Бранимир Јовановиќ: На 31 август нема да има услови за фер избори

 

Политичката групација Левица, која постојано ја поддржуваше опозициската СДСМ, сега по политичкиот договор меѓу четирите партии застана против договорот обвинувајќи ја СДСМ дека не издејствувала поволен договор. Сепак иако е против договорот и смета дека нема да има услови за фер избори, Левица ќе избере да оди на избори, наместо на протести

 

-На 31 август ќе се заклучи дека не се исполнети условите и дека изборите ќе бидат одложени за догодина. На власта ѝ одговара ова, зашто тогаш тие би се совпаднале со локалните избори, што ќе ѝ овозможи да ги здружат и локалните и централните ресурси со кои располагаат и да остварат синергетски ефекти. Затоа, од гледна страна на власта, во овој момент е рационално е да се опструира договорот. Доколку дојде до ова, нам не ни преостанува ништо друго, освен пак да протестираме. Доколку четирите партии сепак се договорат за избори во декември, во тој случај очекувам и другите партии да одат на тие избори. Тие нема да бидат фер, но сепак можат да доведат до смена на власта, вели Бранимир Јовановиќ од Левица, во интервју за Прес24.

На тие  избори во декември, Јовановиќ вели дека би сакале како Левица да одат самостојно, но смета дека најдобра варијанта е да градат коалиција со СДСМ. Досегна не е разговарано за такво нешто.

-Не, но во јавноста веќе кружи идејата за формирање на широка антирежимска коалиција, во која би влегле сите (т.е. што е можно повеќе) опозициски политички субјекти, која би имала цел да го победи режимот на следните избори и да спроведе реформи за организирање на нови фер избори на кои секој политички субјект би настапил самостојно. Мое лично мислење е дека, заради ургентноста на ситуацијата, за вакво нешто би можело да се разговара, и покрај бројните разлики меѓу политичките субјекти. Ако можевме да протестираме заедно, можеме и да одиме на избори заедно, вели Јовановиќ за Прес24.

А меѓу една од разликите е и суштинско прашање кое се врзува со стратешките и национални интереси на државата. Членството во НАТО.

-На НАТО не. НАТО не треба ни да постои. НАТО е воен пакт, кој под превезот на зачувување на мирот, води војни низ светот кои резултираат со убивање на луѓе, разорување на држави, експлоатација на природни ресурси од страна на странски компании, осиромашување на луѓето. Македонија не треба а биде дел од такви пактови. Македонија треба да го следи патот на СФРЈ, чијшто просперитет делумно се должеше и на политиката на неврзаност, вели Бранимир Јовановиќ во интервјуто за Прес24.

 

ПРЕС24: Левица како политичка структура последниот политички договор меѓу четирите партии го оцени како лош. Што не чини во тој договор?

ЈОВАНОВИЌ: Многу работи не чинат. Накусо, договорот не ветува дека ќе обезбеди услови за фер избори. Не предвидува формирање на специјално судско одделение, не обезбедува елиминирање на партиските влијанија од медиумите, не спречува можна злоупотреба на јавните пари во предизборниот период, не предвидува експертска влада. Специјалното судско одделение е неопходно за да се деблокира работата на СЈО. СЈО, кое ужива огромна поддршка од граѓаните (според анкетата на ИРИ, дури 63% од граѓаните го поддржуваат), сега e целосно блокирано од судовите. За илустрација, судовите одобриле само едно од 20-те барања за притвор кое СЈО ги упатило, додека од 717-те барања за притвор на Основното јавно обвинителство во периодот 2012-2014 година, одобриле дури 707. Кај медиумите, неопходни се темелни реформи, за тие да се ослободат од партиските влијанија. Такви реформи не се предвидени со договорот, заради што и Здружението на новинарите на Македонија се повлече од имплементацијата на договорот. Реформи се неопходни и кај водењето на јавните финансии, зашто голем дел од изборните манипулации кај нас се вршат преку злоупотреби на јавните пари. За да има фер избори, неопходно е да има транспарентност и контрола на трошењата. За тоа нема ништо во овој договор, па 450-те милиони евра од еврообврзницата практично можат да се искористат за „купување“ на изборите. Експертската влада е неопходна за да се одвои партијата од државата, за да не дојдеме пак до ситуација да има разни опструкции на договорот кои ќе доведат до негово одложување. Всушност, мое лично мислење е дека вакви опструкции ќе има, заради што изборите нема да се одржат во декември.

ПРЕС24: Што е она од што вие не би отстапиле во тие преговори, а сметате дека СДСМ отстапи?

ЈОВАНОВИЌ: Грешката на СДСМ е што не отстапија од тесната и ригидна пржинска рамка, која, како што се виде изминативе месеци, не нуди излез од кризата. Неопходно е целосно да се смени пристапот кон кризата. Како прво, преговорите/договорите/разговорите не смеат да бидат затворени и на нив да учествуваат само четири партии. Мора во нив да се вклучи и граѓанскиот сектор. Ова е нужно од принципиелна гледна точка, зашто ние немаме криза заради четирите партии, туку заради незадоволството на граѓаните од начинот на владеење. Но, пред сè, ова е нужно и од практична гледна точка, зашто граѓанскиот сектор со својата конструктивност, експертиза и креативност може многу да помогне. Второ, датумот на изборите не смее да се „бетонира“ однапред, туку треба да се определи дури откако ќе се осигура дека условите за фер избори се исполнети. Тие услови кои треба да идат исполнети во суштина се однесуваат на реформите од извештајот на Прибе, а се подетално операционализирани во Предлогот за итни демократски реформи, кој го изготвија неколку граѓански организации и експерти изминативе месеци. Конечно, за спроведување на овие реформи треба да биде задолжена преодна влада составена од непартиски експерти, зашто искуството покажа дека влада составена од партиите вклучени во преговорите едноставно не функционира.

ПРЕС24: Август веројатно ќе помине во знакот на летните одмори. Што по 31 август?

ЈОВАНОВИЌ: Како што кажав, моја оценка од денешна перспектива е дека на 31 август ќе се заклучи дека не се исполнети условите и дека изборите ќе бидат одложени за догодина. На власта ѝ одговара ова, зашто тогаш тие би се совпаднале со локалните избори, што ќе ѝ овозможи да ги здружат и локалните и централните ресурси со кои располагаат и да остварат синергетски ефекти. Затоа, од гледна страна на власта, во овој момент е рационално е да се опструира договорот. Доколку дојде до ова, нам не ни преостанува ништо друго, освен пак да протестираме. Доколку четирите партии сепак се договорат за избори во декември, во тој случај очекувам и другите партии да одат на тие избори. Тие нема да бидат фер, но сепак можат да доведат до смена на власта.

ПРЕС24: Која констатација е поблиску до точноста, Левица и СДСМ се во конфликт, или Левица и СДСМ се лош и добар џандар?

ЈОВАНОВИЌ: Најдобриот опис веројатно би бил дека Левица и СДСМ се Советскиот Сојуз и Америка, кои соработуваа во борбата против нацистичка Германија. Постојат многу разлики помеѓу нас, постојат многу несогласувања, но во моментов поголемиот дел од нив ги ставаме на страна, за да се фокусираме на големиот проблем – авторитарниот режим на Никола Груевски.

ПРЕС24: Сте разговарале ли некогаш со раководството на СДСМ како рамноправни политички субјекти за коалициона соработка?

ЈОВАНОВИЌ: Не, но во јавноста веќе кружи идејата за формирање на широка антирежимска коалиција, во која би влегле сите (т.е. што е можно повеќе) опозициски политички субјекти, која би имала цел да го победи режимот на следните избори и да спроведе реформи за организирање на нови фер избори на кои секој политички субјект би настапил самостојно. Мое лично мислење е дека, заради ургентноста на ситуацијата, за вакво нешто би можело да се разговара, и покрај бројните разлики меѓу политичките субјекти. Ако можевме да протестираме заедно, можеме и да одиме на избори заедно.

ПРЕС24: Ако останат вакви состојбите како што сега ги договорија четирите партии и ако договореното се имплеметира во предвидените рокови, тогаш веројатноста да има избори е над 90%. Што ќе прави Левица во таква ситуација? Ќе оди на избори или на улица на протести?

ЈОВАНОВИЌ: Веројатно ќе оди на избори. Тие веројатно нема да бидат фер, власта на нив ќе има огромна предност, но тоа не ѝ гарантира победа. Како што опозицијата успеа да победи на последните локални избори во Центар, и покрај гласачите од Пустец, и покрај трите круга, така и сега може да се победи на парламентарните избори, зашто незадоволството од власта е огромно и секој ден расте, како последица на грешките кои таа ги прави.

ПРЕС24: Какви се вашите планови за учество на изборите, коалиционен настап или самостоен?

ЈОВАНОВИЌ: Принципиелниот став на Левица е да оди сама на избори, зашто таа идеолошки е различна од другите партии. На изборите партиите треба да се натпреваруваат со програми, предлози и решенија за општествените проблеми, а програмата на Левица е поинаква од програмите на другите партии. Но, не смееме да заборавиме во каква ситуација се наоѓа нашето општество моментално. Ние имаме длабока политичка криза веќе две години. Нарушени се основните постулати на државата, како владеењето на правото. Демократијата е урнисана. Фридом Хаус веќе нè класифицира како хибриден режим, а не како демократија, за разлика од скоро сите други екс-ју републики. Институциите не функционираат, зашто се целосно заробени од владејачката елита. Дополнително на тоа, имаме договор кој не ветува фер избори. Во таква ситуација, изборите би биле еден вид на референдум. Од едната страна би биле владеење на правото, правдата и слободата, од друга владеењето на партијата, корупцијата, стравот. Во вакви услови, и само во такви, учеството во некоја коалиција како онаа погоре, има смисла, и тоа само за овие избори.

ПРЕС24: Многумина аналитичари честопати ве споредуваат со хрватски МОСТ или грчка Сириза. Што сакате вие повеќе да бидете?

ЈОВАНОВИЌ: Ни едното ни другото. Мост се подели, а Сириза ги изневери своите основни вредности. Ние сакаме да бидеме нешто ново, и на македонската политичка сцена, и на светската. Сакаме да бидеме автентична левичарска партија, која ќе се бори за слабите, за обесправените, за угнетените. За сиромашните, за работниците, за малцинствата. Но, иако сакаме да бидеме автентични, не сакаме да бидеме анахрони, т.е. да останеме заробени во догматско толкување на предлозите на Маркс, Енгелс и Ленин од пред 100-150 години. Сакаме да биде современа левичарска партија, која ќе одговара на потребите на нашето време. Наместо да се држиме слепо за реториката од типот на класна борба, диктатура на пролетеријатот и слично, која му е страна на денешниот човек, инсистираме на концепти како гарантиран приход за секој човек, бесплатно здравство и школство и слично. Само на тој начин можеме да ја избегнеме стапицата на маргинализирање, во која левичарските движења и партии толку често упаѓаат.

ПРЕС24: Ајде малку неколку прашања поврзани со вашите сатови за одредени суштински прашања за Македонија. Со оглед на тоа дека претендирате да бидете трет политички субјект или можеби втор, гласачите треба да ги знаат дел од позициите на Левица за некои прашања. Дали Македонија треба да стане членка на НАТО и на Европската унија?

ЈОВАНОВИЌ: На НАТО не. НАТО не треба ни да постои. НАТО е воен пакт, кој под превезот на зачувување на мирот, води војни низ светот кои резултираат со убивање на луѓе, разорување на држави, експлоатација на природни ресурси од страна на странски компании, осиромашување на луѓето. Македонија не треба а биде дел од такви пактови. Македонија треба да го следи патот на СФРЈ, чијшто просперитет делумно се должеше и на политиката на неврзаност.

Што се однесува до ЕУ, да, ние сме за ЕУ, но една поинаква ЕУ. ЕУ која ќе биде базирана на солидарност и помагање, која ќе им служи на сиромашните и слабите, а не на богатите и моќните.

ПРЕС24: Што мислите за Брегзит?

ЈОВАНОВИЌ: Брегзит всушност е последица на ваквата ЕУ. Затоа што ЕУ денеска не им служи на работниците и на сиромашните, тие гласаа за излегување на Британија од ЕУ. ЕУ треба да извлече поуки од оваа епизода и конечно да се реформира. Да прерасне од творба која му служи на крупниот капитал, во творба која ќе му служи на народот.

ПРЕС24: Според една ваша платформа на Македонија и е потребна промена на даночната политика. Зошто и како?

ЈОВАНОВИЌ: Социјалните разлики и сиромаштијата во Македонија се највисоки во Европа. Џини коефициентот, кој е мерка за социјалните разлики, во Македонија изнесува 43%, што е многу повисоко отколку во Словенија (23%), или отколку што било во 1990 година (27%). Процентот на луѓе во Македонија кои живеат со помалку од 2 долари на ден изнесува 9.1%, што е слично како во Бразил или Еквадор, и е двојно повисоко од државата која го зазема второто место по сиромаштија во Европа, Молдавија, каде овој процент изнесува 4.4%. И нееднаквоста, и сиромаштијата бележат драстично зголемување за време на оваа влада. Во 2006 година, на пример, Џини коефициентот изнесувал 38%, а процентот на луѓе со помалку од 2 долари на ден – 4.6%. Една од причините за ваквите трендови е даночната политика, т.е. воведувањето на рамниот данок. Така, денеска текстилните работнички, кои имаат минимална нето плата од 8050 денари, плаќаат околу 35% данок и придонеси на државата, додека најплатениот менаџер во државата, кој има месечна плата од 76.000 евра, плаќа само 12% давачки. За споредба, во Германија ситуацијата е обратна. Тие што имаат минимална плата ѝ плаќаат на државата околу 20% давачки, а тие што имаат највисока плата, плаќаат околу 47% давачки. Вакво нешто мора да се направи и во Македонија. Мора да се воведе прогресивен данок на доход, со кој сиромашните ќе плаќаат пониски даноци, а богатите повисоки.

Даночната реформа не треба да остане само на ова. Треба да се  воведе и прогресивен данок на добивка и данок на богатство (идеја која станува многу актуелна меѓу прогресивните економисти од светот). Заради ограниченост на просторот, нема да ги елаборирам овие два данока подетално.

ПРЕС24: Дали приватизацијата на државните објекти и фирми во минатото беше погрешна или исправна политика?

 

ЈОВАНОВИЌ: Беше погрешна, дефинитивно. СФРЈ дефинитивно имаше економски проблеми пред распадот, ама тие не беа од толкав обем за да мора системот целосно да се уништи. Требаше само да се направат реформи, кои ќе ги елиминираат проблемите, а ќе ги задржат позитивните страни од тој систем. Наместо тоа, се отиде на радикално менување на системот и на нагло приватизирање на сè. Дополнително, освен што приватизацијата не беше воопшто потребна во толкав обем, таа кај нас беше изведена и на многу лош начин, најлошо од сите екс-ју републики. Беше изведена пребрзо, што во ситуација на неизградени институции им овозможи на мал број тогашни моќници да се дограбат до капиталот што беше стваран со години со заеднички труд. Заради тоа, невработеноста тогаш нагло скокна, многу повеќе отколку во другите републики, иако Македонија беше единствената република што немаше војна. Но, она што треба да сфатиме е дека „мрачното време на транзицијата“ е далеку зад нас и дека ние денеска него не можеме да го смениме. Ние денеска се соочуваме со еден друг проблем, а тоа е што владите на Никола Груевски владеат на истиот начин на кој се владееше за време на транзицијата, иако оттогаш поминаа 25 години. Повторно имаме суспендирање на институциите и на правото, повторно имаме економски политики на уништување на јавните добра, повторно имаме систематски тенденции за приватизирање на сè што е вредно од страна на мал број моќници блиски до врвот на власта. Тоа сè уште може да го смениме. Она што не успеавме да го направиме за време на транзицијата, треба да го направиме сега. Треба веќе еднаш да му ставиме крај на ваквото владеење.

 
 
07.08.2016 - 18:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега