Попоски се сретна со еврокомесарот Филе
Денеска министерот за надворешни работи на Македонија Никола Попоски, оствари одвоени средби со актуелниот претседавач со Советот на Европската Унија, литванскиот министер за надворешни работи Линас Антанас Линкевичиус, како и со комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе.
На средбите, министерот Попоски ја реафирмираше нашата примарна цел и заложба за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија, при што побара поддршка за донесување на неопходната одлука во Советот на Европската Унија. Тој ги информираше соговорниците за напредокот на Република Македонија во исполнувањето на критериумите за членство, особено во клучните реформски области, како и за тековните активности за унапредување и продлабочување на односите со соседите и регионалната соработка.
Во разговорот со Комесарот Филе, Министерот Попоски го изрази уверувањето дека, како до следниот Извештај на Европската комисија за Република Македонија, така и во иднина, нивото на посветеност за ЕУ интеграцијата ќе биде на врвот од политичката агенда на Република Македонија, додека во разговорот со литванскиот министер Линкевичиус, Попоски го поздрави фактот што проширувањето е еден од приоритетите на Литванското претседателство со ЕУ, а особено неговата заложба за отпочнување на пристапните преговори со Македонија.
“Конечно, дали ќе има одлука зависи од консензусот во Советот на ЕУ. Него до сега го немавме. Тоа што имаме е интересот да се посветиме на градење систем кој е европски. Токму на тоа и работиме. Во секој случај нашиот успех треба да биде мерен според нивото на компатибилност со земјите членки кое ќе го постигнеме во сите сфери. Владеењето на правото е секако во прв ред” - констатираше министерот Попоски.