Зоран Јошевски: Сите земји од регионот да се обединат и заеднички да ги решаваат проблемите во сообраќајот
Press24: Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата организира меѓународна конференција за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. За што точно станува збор? Зошто една ваква конференција?
Јошевски: Безбедноста на сообраќајот на патиштата бара високо ниво на соработка на меѓународно, регионално, и на национално ниво. Фактот дека во регионот на Југоисточна Европа бројот на загинати и повредени лица на 100 000 жители е поголем во однос на останатите земји членки на ЕУ говори дека е неопходно сите земји од регионот да се обединат, заеднички да ги опсервираат проблемите и состојбите во сообраќајот и врз основа на донесените заклучоци да се креираат политики и да се иницираат мерки за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во регионот на Југоисточна Европа. Водејќи се од ова, РСБСП се зафати со еден сериозен проект а тоа е организација на Првата меѓународна конференција на тема: „Управување со безбедноста на патниот сообраќај во Југоистична Европа-предизвици и насоки за дејствување “.
Press24: Кога ќе се одржи и кои се ќе биде присутен на конференцијата?
Јошевски: Конференцијата ќе биде организирана на највисоко ниво и ќе се одржи во периодот од 29.09.2016 година до 01.10.2016 година во хотелот Александар Палас во Скопје. Покровител на конференцијата е Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓи Иванов, а учесници на конференцијата ќе бидат претставници на водечките тела за безбедност во сообраќајот на патиштата од земјите од регионот, претставници на министерствата за внатрешни работи и за транспорт од Република Македонија и од земјите од регионот, истакнати и афирмирани универзитетски професори од земјите во регионот, сообраќајни инженери и уште голем број на учесници кои ќе говорат за предизвиците во сообраќајот.
Press24: Што очекувате од конференцијата? Која е целта и зошто се организира?
Јошевски: Структурата на конференцијата и профилот на учесниците сами по себе зборуваат дека станува збор за конференција која е организирана на највисоко политичко и научно ниво, па од тука од конференцијата очекуваме да произлезат конкретни и практични решенија за ефикасно управување со безбедноста на сообраќајот на патиштата. Нашата главна цел за оваа конференција е од неа да произлезе еден заеднички документ со кој сите заеднички ќе се обврземе на повисоко ниво и на конкретна оперативна соработка помеѓу сите надлежни институции во земјите од регионот. Размената на знаење, искуства и добри практики со цел ефикасно управување со безбедноста на сообраќајот на патиштата на национално ниво а со тоа и подобрување на безбедноста на патниот сообраќај во целиот регион на Југоисточна Европа е неопходна. Градењето на ефективен и ефикасен систем за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во сообраќајните незгоди е процес кој бара посветена работа и користење на најдобри пракси и искуства од земјите коишто веќе успеале да развијат сериозен систем за управување со безбедноста во патниот сообраќај. На оваа конференција ќе ги анализираме современите модели на управување со безбедноста на сообраќајот на патиштата имплементирани во најнапредните европски земји и ќе анализираме што од тоа и како е имплементирано во земјите од овој регион, кои се резултатите и како понатаму треба да се дејствува со цел достигнување на нивото на безбедност на сообраќајот на патиштата од тие земји чиј што резултати се импресивни. Шведска и Норвешка на пример изминатава година имаа по три загинати лица на 100 жители и нула деца загинати во сообраќајни незгоди.
Исто така очекуваме на конференцијата уште еднаш да биде афирмирана потребата од имплементација на концептот на широк мултисекторски пристап кон прашањата и проблемите во сообраќајот.
На конференцијата ќе бидат презентирани трудови од голем број на истакнати и афирмирани професори и експерти од областа на сообраќајот. Исто така, очекуваме токму на оваа конференција преку еден заеднички документ, сите земји и сите институции да се обврзат на поголема имплементација на науката и современите технологии при креирањето и имплементирањето на политики и мерки за ефикасно управување со безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Press24: Дали на конференцијата ќе бидат присутни и гости од некои меѓународни организации и кои?
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата од неодамна е член ETSC (European transport safety council) и очекуваме на конференцијата да присуствува извршниот директор на оваа организација, г-дин Антонио Авеносо кој ќе ги пренесе искуствата, политиките и мерките кои се имплементираат во Европа за побезбеден сообраќај. Исто така како членови на PRI- (Preventiv rutier internacional) - меѓународна организација за безбедност на сообраќајот на патиштата очекуваме претставници и од оваа организација да учествуваат на конференцијата. Покрај тоа, голем број на претставници на организации, здруженија и институти од земјите од регионот активно ќе учествуваат на конференцијата и ќе презентираат свои трудови, истражување, анализи и заклучоци.
Press24: Оваа велите е прва ваква конференција , Што понатаму ?
Јошевски: Оваа е прва ваква меѓународна конференција каде посебно се става акцент на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Југоисточна Европа. Веруваме во нејзина успешна организација и во рамките на истата ќе покренеме иницијатива за редовно одржување вакви конференции во земјите од регионот, барем еднаш годишно, затоа што безбедноста на сообраќајот бара континуитет и перманентно следење на новите модели и методи за управување со безбедноста во патниот сообраќај. Се надеваме дека во иднина соработката помеѓу земјите од регионот ќе се издигне на такво ниво што ќе се отворат можности за формирање на регионални асоцијации и здруженија кои ќе работат на полето на унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во регионот на Југоисточна Европа.
Press24: Покрај наведените учесници кои се друг може да учествува на конференцијата?
Јошевски: Конференцијата е од отворен карактер и сите кои се заинтересирани можат да учествуваат. Условите и начините за учество се презентирани на веб страната на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, таму е достапна и регистрационата форма така што ги покануваме сите заинтересирани страни кои работат на полето на унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата да се пријават и да земат учество затоа што станува збор за конференција од највисоко ниво во оваа област.
Доц.д-р Зоран Јошевски, член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Претседател на организационен одбор на Првата Меѓународна конференција за безбедност на сообраќајот на патиштата „Управување со безбедноста на патниот сообраќај во Југоистична Европа-предизвици и насоки за дејствување “
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа