Отворен почесен конзулат на Македонија во Тусон, Аризона

 

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во американскиот град Тусон, во сојузната држава Аризона, го отвори почесниот конзулат на Македонија. Титулата почесен конзул, во овој индустриски град на крајниот југ на САД, му припадна на долгогодишниот активист за правата на Македонија, Џејсон Мико.

Мико е поранешен близок соработник на претседателот Борис Трајковски, застапувач на Македонија во Вашингтон, колумнист во Дневник и еден од авторите на филмот „Името е име“ со кој на странската публика и се претставуваат македонските ставови за спорот за името со Грција.

- Џејсон Мико е еден од многубројните Американци кои доаѓаат во Македонија да ни помогнат. Односите меѓу Македонија и САД не се само пријателски, тоа се партнерски односи. Навистина сме благодарни сето тоа што Соединетите Американски Држави, државата Аризона, и Џејсон Мико го прават за Македонија. За соработката со неговиот голем пријател, и мој пријател, претседателот Трајковски. Затоа сме заедно во сите мировни операции, и во Ирак, и во Авганистан, и секаде каде што сме повикани, изјави претседателот Иванов на свеченоста по повод отворањето на конзулатот.

Мико кусо ја претстави Македонија како земја од која многумина можат да учат за толеранцијата и пријателството и држава која спроведува економски реформи за да обезбеди просперитет за своите граѓани.

- Мислам дека божјото провидение ме испрати во Македонија, и не можам а да не го спомнам мојот омилен цитат од Библијата - среде ноќта апостол Павле имаше визија од човек од Македонија, кој го повика, дојди во Македонија и помогни ни. Македонците секако сакаат да дојдете кај нив, да ги посетите. Како почесен конзул, ќе барам начини како подобро да ја промовираме Македонија тука, во Аризона, изјави Мико.

Амбасадорот на Македонија во САД, Зоран Јолевски во своето обраќање се присети на соработката со Мико, во кабинетот на покојниот претседател Борис Трајковски.

- Со своите ставови за многу прашања, Џејсон Мико си обезбеди посебно место кај голем број Македонци. Затоа, наша голема чест беше да му понудиме да биде македонски почесен конзул во Аризона и горди сме што ќе ја претставува нашата земја, истакна Јолевски.

На отворањето на конзулатот беа присутни и претставници на македонската заедница во Аризона, како и на властите на оваа американска сојузна држава. Седиштето на конзулатот ќе биде во Расел Паблик, компанија од областа на односите со јавноста.

Мет Расел, директорот на Расел Паблик, изјави дека е горд што неговата компанија ќе биде седиште на почесниот конзулат и рече дека и во иднина ќе продолжи да работи на развивање на односите меѓу Македонија и САД.

- Ова е навистина голема чест за Расел Паблик, да бидеме компанија – домаќин на почесниот конзулат на Македонија. Сум имал можност да работам со Џејсон Мико, почесниот конзул. Од него научив многу за Македонија, за вашите луѓе, културата. Гордост ни е што можеме да учествуваме во промовирање на убавите вести за Македонија и за вашите луѓе, рече Расел.

Претседателот Иванов ја продолжува посетата на САД, со престој во Феникс, каде ќе одржи предавање на државниот универзитет на Аризона и ќе го посети градот Темпе, збратимен град на Скопје, кој е центар на соработката меѓу двете земји во овој дел на САД.

Во Аризона претседателот Иванов ќе учествува на форумот Седона, собир на високи политички и бизнис претставници на САД, на кој годинава присуствуваат и поканети лидери од Источна Европа. На форумот, под покровителство на водечкиот републикански сенатор од Аризона Џон Мекејн, ќе учествува и потпретседателот Џо Бајден, во чие портфолио во Белата куќа спаѓаат и состојбите на Балканот. Предвидено е на форумот во Седона да учествуваат и сенаторите Линдзи Греем, Џон Кил, Кели Ајот, пензионираниот сенатор Џо Либерман, министерот за одбрана на Канада Питер Мекеј, извршните директори на Џенерал Електрик Џеф Имелт и на Волмарт – Бил Сајмон, претседателот на Грузија Михаил Сакашвили, поранешниот премиер на Русија Михаил Касјанов, дисидентскиот водач од Белорусија Андреј Саников и други учесници.

MИА

најчитано сега