Вељаноски се сретна со известителите на Комисијата од СЕ

 

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска се сретна со известители на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите-членки на Советот на Европа.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Вељаноски, биле присутни пратениците Лисе Кристоферсен и Валериу Гилечи, како претставници на Советот на Европа и Александар Николоски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Вељаноски осврнувајќи се на актуелната состојба во земјата, ги информирал претставниците на Советот на Европа за донесената одлука за распуштање на Парламентот која, како што потенцирал, е резултат на политичкиот договор за излез од политичката криза.

- Претседателот на Собранието информираше дека одлуката за распуштање е донесена со мнозинство гласови од страна на Собранието и ќе се применува од 24 февруари. Известителите покажаа интерес за тоа какво влијание ќе има оценката на ЕУ која се очекува да биде соопштена наскоро и какви чекори ќе бидат превземени доколку таа оценка е негативна во однос на подготвеноста на државата за одржување на фер и демократски избори и истата укажува на одложување на датумот на одржување на изборите, се вели во соопштението.

Вељаноски искажал уверување дека оценката на ЕУ ќе биде соодветно примена од страна на четворицата лидери на најголемите политички партии и очекува исполување на договорот на политичките лидери, а со тоа и одржување на изборите на договорениот датум.

- Тој истакна дека главната цел е одржување на регуларни и фер избори со учество на сите политички субјекти во земјата. Исто така, тој ја истакна важноста на законодавниот дом во демократските процеси и смета дека неговото невклучување во преговорите за излез од кризата се покажа како недостаток, се посочува во соопштението од Кабинетот на Вељаноски.

Известителите на Комисијата од СЕ биле заинтересирани за реализирањето на договорот од Пржино од страна на Собранието, притоа споменувајќи ги критиките на опозицијата за негово делумно реализирање.

Вељаноски образложил дека обврските произлезени од договорот, а кои се однесуваат на Собранието, се реализирани и покрај одредени отстапки во однос на роковите.

Тој истакнал дека дополнителен предизвик за земјата и за Европа е бегалската криза, за која верува дека со заеднички напори со ЕУ, ќе успееме да се справиме. Потенцирал дека Република Македонија, која цели кон целосна интеграција во европските институции, ќе ја почитува секоја одлука на Европската комисија која не е на штета на државата.

 
 
16.02.2016 - 13:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега