ДИК пред финале: Нема пречки за избори на 5 јуни

Државната изборна комисија ќе биде подготвена за изборите на 5 јуни. Членови на ДИК за Прес24 потврдуваат дека и покрај сите тешкотии со кои се соочуваат, избирачкиот список ќе биде пречистен навреме за да се овозможи непречен изборен процес на датумот кој го определи Собранието.

 

 Од ДИК велат дека теренската проверка е целосно завршена а при крај е и процесот на внесување на анкетните прашалници. Според последните информации внесот на податоци е завршен во 29 подрачни единици а се уште се работи на уште 5. Очекувањата се дека во текот на ноќта и тоа ќе биде завршено. Речи си завршена е и проверката на ДИК во  5.817 записи, а проверени се и 97.903 записи од страна на Управата за водење на матичните книги.
Единствено за што ДИК во моментов нема информација е проверката за која е задолжено министерството за внатрешни работи. Од ДИК велат дека од МВР се уште не добиле одговор до каде стигнале со проверката на 77.793 записи кои се дел од нивната задача за пречистување на избирачкиот список.
Официјален одговор од МВР денеска не можеше да се добие, но според неофицијалните информации до кои дојдовме полицијата својата работа во најголем дел ќе ја заврши до вечерва или најдоцна до утре наутро. Истите извори велат дека проблеми се јавуваат само во СВР Струмица и СВР Куманово, каде луѓето на Оливер Спасовски и Заев вложуваат максимални напори за опструкција на процесот. Од МВР велат дека и покрај опструкциите на министерот, очекувањата се дека и на овие места, работата ќе биде завршена без поголеми проблеми.
Пречистувањето на избирачкиот список ќе ја тргне и последната пречка на патот за одржување на изборите на 5 јуни. Вчера и меѓународниот фактор предводени од амбасадорите на САД и ЕУ излезе со став дека е постигнат значаен напредок во Државната изборна комисија и дека сега останува на Собранието да го каже последниот збор за тоа кога ќе се одржат изборите.
Токму првиот човек на законодавниот дом вчера во интервју за Нова потврди дека изборите ќе се одржат на 5 јуни.

Експертите велат дека одржувањето на изборите на 5 јуни ќе стави крај на долгата политичка криза во која се наоѓа Македонија и ќе и овозможи на новата влада со сиот капацитет да се насочи кон брза интеграција во евроатланските структури.

 
 
05.04.2016 - 20:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега