"Скопје се сеќава" - одбележување 50 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации ја одбележува 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Одбележувањето ќе почне во 10 часот со положување цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во земјотресот. Потоа ќе следи традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје.Во спомен на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во 8:30 часот ќе биде отслужена Заупокоена литургија, а во 10 часот Панихида.

Официјалната програма ќе почне во 19 часот со поетско читање „За Скопје со љубов“ пред Музејот на Град Скопје. Во просториите на Музејот, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „26 јули 1963“, а Град Скопје на сите земји кои по големата катастрофа ја покажаа својата солидарност и испратија помош ќе им додели благодарници. На плоштадот „Македонија“ во 21:30 часот ќе почне мултимедијалниот проект „Скопје се сеќава“, а Македонската филхармонија, актери и членови на Македонската опера и балет преку перформанси ќе пренесат приказни за љубовта, храброста и солидарноста – приказни од скопскиот земјотрес.

Ќе има и кино на отворено, меѓународна патувачка изложба „Show your hope“, 24-часовен филмски маратон со бесплатни филмски проекции на светски мегахитови,...

На одбележувањето на 50-годишнината од скопскиот земјотрес во Скопје се очекува да пристигнат повеќе градоначалници и претставници од Љубљана, Загреб, Софија, Тирана, Дрезден, Нирнберг, Нанчанг...

ФОТО: Плусинфо

најчитано сега