Адеми во Брисел на средби со претставници на ЕК

Вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми престојува во работна посета на Брисел каде што имаше средба со  Геновева Руиз Калавера, директорката за Западен Балкан во рамките на Директоратот за проширување и соседска политика.

На средбата, информираат од СЕП, вицепремиерот Адеми зборуваше за актуелната политичка состојба во земјата при што се осврна на клучните активности реализирани изминатиот период согласно обврските кои произлегуваат од Политичкиот договор. Притоа особено ја истакна важноста за организирање на демократски и кредибилни парламентарни избори чии резултати ќе бидат широко прифатени.

Тој, исто така, истакна дека останува посветеноста на Владата за исполнување на обврските кои произлегуваат од Итните реформски приоритети, имајќи ја предвид нивната важност за европската перспектива на земјата.

Соговорниците, за време на состанокот особено се осврнаа на предизвиците и можностите за поефикасно планирање и искористување на поддршката која се обезбедува преку ИПА фондовите на Европската унија, информира СЕП.

Заедничка заложба на Адеми и Калавера беше да се продолжи со праксата на блиска соработка и координација на сите активности, со цел да се обезбеди навремено програмирање на достапните фондови и поефикасна имплементација на проектите со што би се намалиле евентуалните загуби на средствата.

Во тој контекст, вицепремиерот Адеми информираше дека моментално се прави длабинска анализа на неодамна објавениот извештај на Судот на ревизори, со цел да се преземат потребните мерки за адресирање на наодите и препораките од извештајот.

За време на средбата, соговорниците се согласија дека е потребно да се продолжи со поддршката која ЕУ и ја дава на Македонија за јакнење на националните капацитети за миграција, имајќи ја предвид важноста на оваа област и за земјата, но и за Унијата.

Во текот на денот, вицепремиерот Адеми ќе има средба и со Кристијан Даниелсон, генералниот директор на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија.

 
 
15.09.2016 - 14:15
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега