Докторите и сестрите си пушеле во велешката Болница

 
Државниот здравствен и санитарен инспекторат, во текот на вчерашниот ден извршил вонреден инспекциски надзор  во Општа болница–Велес во однос на почитувањето на прописите од областа на здравството со акцент над спроведување на Законот за заштита од пушењето.
 
-Од надзорот на oдделението за невропсихијатрија се констатира дека не се почитува Законот за заштита од пушење од вработениот персонал. Во просторијата која функционира како заедничка просторија и која е означена како работна соба, од страна на инспекторите беше забележано присуство на чад од цигари. Исто така, во корпата за комунален отпад затекнати се картонски кутии од цигари, како и неколку отпушоци. Во Дневниот центар за третман и рехабилитација на дроги и психотропни супстанци во состав на истото одделение на приземјето од деловната зграда каде влезот се дели со пациенти за преглед во специјалистичко- консултативната амбуланта се затекнати многу опушоци од пациентите на метадонска терапија, информираат од Државниот инспекторат.
 
Исто така, соопштуваат од Инспекторатот, од надзорот над хируршкото одделение во болницата било констатирано дека поголем дел од докторските соби се заклучени и неозначени, додека во една од докторските соби биле констатирани исто така повеќе отпушоци во корпата за отпадоци кои се фотографирани. Докторската соба била затекната во лоша хигиенска состојба, присуство на чад и непријатна миризба на тутун.
 
Заради констатираните недостатоци во однос на непочитување на  Законот за заштита од пушење од дел од здравствениот кадар во оваа здравствена установа, Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе поднесе прекршочна пријава до Општата болница Велес. 
 
-Согласно Законот, за овој вид прекршок е предвидена глоба од 2.000 до 4.500 евра, во денарска противвредност за установата. За директорот на установата како одговорно лице е предвидена глоба од 500 до илјада евра, додека за физичко лице од 150 до 300 евра, во денарска противвредност, информираат од ДСЗИ.
 
 
Оттаму најавуваат дека интензивно ќе го контролираат спроведувањето на законските прописи во областа на здравството, со цел градење на пациент-центричен систем, односно здравствен систем во кој пациентот е во центарот на вниманието на здравствената заштита.

најчитано сега