ВМРО-ДПМНЕ: На СДСМ отсекогаш и било поважно што мисли некој од надвор отколку македонските граѓани
По повод прес конференцијата на Дамјан Манчевски сакаме да нагласиме дека четири години по ред Република Македонија добива позитивни извештаи од страна на Европската Комисија и препорака за почеток на преговорите со Европската Унија, но СДСМ никогаш не собра храброст да ги поздрави позитивните чекори кои што Република Македонија ги правеше досега. Напротив, четири години тие го употребуваат истиот речник, односно за се што треба и за се што не треба и дома и надвор од Република Македонија ја критикуваат сопствената држава. На тој начин мислат дека брзо ќе ја сменат власта, а не разбираат дека единствено и нанесуваат огромна штета на државата и на сите нејзините граѓани.
За разлика од ваквата пракса СДСМ никогаш не собрале храброст да коментираат и да признаат кога пристигнуваат пофални зборови од било која европска и меѓународна институција. Таков пример беше денешното одбивање да коментира господинот Дамјан Манчевски кој на прашање од новинар околу позитивните реакции од страна на ОБСЕи нејзиниот експерт Дуња Мијатовиќ, а во врска предлог Законот за медиуми и предлог Законот за аудиовизуелни медиумски услуги, не се охрабри да каже ниту еден збор.
Очигледно е дека на СДСМ секогаш му е позначајно мислењето на било кој надвор од Република Македонија, отколку на граѓаните на Република Македонија и нивниот интерес. Тие и понатаму продолжуваат да ја критикуваат сопствената држава по секој причина и со тоа нанесуваат континуирана штета на Република Македонија и нејзините граѓани.
Интегрален текст од реакција на ВМРО-ДПМНЕ.