„Мајки“ на Милчо Манчевски презентиран во Јапонија

 

На Универзитетот Тцукуба во Токио се одржа презентација на македонската кинематографија, а беше прикажан и филмот „Мајки“ на режисерот Милчо Манчевски.

Денот посветен на македонската кинематографија е дел од двонеделниот симпозиум на тема „Филмови од поранешните југословенските кинематографии“ што го организира Асоцијацијата за проучување на југословенската кинематографија. Презентација ја отвори проф. д-р Андријана Цветковиќ, визитинг професор на Кјото Универзитетот. Таа со своето предавање ги запознала присутните со историјата на Македонија и македонскиот филм, но и филмското дело на режисерот Манчевски.

Андријана Цветковиќ, која веќе седум години живее и работи во Јапонија и е специјалист по јапонска кинематографија, истакна дека и е особено задоволство да ја претставува македонската кинематографија пред јапонската публика. Според неа, филмовите на режисерот Милчо Манчевски добро и се познати на јапонската публика. По презентацијата и проекцијата на филмот се остварила конференциска видео-врска со режисерот Манчевски во сесија со прашања и одговори со публиката.

На симпозиумот присуствувале истакнати научници, професори, новинари, филмски критичари, вљубеници во Македонија и македонскиот филм, како и неколку Македонци кои живеат и работат во Јапонија. Официјалните претставници на економската канцеларија во Токио на присутните им поделиле рекламен материјал за Македонија.

ФОТО: Таратур