Врие од полиција, хеликоптери го надлетуваат Скопје: Продолжува судењето за Дива Населба

Сите 29 лица осомничени за хоророт кој се сееше во кумановската Дива населба, настан кој ја потресе македонската јавност, на претходните судски рочишта изјавија дека не се чувствуваат виновни, а денеска денеска во Кривичниот суд ќе сведочат луѓе од месното население, пишува Телеграф.

На минатото рочиште, првообвинетиот Сами Укшими, прво се изјасни за виновен за делата тероризам и терористичка организација, но по реакцијата на неговиот бранител и кратката пауза, тој ја смени изјавата, велејќи дека не разбрал што го прашува судијката. Адвокатите на сите 29 лица осомничени за тероризам и терористичка организација во своите завршни зборови ја оспорија правната квалификација на обвинителниот акт. Според нив, дејствијата што ги презеле нивните клиенти немаат елементи на тероризам.

- Не сме терористи и не сме дошле во Куманово за да војуваме. Се сеќавам на зборовите на Мирсад Ндрецај и на Бек Ризај дека во Куманово ќе бидеме само фигури и ако ни се приближат полицајци да не пукаме во нив, туку во воздух. Ништо нема да признаеме. Не сме терористи. Барам од Европејците, од Американците случајот да се расветли. И двегодишно дете знае дека сме употребени за политички цели. Нема да признаеме вина, ништо нема да признаеме. Не сме ниту први ниту последни што сме монтирани, изјави на рочиштето Насуф Бекири од Косово, еден од обвинетите.

Во обвинителниот акт, кој го презентираше обвинителот Наум Пановски, се истакнува дека по нападот на караулата Гошинце од 21 април 2015 година, полицијата започнала обемна истрага и претреси кои се однесувале на лицата за кои постоело основано сомнение дека учествувале во нападот.

- На 9 мај утрото, по претходно добиена наредба за претрес на локации во Дива населба во Куманово, припадниците на МВР, Единицата за специјални задачи пристапила кон претрес и лишување од слобода на лица поврзани со делото тероризам. Кога полицијата се приближила до објектот каде што требало да се изврши претресот, најпрво врз нив била фрлена рачна бомба при што повредени биле двајца полицајци. Потоа следувале престрелки што траеле во текот на целиот ден и ноќта. Во престрелките беа убиени осум полициски службеници и беа повредени повеќе припадници на безбедносните сили - пишува во обвинението, пренесе Телеграф.

За потсетување, во крвавите настани во Куманово загинаа осум полицајци, а четириесетина беа тешко повредени.  Убиени беа и десет лица од вооружената група.

Инаку, во Скопје може да се забележи и зголемено присуство на полицијата, а градот го надлетуваат и хеликоптери.

 

 

 
 
23.02.2016 - 09:35
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега