Еве им листа што уште да искршат

 

Нападите и боењето на објектите стана апсурдно. Не само апсурдно, туку и штетно, скапо и референдумски осудено од убедливото мнозинство на граѓани.

И нема подобар билборд за нивниот вандализам и деструктивност отколку да се остават тие објекти баш онакви какви што ги оштетија вандалите на СДСМ и Сорос.

Нека гледа народот, нека види со кого си имаме работа. Нека гледаат како група платени активисти од дома и од страна, заедно со грст сомнителни типови ги уништуваат градовите еден по еден.

Нека стојат нивните бои и нивното кршење што подолго, за да потсетуваат секој ден на безумието кое го гледаме со месеци. Да бидат потсетување и симболика што е разликата.

Да се види подобро контрастот. Да се види понудата на двете страни. Едните кршат, другите градат. Едните затвораа фабрики, другите отвораат фабрики. Едните намалуваа плати и пензии, другите ги зголемуваат. Едните оставаат дела и објекти, другите ги кршат и уништуваат. Нека гледа народот и нека носи заклучоци.

Малку им беа паметниците на Илинденците, НОБ и АСНОМ, малку им беа нападите врз сеќавањата на децата бегалци и Референдумот на независноста 1991 година, малку им беше вандализирањето на спомениците на Филип Втори и Александар Македонски, па сега засилија и со уништувањето на институциите.

Демек, велат дека се против Скопје 2014. Но, што имаат врска со тоа просториите во кои е сместен Градот Скопје во Градскиот парк?! Што им се виновни просториите на Градот Скопје? Таму работат обични луѓе, обични тетки кои имаат 50 или 60 години, на шалтери, во одделенија и во сектори.

Што им е виновна општина Битола, која темелно ја испокршија? Што им се виновни прозорците на Министерството за култура? Што им е виновна таа зграда која е направена во 1927 година?

Што им е виновна МРТ, која исто така ја направија лом? Малку им е што најавија дека ќе ја укинуваат МРТ, па сега треба и зградата да ја избербатат? Па таа зграда има еден куп луѓе што не ги интересираат ниту партии, ниту дневна политика, туку си ја работат работата, а одеднаш гледаат како некој им ја уништува зградата во која работат. И потоа се чудат што никој не ги гласа?!

Што им е виновна зградата на Собранието на Република Македонија? И на Собранието удрија со боја, но тешко им одеше дофрлањето зашто зградата е 30 метри од тротоарот. Што им е виновна зградата на УЈП? Тоа е јавен објект, сопственост на граѓаните на Република Македонија.

Kога сме кај нивното уништување, еве им уште некои идеи за да се види уште подобро колку се забегани.

Ете им ги новите аеродроми во Скопје и во Охрид, па нека ги срушат. Нека ги обојат авионите со кои за 50 евра може да се лета за Германија или за Скандинавија.

Нека ги скршат прозорците на Ван Хул што секој ден прави нови автобуси. Нека ја искршат новата фабрика во Kавадарци што вработува 6.000 луѓе. Нека ги искршат новите фабрики и новите погони во Kочани, Велес, Битола, Валандово, Илинден, Петровец, Штип, Струмица, Kичево… Нека ги пратат луѓето што работат таму дома и нека ги ставаат на платниот список на Сорос или некоја нивна фондација.

Нека ја изораат скопската заобиколница. Нека ги затрупаат сите ископи на автопатот за Источна и за Западна Македонија, нега ги затрупаат мостовите и тунелите што се градат во кањонот кај Демир Kапија.

Нека ги запалат новите автобуси, нека ги запалат и новите возови. Нека горат и спортските сали што се изградија низ цела Македонија. Па зарем не се сето тоа симболи на проклетиот режим?

Нека ги откорнат плодовите од нивите, нека ги искорнат лозјата и овошките, кои се дадени од таа проклета вмровска влада. Нека се извади асфалтот од патиштата во цела Македонија.

Нека се уништи секој двор што си го откупија граѓаните. Нека ја срушат секоја зграда со станови што се изгради, новиот театар, Музејот на револуционерната борба, Музејот на холокаустот, Музејот на Тоше, Музејот во Охрид, нека се отшрафи крстот на Водно, нека го запалат пак Бигорскиот манастир што се обнови… Нека го укинат Универзитетот во Штип и во Охрид.

Нека ги искршат новите возила за итната помош и за полицијата, новите товарни вагони. Нека ги уништат сите нови фасади, нови трговски центри, новите молови, новите автобуски постојки, новите булевари… Патем, нека покажат макар едно дело, една градба, една фабрика што се направила во времето на нивниот СДСМ.

Нека бидат вистински вандали, до крај. Нека ја покажат до крај својата агенда за рушење како Талибанците во Бамјан. И нека го остават народот да каже што мисли за сето тоа. На избори. Порано или подоцна, ќе мора да има избори.

Влатко Ѓорчев за Дневник

 

 

 
 
19.05.2016 - 13:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега