Село гори, баба се чешла
Половина Скопје беше поплавено. Во државата беше прогласена тридневна жалост поради смртта на нашите сограѓани што ги однесе природната непогода. Во тие и такви траорни моменти за нацијата Заев одлучи да го нагости Аца Лукас, и да прави турбо фолк фешти во Струмица. Токму во тие моменти на жалост, лидерот Заев оцени дека на нацијата и е дојдено до пеење. Слично како кога одлучи да оди на „излет“ во Диво насеље и да прави селфи со терористите, насмеан од уво до уво, неколку часа по погинувањето на македонските синови полицајци.
Половина Скопје поплавено, Заев си чешла патец и си фаќа ѕенѕачки ритам на турбо фолк музика. И не ми е муабетот за музиката. Ако сака сите ѕвезди од „Гранд Парада“ нека ги собере во Струмица. Ниту се разбирам од продукцијата на Аца Лукас, на Цеца, на Карлеуша, и на останатите српски или други фолкери, ниту ме интересираат. Насловите на песните од Аца Лукас што ги споменувам подолу се одбрани во интерес на текстот. За да се долови целата негова идиотштина.
Поентата на текстов е за нешто подлабоко, за човечноста. Да бидеш лидер на најголемата опозициска партија во земјата и од петни жили да сакаш да дојдеш на власт, иако за тоа немаш ниту грам капацитет, и при тоа уво да не те боли за неволјата на своите сограѓани, и за трагедијата што им се случува на терен, е дно. Дно на дното. Да правиш журки и да се лудираш со музика и со алкохол трошејќи народни пари, во услови кога цела држава е мобилизирана за спас на она што може да се спаси и санира од најголемата природна катастрофа што и се има случено на земјата во последните педесетина години, е навистина чин што секој нормален, разумен и совесен граѓанин го остава буквално без коментар. Го остава без збор, без елементарна желба за опис на невидената леснотија на глупоста што го има зафатено лидерот на СДСМ, и топтан целата партија.
Како можеа, или поточно како имаа срце овие луѓе да се журкаат и да пеат во услови кога цела држава тажи по загубите на своите сограѓани, кога цела нација беше/е во шок од траорните сцени на терен, кога секој еден човек беше/е повеќе од потребен да даде помош. Ова е првото и веројатно најважното прашање што си го поставува секој од нас.
Како им даваше душата да пеат и да се пијанчат до раните утрински часови во услови кога целата држава беше мобилизирана за помош на настраданите. Со кој памет се впуштија во транс на звуците на Аца кога само на стотина километри подалеку сограѓаните од Скопје ја водеа животната битка против природната стихија, кога припадниците на армијата, на полицијата, на администрацијата, на волонтерите, и на сите други хумани граѓани помагаа со натчовечки сили да се стопира најлошото и да се нормализира теренот, пред теренот да направи уште едно зло.
И еве неколку дена по стивнувањето на журката во Струмица, Заев и неговите пратеници имаа образ и совест да се истопорат на собраниската бина и на прес-конференции и да зборуваат за лошите мерки што Владата ги презела за настраданите?! Демек, ако стапеја на сцена нивните мерки сé ќе беше песна. Без тронка срам зборуваа јавно за постапките на другите. Без тронка срам критикуваат, бараат оставки од луѓето што деноноќно остануваат на терен и пожртвувано помагаат во справувањето со последиците од невремето. Наместо фанатичните журкачи да се сокријат во првата поголема дупка и да не излезат едно месец дена од неа, тие одлучија да бидат најгласни критичари и мудреци за состојбите во земјата. Уште неотрезнети од журката му се нафрлија на ВМРО-ДПМНЕ. Нападот е најдобра одбрана, лична карта на СДСМ. И наместо пратениците од СДСМ прво да му дошепнеа на нивниот неотесан лидер дека одржувањето концерт во вакви траорни услови е далеку од паметот, и дека истиот мора да се одложи за некои подобри времиња ако веќе не може целосно да се откаже, тие решија на собраниска седница да го истурат целиот свој гнев и омраза кон ВМРО-ДПМНЕ и кон сите што несебично помагаат и работат. Наместо најнапред да си го прашаат лидерот што го натера да се впушти во една ваква крајно непромислена и далеку од умот турбо фолк авантура, тие им се навртеа на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ со барања за нивна политичка и лична одговорност. Кој се најде повикан да зборува за одговорност. Чудо на природата се луѓево, нема што.
И бидејќи никој јавно не прашува, еве јас го прашувам Заев што го натера да направи еден ваков налудничав чекор? Дали можеби веќе му беа легнати „донираните евра за Вицето“, или навистина Заев проценил дека токму сега е вистинското време за журки и славје во земјата. Или можеби „Личната карта“ на Аца Лукас успеа да ги трансцедентира него и неговите слуги на некоја друга планета каде сé е послано со „бели ружи“ и воодушевување од умот на лидерот. Или можеби со пеење на песната „Кома“ Заев си ги лечеше политичките фрустрации акумулирани со годините што коматозно делуваат на неговата психа.
„Не раѓај грешници“ од Лукас е веројатно текстот што најмногу му има легнато на душа на градоначалникот на Струмица и неговата дружина таа вечер. Мислејќи на мајка Македонија, а пеејќи во прво лице еднина, од Струмица несакајќи, ненамерно тие испратија една многу важна порака. Порака до земјата да престане да раѓа политичари грешници што му носат на народот само зло.
Навистина на Република Македонија, и на граѓаните им е доста од вакви политички шарлатани без основно чувство за емпатија, за сочувство, за тага.
Аца Лукас нека продолжи да си пее. Човекот навистина не сакајќи одигра една многу важна улога на нашата политичка сцена. Народот одамна има сфатено, ама сега го стави последниот капак врз бурето што носи само несреќи. Од овој настан мора сите конечно да сфатиме со кого и со што си имаме работа...
Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа