Помош од Крива Паланка за настраданите во невремето

Тимот за одговор и дејствување при катастрофи од Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка од изутрината се наоѓа во општина Гази Баба каде во координација со Црвен крст на Република Македонија и надлежнитe институции пружа помош за санирање на штетите и расчистување на теренот.

- На терен се пет члена на Тимот за одговор и дејствување при катастрофи, кои од пунктот во ООУ„Наум Наумовски-Борче“ ќе бидат распоредени на најзагрозениет локации. Од нашата општинска организација се испратени и хуманитарни пакети со конзервирана храна, хигиенски намирници и вода, најнеопходни средства за населението, согласно препораките, собрани на отворениот пункт во Црвен крст изминатите 72 часа-информира Дарко пешовски, секретар на ОО Црвен крст, Крива Паланка.
 
Рече дека Кривопаланчани како и многу пати до сега ја покажале својата хуманост.
 
- Собирната акција беше успешна, а граѓаните сѐ уште доаѓаат во просториите каде е стациониран пунктот. Покрај материјални средства, собрани се и 16.900 денари кои се уплатени на сметката на фондот за солидарност, а голем број стопанственици од градот веќе донираа финансиски средства во овој фонд, додаде Пешовски.
 
Истакна дека во досегашните активности биле вклучени Клубот на пензионери при Црвен крст, Клубот на млади и Тимот за одговор и дејствување при катастрофи. Според него, сите расположливи капацитети на Општинската организација се на располагање, а човечките ресурси се во приправност за сѐ што ќе биде неопходно во претстојниот период.
 
 
11.08.2016 - 11:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега