Љупчо Пренџов: Единствениот проблем на Заев и СДСМ е немањето поддршка од граѓаните
Граѓаните точно знаат дека Заев нема да сака да оди на избори за да не се соочи со нивниот суд бидејќи анкетите се вистинската причина за бегањето од изборите кои што ги бараа. Заменик министерот за локална самоуправа, од редовите на ГРОМ, Љупчо Пренџов во интервју за Прес24, смета дека токму ова е вистинската причина поради која СДСМ измислува алиби како за избирачкиот список, така и за медиумите. Сето тоа се изговори, вели Пренџов.
-Да ги немаа Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика мислам дека и тие ќе беа во пакетот на изговори. Како што кажав, Собранието веќе се распушти, избори мора да има, а дали СДСМ ќе учествува на истите или ќе се крие од соочувањето со граѓаните зависи од раководството на СДСМ, вели Пренџов за Прес24.
ГРОМ предупредува дека граѓаните се при крај со трпението поради уцените од СДСМ и дека тие се оние кои нема да дозволат одложување на изборите
-Работата е затегната дотаму, што на крајот граѓаните ќе речат: ако не сакате вие, ние сакаме избори и ќе ги изнудиме, на овој или на оној начин: преку институциите или преку улицата. Тоа е демократија и за тоа не ќе можеме да им се лутиме, ниту ќе имаме сила да го спречиме. Затоа добро е што претставниците на граѓаните – пратениците во Собранието на Република Македонија одлучуваат да се спроведат избори и да се стави крај на оваа агонија, вели членот на ГРОМ во извршната власт.
Љупчо Пренџов смета дека процесот на прочистување на избирачкиот список го покажал она што е реалност.
-Од она што го видовме и слушнавме од ДИК е дека Република Македонија ќе го има најчистиот и најпроверуваниот избирачки список, и дека во основа немало некакви поголеми поместувања од претходните избирачки списоци, како и дека избирачкиот список не може да биде какво било алиби за одложување на какви било избори, вели Пренџов во интервјуто за Прес24.
Тој вели дека она на што ГРОМ предупредуваше уште минатата година во врска со „бомбите“ на опозицијата, денеска се случува. Пренџов потенцира дека Македонија уште долго време ќе се соочува со рекет од подземни структури, кои сега имаат пристап до „бомбите“ за кои Заев тврдеше дека ги има под контрола.
-Ниту Заев ниту некој друг може да ја контролира сега веќе, забеганата ситуација. Приватноста не е сочувана очигледно, туку нарушена и злоупотребена,а кој се има допир до тие материјали, никој не може да знае. Работата целосно е излезена од контрола. Сакам да истакнам дека ГРОМ имаше неколку прес-конференции во кои предупредуваше дека вакво нешто ќе се случи. Мислам дека ова нема да заврши тука и сега, можеби во одредени периоди ќе имаме намален интензитет на објавување и рекетирање со овие разговори. Но тие ќе останат, ќе продолжат да служат како уцена и единствено што може барем малку да ја ублажи оваа состојба е да се поведе истрага со цел Зоран Заев, Зекир Беќири – Чаушот и останатите коишто имале допир со овие разговори да кажат колку се и каде се давани, вели во интервјуто за Прес24, Љупчо Пренџов од ГРОМ.
Партијата на Јакимовски уште од самиот почеток на договорот од Пржино беше против инсталирање на неуставни институции како што е СЈО. Пренџов вели дека ова што сега се случува со Специјалното јавно обвинителство покажува дека ГРОМ биле во право.
-Покрај сопственото компромитирање, СЈО ја компромитира и државата и пред сè здравиот разум за расудување помеѓу граѓаните. Немаме ништо за наводните криминали и коруптивни зделки, туку се сведовме на тоа кој кого пцуел додека го апсел (а не на 100.000 евра пронајдени кај уапсениот), на уништена опрема вредна еден денар, а при тоа сите податоци од истата се префрлени и зачувани... Значи имаме едно тотално замајување на јавноста, спинување на фактите и невистината и живееме во време во кое од овој политички хаос единствено профитираат „сеачите на магла“ и луѓето коишто не и мислат добро на Република Македонија, вели Љупчо Пренџов, член на извршниот одбор на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) и заменик министер во Владата, во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: На сила стапи одлуката за распуштање на Собранието. Тоа практично значи дека сега се движи терминот за избори на 5 јуни. Но, СДСМодлучи да не учествува на овие избори, ако не се создадат услови за тоа. Претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, најави дека може до 15 април да тактизира со потпишувањето на Указот за распуштање на изборите. Што потоа? Дали ќе има избори на 5 јуни?
ПРЕНЏОВ: Ова прашање има правна и политичка димензија, што се однесува до позитивните правни прописи во Република Македонија – избори мора да има затоа што вчера се распушти Собранието на Република Македонија согласно со Уставот, изборната трка треба да заврши на 5 јуни. Впрочем, Граѓанската опција за Македонија како политичка партија секогаш настојуваше кризата да се решава во рамките на граѓанските институции на Република Македонија со почитување на законите и Уставот.
Политичката димензија за тоа, кога Претседателот на Собранието ќе го потпише Актот и дали СДСМ навистина нема да учествува на овие избори, би сакал да нагласам дека:
Зоран Заев и ова раководство на СДСМ преку низа на уцени кон општеството предизвикаа криза која што резултираше со страв и неизвесност како и негативна енергија помеѓу граѓаните, стагнација на економијата и нарушување на меѓународниот углед и кредибилитет на Република Македонија. Со потпишувањето на Договорот од Пржино (за кој ГРОМ, од почеток беше против), се погази и Уставот на Република Македонија со тоа што си измисливме паралелна институција. Си ги погазивме и демократските вредности кои што беа воспоставени во нашето општество, затоа што во ниту една демократска држава нема случај каде што партијата која што ги изгубила изборите и не ја добила довербата од граѓаните да спроведува одредена политика, потоа влезе во Владата на Република Македонија, по четврти пат во овие 25 години - без избори, и во Владата да спроведуваат политика за која што претходно ги изгубиле изборите.
Вчера го слушав господинот Заев за којшто морам да кажам дека имаше „бледа“ и многу неубедителна прес-конференција. Без политичка теза. Со истата реторика како пред една година. Симпатизерите и членовите на СДСМ, очекуваа правци за понатамошно дејствување, а единствениот правец кој го најави господинот Заев е дека ќе ги повлече претставниците на СДСМ од ДИК, односно дека неговиот начин на дејствување во изминатиот период за деградирање на сите институции ќе продолжи и во иднина. Но, денес живееме во современо време, во време на комуникации и достапност на информации до сите граѓани на Република Македонија и граѓаните точно знаат дека Заев нема да сака да оди на избори за да не се соочи со нивниот суд бидејќи анкетите се вистинската причина за бегањето од изборите кои што ги бараа. За тоа дека списокот бил онаков или оваков, или медиумите не му биле по негова мерка се само изговори, да ги немаа Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика мислам дека и тие ќе беа во пакетот на изговори. Како што кажав, Собранието веќе се распушти, избори мора да има, а дали СДСМ ќе учествува на истите или ќе се крие од соочувањето со граѓаните зависи од раководството на СДСМ.
Јас се надевам дека господинот Трајко Вељановски ќе постапи така што ќе се испочитуваат сите услови и ќе се даде потребното време за Државната изборна комисија да спроведе избори.
ПРЕС24: ГРОМ неодамна оцени дека трпението на граѓаните е при крај и дека евентуално одложување на изборите може да ја влоши политичката состојба. Дали тоа е единствено решение за надминување на оваа ситуација?
ПРЕНЏОВ: Тоа е логичен редослед на работите, а не понудено решение од страна на ГРОМ. На граѓаните, речиси сите без исклучок чии симпатизери се, веќе им е преку глава. Паралелно расте и гневот кон политичарите, но и апатијата кон овој демократски институт. Работата е затегната дотаму, што на крајот граѓаните ќе речат: ако не сакате вие, ние сакаме избори и ќе ги изнудиме, на овој или на оној начин: преку институциите или преку улицата. Тоа е демократија и за тоа не ќе можеме да им се лутиме, ниту ќе имаме сила да го спречиме. Затоа добро е што претставниците на граѓаните – пратениците во Собранието на Република Македонија одлучуваат да се споведат избори и да се стави крај на оваа агонија.
ПРЕС24: Хипотетички е можно СДСМ и да оди на избори, но потоа по изборите повторно да не ги признае. Што во таква ситуација?
ПРЕНЏОВ: Нема да ме зачуди да се случи тоа, и тоа не само хипотетички, туку и реално. Всушност, нема да им биде прв пат. Тоа го сторија и на последните парламентарни избори, а мерејќи си ги силите и сопствениот рејтинг сега, тие дури и немаат друга алтернатива, освен да негираат каков било резултат освен оној кој нив им оди во полза.
Но, сепак мислам дека тие го заморија пред сè сопственото членство и своите симпатизери со својата безидејност и неспособност. Никој веќе не е подготвен да им дава бесконечно нови и нови шанси. Замислете некој член на СДСМ кој што еден месец работел во кампањата, се трудел, ги убедувал сопствените соседи и роднини, го ставал својот личен кредибилитет во околината во која што живее, убеден дека неговата политичка опција ќе победи, на крај во 19.00 часот на уште непочнато броење на гласови, да го слушне својот Претседател кој што вели дека не ги признава изборите, дека истите се нелегитимни и дека не учествува во Собрание.
Јас имам многу пријатели, членови и симпатизери на СДСМ коишто не ја поддржуваат политиката на Заев и коишто се срамат од сопствениот Претседател. Такви се сè повеќе и повеќе и се надевам дека по 5 јуни СДСМ ќе доживее внатрешно реструктуирање и прегрупирање. Никому не му е во полза (ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на Владата), да нема опозиција во Собранието на Република Македонија или, пак, да има ваква опозиција која што освен навреди, местенки и деградирање на се што не размислува како нив. Се надевам дека по 5 јуни, во Собранието ќе имаме конструктивна опозиција која што наместо навреди ќе зборува за подобрување и успешно имплементирање на владините закони и проекти.
ПРЕС24: ДИК е во завршна фаза со процесот на прочистување на избирачкиот список, барем според неофицијалните информации оваа постапка нема да промени драматично ништо во списокот. Дали тезата на опозицијата за фантомските гласачи падна во вода?
ПРЕНЏОВ: Ние во ГРОМ тоа го претпоставивме уште на самиот почеток, но имавме доволно трпение да почекаме и тоа да се потврди. Развлекувањето на прочистувањето на избирачкиот список од страна на ДИК не можеше да оди до бескрај. Дури и на прес-конференција рековме дека со денешната ИТ-технологија и избирачкиот список на Кина ќе се провереше. Нè на двомилионска Македонија. Од триста шпекулации, час 90.000 спорни гласачи, па 150.000, шпекулациите дојдоа и до 350.000 па дури и до 500.000 спорни гласачи кај некои портали. На крајот по сите вкрстувања на дата-базите повторно се вратија на „фантомски“ 90.000 гласачи.
Од она што го видовме и слушнавме од ДИК е дека Република Македонија ќе го има најчистиот и најпроверуваниот избирачки список, и дека во основа немало некакви поголеми поместувања од претходните избирачки списоци, како и дека избирачкиот список не може да биде какво било алиби за одложување на какви било избори.
Еве уште еден податок кој што зборува за истото. Во Државната изборна комисија неколку циклуси на парламентарни и локални избори наназад, е воспоставена пракса со која што секоја заинтересирана политичка партија во Република Македонија може да го купи избирачкиот список од ДИК. Сакам да кажам дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во своите партиски централи го имаат избирачкиот список. Тој секогаш бил проверуван со цел да се види дали членствата на партиите и нивните симпатизери се ставени на списокот. Како тоа претходните раководства на СДСМ чиј член беше и Зоран Заев никогаш во минатото не забележале какви било суштински нерегуларности во списокот? Мислам дека не се работи за никакви проблеми во избирачкиот список. Единствениот проблем на Зоран Заев и СДСМ се огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија кои што не ја поддржуваат неговата деструктивна политика.
Она што сакам да го истакнам е дека ДИК е помошен орган и дека оној кој што распишува избори и одлучува кога истите ќе бидат одржани е Собранието на Република Македонија, а ДИК секогаш треба да биде спремен да ги реализира. Нема да зборувам дека последните неколку претседатели на ДИК беа предложени од СДСМ, и дека СДСМ и сега има контрола на ДИК со претседател, секретар и два члена...
Граѓанската опција за Македонија во својата нова предизборна кампања ќе предложи законски измени во начинот на функционирање и именување на членови на ДИК, со тоа што ќе предложиме во иднина членовите на ДИК да се избираат од редот на постоечките судии во РМ, по случаен избор и истите покрај својот личен кредибилитет ќе одговараат и со својот имот. Недозволиво е секои избори да правиме циркус во јавноста заради партиско-политички игри во рамките на ДИК. Како што кажав ДИК е помошен орган, тој мора да биде професионален, без политички игри и секогаш спремен да спроведе избори. Граѓаните на Република Македонија, не заслужуваат да трпат ваква несериозност, а при тоа да издвојуваат средства од даноците што ги плаќаат, за огромните плати и бонусите кои ги добиваат членовите на ДИК.
ПРЕС24: Она што засега е нејасно е како СДСМ ќе се позиционира. Во опција сè уште им е идејата за бојкотирање на изборите. Што според Вас е главната причина зошто СДСМ, и покрај тоа ако ДИК констатира дека сите услови се создадени, би се одлучиле за бојкот на изборите?
ПРЕНЏОВ: Па веќе спомнав. Затоа што тие, што и да сторат во јавноста, сигурен сум дека низ неколку независни рејтинг-агенции точно си ја провериле својата „котираност“ кај народот. А тој е ист, ако не и полош од последните избори. ВМРО-ДПМНЕ и владејачката коалиција сè уште двојно повеќе им „бегаат“ во рејтингот и тоа е поразително за нив. Бојкотот од страна на СДСМ е само потврда за очајот во кој се западнати. Можеби тоа им е и единствена алтернатива, пред тоталниот распад на концептот на Зоран Заев дека на власт можете да дојдете со помош на воајерство, ѕиркање во туѓите животи и деградирање на се што е македонско.
ПРЕС24: Она што изминатиов период ја тресе јавноста се телефонските разговори кои излегуваат од подземјето и во основа се дел од еден процес на уцени и рекетирање на јавни личности. СЈО повика да прекинат со ова, но сепак до сега сè уште нема утврдено ништо во однос на тоа, ниту кој е виновен, ниту пак некој е санкциониран. Дали овој процес може да предизвика големи безбедносни и политички потреси?
ПРЕНЏОВ: Веќе предизвикува и внатрешни и надворешни политички и безбедносни потреси. Ние како ГРОМ уште на самиот почеток на скандалот без преседан, наречен „Вистината за Македонија“, предупредивме дека состојбата со тие фамозни фајлови многу лесно може да излезе од контрола и тоа, за жал, се потврди. СДСМ нема ниту сила ниту капацитет да ја спречи оваа лавина на компромитирачки материјали. И што се случува? Денес сме сведоци дека освен разговори за наводен „висок криминал“ протекуваат интимни, приватни разговори, компромитираат бизнисмени и сето тоа до недоглед. Можеме само да претпоставиме во чии се раце завршиле тие прислушувани разговори и каде се ќе бидат употребени и за што?
ПРЕС24: Кога почнаа бомбите, Зоран Заев тврдеше дека тој ја чува приватноста на граѓаните и дека само тој има допир до тие материјали. Сега се покажува дека не е така. Дали овој процес на јавен рекет од некои луѓе е во координација со СДСМ и Заев?
ПРЕНЏОВ: Такво нешто не можам да тврдам, но тврдам дека ниту Заев ниту некој друг може да ја контролира сега веќе, забеганата ситуација. Приватноста не е сочувана очигледно, туку нарушена и злоупотребена,а кој се има допир до тие материјали, никој не може да знае. Работата целосно е излезена од контрола.
Сакам да истакнам дека ГРОМ имаше неколку прес-конференции во кои предупредуваше дека вакво нешто ќе се случи. Мислам дека ова нема да заврши тука и сега, можеби во одредени периоди ќе имаме намален интензитет на објавување и рекетирање со овие разговори. Но тие ќе останат, ќе продолжат да служат како уцена и единствено што може барем малку да ја ублажи оваа состојба е да се поведе истрага со цел Зоран Заев, Зекир Беќири – Чаушот и останатите коишто имале допир со овие разговори да кажат колку се и каде се давани.
ПРЕС24: Може ли СЈО да ја врати довербата за она за што беше избрано, или пак изјавите на Катица Јанева и постапките целосно ја компромитираа оваа институција?
ПРЕНЏОВ: Тука би го повторил ставот на ГРОМ дека СЈО и Катица Јанева се избрани на неуставен начин, и јас од таква институција не очекувам ништо добро. Не се во прашање само театралните изјави на Јанева и „придружничките“ обвинителки кои по се изгледа, се во посебен филм, глумејќи одважност, а не решавајќи ништо.
Она што е суштинско и важно за граѓаните на Република Македонија, е предметот „ПУЧ“. Сите не интересира кој се осудил да ги слуша разговорите на политичкиот врв во Република Македонија. Со која цел е направено тоа? Да се продолжи и да се открие на кој странски служби Зоран Верушевски им ги продавал разговорите? Што тие странски служби бараат за возврат како уцена, и на крајот дали Зоран Заев го уценувал Премиерот на Република Македонија? Првата работа која што ја направи Катица Јанева е жалењето до јавноста дека Основното јавно обвинителство не и ги дава потребните документи за случајот „ПУЧ“, за веднаш потоа како што и самата кажа без целосен увид во случајот одлучи да го ослободи Зоран Верушевски, кој притоа се бранел со молчење, не кажал која служба му давала пари за да ги поткупува вработените во УБК, дали една или повеќе и она што е најважно – што е ветувано на тие странски служби?
Немаме ништо за наводните криминали и коруптивни зделки, туку се сведовме на тоа кој кого пцуел додека го апсел (а не на 100.000 евра пронајдени кај уапсениот), на уништена опрема вредна еден денар, а при тоа сите податоци од истата се префрлени и зачувани... Значи имаме едно тотално замајување на јавноста, спинување на фактите и невистината и живееме во време во кое од овој политички хаос единствено профитираат „сеачите на магла“ и луѓето коишто не и мислат добро на Република Македонија.
Ќе заклучам со тоа дека покрај сопственото компромитирање, СЈО ја компромитира и државата и пред сè здравиот разум за расудување помеѓу граѓаните.
ПРЕС24: Како ги оценувате досегашните три предмети кои СЈО ги оформи како резултат на досегашната работа?
ПРЕНЏОВ: Како голема парада, стерилни истраги, гребење по површината, многу врева – малку резултати. Ова е само купување на време и неуспешни обиди да се смени нешто во перцепцијата на народот. Но, искрено мислам дека времето и начинот како го оправат тоа, не им оди во прилог.
ПРЕС24: Се подготвува ли ГРОМ за изборите?
ПРЕНЏОВ: Да, како шеф на Изборниот штаб можам да потврдам дека ГРОМ е целосно подготвен да излезе на избори. Ние веќе интензивно работиме на терен, ги посетуваме сите општински организации во државата, отвораме нови и целосно го анимираме членството. ГРОМ мислам се покажа во вистинско светло, онака како што кажува и самото име. Ние најхрабро, за најчувствителните теми во државата излегуваме први, храбро и бескомпромисно. Мислам дека народот тоа го согледува и позитивното мислење за ГРОМ од ден на ден се зголемува.
ПРЕС24: Кои ќе бидат Вашите партиски програмски определби за овие избори?
ПРЕНЏОВ: Уште со самото формирање на ГРОМ, ние имавме изградена платформа на партијата, а потоа пред парламентарните избори 2014 година изработивме обемна програма на ГРОМ, која што ја презентиравме пред граѓаните. Во меѓувреме партијата дополнително се консолидираше, растеше, се етаблираше на политичката сцена и сè почесто сме во фокусот на вниманието и во перцепцијата на сите граѓани. ГРОМ, од ден на ден, со автентичните гледишта и решенија добива се повеќе членови и симпатизери. Нашите партиски и програмски определби за следните избори ги влечеме од нашата партиска платформа. Нашата опција „граѓанинот во центарот на вниманието“ и сите решенија на политички и економски план сè повеќе се препознатливи, а се гледа дека имаме и храброст и начин нив да ги реализираме.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа