Лидија Димова: ВМРО-ДПМНЕ нека се подготвува да признае изборен пораз
Пратеничката на СДСМ, Лидија Димова смета дек договорот меѓу четирите партии ги гарантира минимум условите за организирање фер избори во декември и од тие причини смета дека тој мора да се испочитува во сите делови. Димова во интервју за Прес24, вели дека по изборите Македонија ќе излезе од политичката криза и дека тој што ќе ги загуби изборите треба да признае пораз, но сепак верува дека победник ќе биде СДСМ.
- На следните фер и регуларни избори честа и одговорноста да ја предводи новата Влада ќе ја добие Социјалдемократскиот сојуз. Нема да дозволиме уште едни криминални избори. На регуларните избори Македонија ќе добие легитимна Влада и секој треба да е подготвен да го признае легитимниот победник на изборите. Така што, ВМРО-ДПМНЕ нека се подготви за тоа, вели Димова за Прес24.
Пратеничката на СДСМ во интервјуто зборува и за критиките од „шарената револуција“, но не прецизира дали СДСМ ќе поддржи протести ако и покрај политичкиот договор, дел од „шарените револуционери“ одлучат повторно да излезат на улица.
ПРЕС24: Четирите партии постигнаа начелен договор за правецот по кој треба да се стаса до избори. Дали тој договор конечно може да се смета како финален за кој нема да има опструкции, така барем очекуваат и лидерите Груевски и Заев?
ДИМОВА: Договорот мора да се испочитува од страна на оние кои постојано го опструираат затоа што се плашат од регуларни избори, а тоа се Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Овој договор содржи и конкретни рокови, така што сега ќе биде многу повидливо и кој го кочи, а целата јавност знае дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ во целиот процес од почетокот на политичката криза е иницијативна со цел да се обезбедат соодветни услови за фер и регуларни избори и заедно со граѓаните продолжуваме по тој пат од којшто назад нема.
ПРЕС24: Што е она што го задоволува СДСМ во тој договор?
ДИМОВА: Не станува збор со што е СДСМ задоволна. Постигнат е Договор пред се за граѓаните. Поради несериозноста на оваа власт, граѓаните патат, живеат во земја со разрушен систем, државата има последици, бидејќи се закочени нејзините перспективи. Реков постигнат е договор со конкретни рокови по коишто треба да се исполнат минимум условите за фер и регуларни избори, а исполнувањето на тие услови ќе значи отворање пат за избори во декември. Тоа значи дека е создадена можност за граѓаните и за Република Македонија до крајот на годинава да ја надмине политичката криза и преку регуларни избори, одговорна Влада да почне да работи на интересите на луѓето во оваа земја, а не како досега за лични и партиски богатења.
ПРЕС24: Овој договор сепак не наиде на одобрување кај дел од „Шарената револуција“. Голем дел од оние кои беа во првите редови на протестите сега остро ја критикуваат СДСМ. Дали може да се зборува за некаков судир во опозицијата?
ДИМОВА: Воопшто не, Шарената револуција не е политичка партија, па сите членови да имаат исти или слични ставови за одредени прашања. Дел од Шарената револуција се неопределени граѓани, членови и симпатизери на СДСМ и опозицијата, но има и многу разочарани членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанското општество секогаш поставува поголеми очекувања и има многу повисоки аспирации отколку политичките партии. Тоа е природно. Оттука, би било чудно доколку нема таква критичка мисла во тие редови! Лично сметам дека тоа е добро, зашто така Шарената револуција ќе може да дише во вратот и на СДСМ кога партијата ќе ја добие одговорноста од граѓаните да ја води државата по следните избори. СДСМ како што знаете е отворена за ставовите на граѓанските организации, за експертските мислења и голем дел од нив интегрира во своите политики. Така ќе продолжиме и во иднина да работиме. За разлика од оваа себична власт којашто гледа само за своите интереси, Владата што ќе ја предводи СДСМ нема да донесе ниту едно решение за конкретна област без за тоа да бидат консултирани засегнатите чинители и широката граѓанската јавност.
ПРЕС24: Или пак ова е дел од тактичко сценарио на „добар и лош полицаец“ како што велат некои аналитичари. Односно и покрај политичкиот договор да продолжат протестите низ Скопје?
ДИМОВА: Очигледно е дека предолго владее ВМРО-ДПМНЕ во државата. Оваа власт се служи со подметнувања, ги изнесува граѓаните на контра протести дури и без да знаат зошто се таму. Ова прашање е контрадикторно со констатацијата од претходното. Тие луѓе кои се на улиците, како што гледаме сите, слободно зборуваат, слободно се изразуваат, самите рековте дури и се конфронтираат со се со што сметаат дека не треба да се согласат. На тие луѓе никој не може да им каже како да мислат. И за среќа, тоа се се поголем број граѓани кои се ослободуваат од стегите на оваа власт.
ПРЕС24: Дали, ако „Шарената револуција“ продолжи со протести, СДСМ ќе ги поддржи тие протести?
ДИМОВА: СДСМ ги поддржува целосно граѓаните во заложбите за слободна и демократска Република Македонија. Партиските ставови ги носат органите и телата на СДСМ.
ПРЕС24: Ако направите една анализа на протестите кои траеја повеќе од два месеца и се она што се случуваше со вандализирањето на спомениците и државните објекти, дали не мислите дека овие протести и донесоа на СДСМ огромен број негативни поени?
ДИМОВА: Ставот на СДСМ од самиот почеток е јасен, поддржуваме мирни и ненасилни протести. Вандализам е да владееш 10 години брутално со закани, уцени и притисоци, да потрошиш најмалку 630 милиони евра народни пари за камен и барок, всушност за тендери преку коишто парите се слевале во џебови на фамилијата, да изнесеш надвор од државата, според проценките, над 5 милијарди евра пари на граѓаните за лични интереси на високи функционери од власта, да соголуваш цели паркови, да не ги прашаш граѓаните за ниту едно прашање од нивен интерес! Вандализам е мал збор за ова 10 годишно насилство на коешто граѓаните велат “заврши“.
ПРЕС24: Ве прашувам во контекст на последните анкети кои повторно покажуваат огромна предност на владејачката партија?
ДИМОВА: За кои анкети зборувате, на партиските институти на ВМРО-ДПМНЕ?! Во последниве 3 месеци, трипати ми ѕвонеа дома некои анкетари. На ниту една анкета не учествував, бидејќи знам дека тоа е фарса. Е сега, ако јас не одговарам, тогаш зошто да мислам дека некој друг би давал искрени одговори на телефонски анкети? Најголемата анкета ќе бидат регуларните избори во декември. На регуларни избори, оваа власт заминува во историјата, а поинакви нема да има.
ПРЕС24: Да се вратиме на она што значеше политички договор. Новинарите и медиумите на пример не се задоволни од политичките решенија за именување на главен уредник на МТВ по предлог на опозицијата. Не се задоволни ниту од ад хок телото за следење на работата на медиумите пред изборите. Тие решенија ниту од далеку не се она што вие како опозиција го тврдевте. Како мислите да се постигне независност на МТВ ако уредникот го назначува опозицијата?
ДИМОВА: СДСМ застана зад решението на ЗНМ и тој пакет го предложивме во Собранието. За жал мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ го одби, како што претходно беше одбиен и предлогот на меѓународната заедница. Зошто – затоа што Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат медиумски реформи. Сакаат да ја задржат контролата во медиумите, да ги лажат граѓаните, да креираат непостоечка реалност. Решенијата во последниот договор обезбедуваат минимум услови за објективно известување до изборите. По изборите, новата Влада што ќе ја предводи СДСМ ќе направи вистински медиумски реформи, во соработка со професионалните новинарски здруженија и граѓанскиот сектор. Што се однесува до решението за главен уредник на МТВ предвидено со Договорот, кажавме и ќе повторам, тој ќе биде од редовите на професионалните новинари - СДСМ ќе ги почитува предлозите што ќе произлезат од новинарската фела. Ова е преодно решение со кое се гарантира минимум објективни информации за граѓаните. Не само што реагираат граѓаните дека плаќаат радиодифузна такса, а националниот сервис МРТВ споведува партиски директиви, туку и во извештаите на сите релевантни меѓународни организации, ОБСЕ/ОДИХР, ЕУ, Извештајот на Прибе, според Репортери без граници, Фрудом Хаус, Македонија е на дното по слобода на изразување. Затоа медиумите станаа едно од двата клучни услова за обезбедување минимум услови за регуларни избори.
ПРЕС24: Слични се и критиките за приказните за стотици илјади фантомски гласачи. Спорни остана само 39.000. Можете ли да дадете прецизен одговор каде исчезнаа фантомите на ВМРО-ДПМНЕ?
ДИМОВА: Не е така, напротив се покажаа точни тврдењата на СДСМ дека во Македонија нема повеќе од околу 1.500.000 гласачи. Спорни се 39.000 гласачи, но има уште 172.000 граѓани кои во моментов не живеат во Македонија, а соодветните институции тоа не го знаеле или не го посочиле, се додека не излезе како податок по анализите од Државната изборна комисија. Овие 172.000 граѓани кои се иселиле надвор од Македонија поради погубните политики на власта на Никола Груевски биле потенцијални жртви на злоупотреби од страна на фалсификаторите од ВМРО-ДПМНЕ. Овие граѓани сега ќе бидат ставени во посебен дел од Избирачкиот список.
ПРЕС24: Се чувствува ли СДСМ подготвена за избори?
ДИМОВА: СДСМ е подготвена за новите предвремени парламентарни избори уште од декември минатата година кога Конгресот ја усвои Програмата. Постојано сме на терен со граѓаните и го гледаме расположението. И граѓаните се подготвени да ја дадат поддршката на одговорна Влада која ќе се грижи за нивните интереси, а не за лични, фамилијарни и партиски интереси кон што 10 години е фокусирана актуелната власт.
ПРЕС24: Дали мислите дека политичката криза ќе заврши по изборите?
ДИМОВА: 10 години Македонија е во криза поради недемократскиот и коруптивен начин на владеење на власта на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Кризата кулминираше во длабока политичка криза кога излезе на виделина дека ВМРО-ДПМНЕ со години се одржувала на власт и добивала избори на криминален начин. Политичката криза очекуваме да заврши со регуларни избори на коишто граѓаните на Македонија ќе добијат Влада со полн легитимитет. Таа Влада ќе има огромна одговорност, да ја врати државата на демократски колосек, да ги стабилизира егзистенцијално и економски граѓаните, стопанството и земјата и да го обнови разрушениот државен систем чиишто темели се урнисани по сите основи, во сите области, образование, здравство, социјала... Веруваме дека ќе ја добиеме поддршката на граѓаните и сето тоа ќе успееме да го поправиме заедно со нив.
ПРЕС24: Подготвена ли е СДСМ да признае пораз ако ги загуби следните избори?
ДИМОВА: На следните фер и регуларни избори честа и одговорноста да ја предводи новата Влада ќе ја добие Социјалдемократскиот сојуз. Нема да дозволиме уште едни криминални избори. На регуларните избори Македонија ќе добие легитимна Влада и секој треба да е подготвен да го признае легитимниот победник на изборите. Така што, ВМРО-ДПМНЕ нека се подготви за тоа.
ПРЕС24:Останувате ли во игра за пратеник и на следните избори?
ДИМОВА: Јас не го напуштив граѓанскиот сектор затоа што ми беше ветено пратеничко место. Влегов во политиката за да бидам уште покорисна и да можам да сторам уште повеќе за мојата држава да биде европска демократија, наместо хибридна демократура, каква што е сега. Одлуките ги носат органите и телата на СДСМ, така што таму ќе договориме кој каде најдобро може да работи и придонесе за интересите на граѓаните, а потоа за тоа ќе ја известиме и јавноста.
ПРЕС24: Многу дилеми се наметнаа околу повлекувањето на дел од средствата на ЕУ. Сепак тоа повлекување покажува една аномалија на македонскиот систем, за која веројатно има многу виновници. Зошто Македонија не успева да повлече пари од овие фондови?
ДИМОВА: Да расчистиме неколку работи. Аномалијата на системот во Македонија може да ја направи единствено власта кога станува збор за европските средства. Зошто? Затоа што Европската комисија соработува ИСКЛУЧИВО со власта (а од власта бара да обезбеди инклузивен процес). Оттука, никој друг, ниту граѓаните, ниту кој било од општествени чинители, ниту опозицијата може да бидат виновни за неискористувањето на неповратните средства од ЕУ. Ќе потсетам, во време кога Владата ја раководеше СДСМ, искористеноста на европските средства (тогашен КАРДС) беше 80%, наспроти сегашните 30%. Виновник е – и единствено може да биде - оваа власт којашто не обезбеди соодветни услови, ни кадровски и технички за тоа, не помогна да станат појасни и подостапни до граѓаните и општествените сектори, и згора на се, дури и стигнати пари од ЕУ, оваа власт на Груевски злоупотребувала, за што, како што знаете веќе има отворено истраги на меѓународно ниво, од страна на Интерпол.
ПРЕС24: Што е потребно за да се постигне повисок процент на успешност при реализација на средства од овие фондови?
ДИМОВА: Едно е реформи - европските пари бараат стратегиски настроена влада која има најмалку седумгодишни развојни планови и којашто умее да ги меша финансиските инструменти на соодветен начин за да ја зголеми стапката на развој колку што е можно повеќе. И пред се власт која работи во интерес на граѓаните, бидејќи само таква власт може да биде заинтересирана за овие неповратни пари за коишто има големи контролни механизми како се трошат. Актуелната власт не сака вакви пари, тие сакаат да ги задолжуваат граѓаните во милиони евра преку кредити, за да можат да ги злоупотребуваат тие пари и да се богатат до Белизе и рајските земји. Затоа половина од граѓаните во државата, 43.2 процента и тоа според контролираниот Државен завод за статистика, живеат во сиромаштија. Новата одговорна Влада тоа ќе го смени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа