, освен Јапонија, што овозможуваме целосна стипендија за секој наш човек кој ќе успее да се запише на 100-те односно 200-те во техничките науки највисоко рангирани универзитети во Светот, нешто што до пред две години беше само сон, а сега е реална и изводлива опција.

Победа, вели тој, е да ја намалиш цената на лековите, да инвестираш во најмодерна опрема за клиниките и болниците, и да ги градиш и реновираш, да обезбедуваш бесплатна обука и студиски престој за нашите лекари во странство за да стекнат нови знаења и да помогнат на нашите пациенти, да спасуваат и продолжуваат животи, да носиш реномирани странски лекари за да изведуваат интервенции дома додека нашите лекари не го надополнат тој простор каде што како и секоја земја имаме дефицит, да овозможиш бесплатно ин витро за прво и за второ дете, да се осврнуваш на правење систем за подобра комуникација на лекарите и пациентите, за подобар однос, во сечиј интерес. Секој нов човечки живот, секоја излечена болест, секој добар збор и однос е победа.

- Победа е и приклучувањето на Македонија во Јужен тек, и тоа во ситуација кога на почетокот Македонија не беше ни споменувана во овој проект, но со големи залагања обезбедивме влез во него. Сега се создадени и обезбедени условите кои овозможуваат да се започне со оперативни активности и на внатрешната гасоводна мрежа, помеѓу градовите, во секој град посебно и до секое домаќинство, погон, институција, фарма или фабрика во населените места, рече Груевски.  

И новиот аеродром во Скопје, модернизираниот во Охрид, новите автобуси за градски превоз, становите за социјално ранливи семејства, посебните програми за нивно вработување како што е оној за вработување на 1.600 лица во државните институции, процес кој е во самиот финиш и од есенва ќе се почне и со првите вработувања по однос на оваа програма се победи, како и новиот проект за организирано помагање на поимотните кон посиромашните кои деновиве го промовираше Владата е една за некого мала, но за некого голема победа.

Победа, додаде тој, се и ново изградените, реконструирани или модернизирани локални, регионални патишта, автопатите кои се изградени или кои ги градиме како оној од 28 километри кај Демир Капија и заложбите што ги правиме за нови автопатски решенија за кои сме во интензивен процес на заокружување на финансиската и правната конструкција.

- Исто како што е и легализацијата на дивоградбите, и откупот на дворовите за семејствата, покачувањето на гаранцијата за штедни влогови до 30.000 евра, овозможувањето на услови за легализација на фармите, земјоделската механизација, купувањето на солидни автомобили и автобуси по намалени цени и слично... За земјоделецот е победа тоа што секоја година добива високи земјоделски субвенции, што се распределува земја по објективни и правични услови, што државата финансира 50% од трошоците за развој на неговата дејност, што ќе може земјата која со години ја работи и од неа живее да си ја купи под поволни услови и на многу рати и да си биде негова, да не се плаши дека може да ја загуби, вели премиерот Груевски.

најчитано сега