Димовски: Проектот Џумајлија на Субрата Рој мора да се реализира

 

Не е предимензиониран проектот на Субрата Рој кој најави 300 милиони евра инвестиција во Џумалија.  Планираните активности се реално изводливи и од македонска страна веќе се преземаат сите неопходни мерки за нивно што поскоро спроведување.

Како што рече денеска ресорниот министер Љупчо Димовски пред матичната Собраниска комисија, станува збор за голема, исклучително сериозна програма чија реализација ќе има многу поволности за вкупното земјоделство.  Трансфер на нови технологии, експертско знаење и вработувње 2.000 лица се само некои од очекуваните придобивки.

- Проектот мора да се реализира бидејќи банкарската гаранција е веќе депонирана. Во спротивно потпишаниот договор со закупецот ќе се раскине. Очекуваме тој да ги исполни сите ветувања, набавка на 20 илјади крави, изградба на капацитет за преработка на 80 илјади литри млеко дневно, како и на објект за производство на сточна храна, истакна Димовски.

Сахара груп го доби земјоделското земјиште во Џумајлија на концесија 15 години со можност за продолжување, а закупот што треба да го плаќа годишно е 121.000 евра.

- Нереални се проекциите на закупецот, а манипулација е и банкарската гаранција, рече претседателката на Комисијата Ленче Николовска по чија иницијатива денеска се разгледуваше Договорот за закуп на земјиштето.  Осврнувајќи се на бизнис планот врз основа на кој е склучен договорот, Николовска го нарече Субрата Рој новиот Моше Баум.

Собраниската Комисија за земјоделство претходно расправаше и по информацијата за состојбата со годинашниот откуп на пченицата која исто така беше поднесена од пратеничката Ленче Николовска. 

ФОТО: Дневник

најчитано сега