Чарлс Гарет е нов амбасадор на Велика Британија во Македонија
Една година пред да истече мандатот на актуелниот амбасадор Кристофер Ивон, британската Влада избра негов наследник. Утрински весник, повикувајќи се на официјални извори во Лондон, објавува дека нов дипломатски претставник на британската кралица во Македонија ќе биде Чарлс Гарет.
Гарет ќе седне во фотелјата на Ивон во летото 2014 година, а Ивон ќе биде ќе биде префрлен на друга дипломатска служба, пишува Утрински весник. Наследникот на Ивон е во британската дипломатска служба веќе 26 години. Тој досега службувал во Кипар и Швајцарија, и во Источна Азија – Хонгконг и Тајван. Минатата година беше шеф за меѓународни односи на организацискиот комитет на Олимписките игри во Лондон, за потоа да биде префрлен како офицер за надворешни работи во тимот што го подготвуваше дијамантскиот јубилеј на кралицата Елизабета. Тој сеуште службува на ова место.
-Почестен сум што сум именуван за британски амбасадор во Македонија. Се надевам дека ќе работам со македонија на прашања од важност за двете земји и ќе придонесам за развој на политичките и економските односи, истакнал Гарет за медиумот кој ги следи настаните во британската Влада.