Немојте да ве излаже сонцето: Обичаи и верувања за Огнена Марија

Светата великомаченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на жрец-идолопоклоник. На 15 (според други на 16 годишна возраст) по свирепо мачење ѝ била отсечена главата, околу 270 година. Тогаш се убиени и 15000 луѓе што поверувале во Исус Христос и ја прифатиле неговата вера кога на небото виделе знак додека била мачена светата великомаченица Марина. За спомен на нејзините страдања Светата православна црква нејзиниот ден го празнува на 30/17 јули. Во народот е позната како Огнена Марија и е господарка на оганот, но и покровител на сеидбите кои ги чува од поројни дождови и пожари.

Интересно предание за оваа светица забележал и К. Шапкарев. Тој сведочи дека таа го уловила ѓаволот за коси и го тепала по главата со чекан, а на тој ден 17 јули селаните ниту жнијат, ниту вршат во чест на светицата која ја сметаат за претставителка и покровителка на жетвата и воопшто на сеидбата како грчката Деметра и бугарската Жива. Шапкарев запишал предание и за некој што не сакал да го почитува споменот и да празнува и ги принудил селаните жетвари ‒ момоци да жнијат во тој ден. И ете, не по многу се запалила сетвата сама од себе, а истовремено ги повеал селаните силен ветар, та не само што непожнеаната сетва изгорела сама, туку и веќе пожнеаната и собраната на крстици, ставици, снопови и полози. Господарот на нивата, кој присуствувал на уништувачката на целата сетва, смајосан од неочекуваното чудо земал од се срце да се моли на св. Марена да му прости и да го угаси пожарот, при што викал: „Прости Св. Марено! Ти палиш, ти гасниш Св. Марено!“ Оттогај веќе на тој ден никогаш не жнеел.
Очигледно во најтоплиот период од годината, на празнувањето споменот на неколкумина свети великомаченици народот му посветил посебно внимание поврзувајќи го со оганот и со потребата за заштита од пожарите што во овој период од годината не се ретки. (Подготви Марко Китевски)

 
 
30.07.2016 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега