Утре Вардар ќе си ги одмери силите со Стеауа
Македонскиот фудбалски шампион Вардар денеска слави 66 години постоење.
Утревечер против Стеауа ќе го одигра реваншот од 2.коло во квалификациите за Лигата на шампионите и ќе се обиде да го поправи впечатокот од првиот дуел во Букурешт кога романскиот претставник славеше со 3:0. Натпреварот ќе се одигра на Националната арена Филип Втори со почеток во 20 часот и 45 минути.
За дуелот со романскиот претставник многу подобро издание на своите избраници очекува тренерот Боби Милевски.
- Имавме лош ден на првата средба и не верувам дека уште еднаш може да ни се повтори играта од Букурешт. Бараме поддршка од трибините, а нашите играчи ќе го дадат максимумот. Ние се надеваме на подобар резултат, но сепак Стеауа е силен тим, ги казнуваат нашите грешки, а до нивниот гол тешко се стигнува. Важно е сите наши фудбалери што ќе истрчаат на теренот да се ангажираат максимално и да покажат дека и ние знаеме да играме фудбал, изјави Милевски на денешната прес-конференција.
Капитенот Раденко Бојовиќ со свое видување за реванш натпреварот.
- Сите знаат што значи Стеауа. Ние не успеавме да постигнеме добар резултат, загубивме со 3:0. Но, тоа головите во Букурешт беа по нашите грешки. Но, ќе напоменам додека има шанса да се бориме ние ќе го правиме тоа со цел да го направиме и невозможното. Се надевам дека публиката која ќе биде присутна на трибините ќе знае да не награди за нашата борбеност, независно од резултатот.