КУРИР: Нови кривични пријави од граѓани - Обвинители на Јанева им вршеле тортура
„До гуша со заглавен во кал и ако не соработуваш ти следи затвор“- вака најчесто им се обраќале соработниците на Катица Јанева за кои граѓаните пријавуваат дека ги сослушувале лица кои биле вооружени и намерно оставале да им се гледа оружјето за време на разговорот. Со ова сакале да предизвикаат кај нив чувство на страв.
Обвинителите од тимот на Катица Јанева продолжуваат да тортурираат граѓани, објавува Денешен.
Граѓаните кои се повикувани од СЈО се повеќе се охрабруваат да пријавуваат дека се жртви на вербално малтретирање.
Поднесени се и нови кривични пријави за малтретирање во вршење на служба по член 143 од Кривичниот законик против лица од тимот на Јанева.
Станува збор за лица главно од Свети Николе кои биле повикувани на разговори и кои се жалат дека од соработниците на Јанева биле уценувани, понижувани и заплашувани. Ги терале под присила да дадат и потпишат изјави кои се невистинити и зад кои не стојат, објави порталот.
„Денешен“: Од СЈО се тортурирани повеќе лица
Голем број на граѓани се охрабрија да го пријават незаконското работење на СЈО и поднесоа кривични пријави во кои тврдат дека обвинителите на Јанева врз нив вршеле силен притисок, им се заканувале и ги заплашувале без присуство на адвокат и без вклучени камери.
„Гледаш ли Никола Груевски што прави од државата и како не уназадува? Ти имаш фамилија, соработувај инаку ова нема тука да застане“.
На ваков начин се обраќале обвинителите подредени на Катица Јанева кон лицата повикани на разговор. Надвор од секаква процедура пропишана со закон, крајно пристрасно и политички, овластените соработници на Катица Јанева во недостаток на докази вршеле брутални притисоци за да изнудат изјави и искази кои не кореспондираат со фактичката состојба.
Спротивно на законот, членови на тимот на Катица Јанева се јавувале на приватни телефони и испраќале пораки, повикувајќи лица во ресторани или на паркинзи. На едно од повиканите лица, дури е нуден и поткуп за да даде исказ во согласност со насоките кои ги добиле од нивната претпоставена.
Ваквите незаконски дејствија, резултираа со неколку кривични пријави. Првата по службена должност против вработен во МВР заради „незаконско влијание врз сведоци“, поднесена против вработен во МВР кој имал чести контакти со тимот на Катица Јанева и Оливер Спасовски. Вработениот кој изминатиов период беше метеорски унапреден од Спасовски, се обидел со пари да го подмити повиканото лице да биде сведок на Катица Јанева.
Вработениот во МВР, против кого е поднесена кривична пријава поради незаконски влијаење на сведоци, како што дознаваме на сведокот му нудел 100.000 евра кои наводно требало да му бидат исплатени од еден од првите луѓе на СДСМ.
Исплатата требало да се реализира откако истиот ќе ја потпише лажната изјава за компромитирање на лицата кои се таргет на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Подоцна беше обелоденето дека оваа лажна изјава поткупена со огромна сума на пари требало да служи за целосна дискредитација на Гордана Јанкулоска.
Втората кривична пријава е поднесена против тројца обвинители од тимот на Катица Јанева, меѓу кои и кумот на Филип Медарски-адвокат на Зоран Заев, заради „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик.
„Спаси ја сопствената кожа“, „Не штеди никого“, „Ќе бидеш казнет со поблага казна ако соработуваш“. Ова се дел од заканите кои му биле упатувани на вработен во МВР од страна на лица од тимот на СЈО Катица Јанева.
Според пријавата, обвинителите од тимот на Катица Јанева го терале ова лице под силна закана да даде лажен исказ, односно изјава која не е негова. Му се заканувале и го малтретирале за време на испрашувањето без адвокат, велат нашите информации.
Вработениот во МВР, во пријавата навел дека смета дека при испрашувањето, со уцените и психичкото малтретирање биле повредени неговите човекови права.
Новата “жртва“ на тимот на Јанева поминал низ вистински терор. Обвинителите на специјалната јавна обвинителка кои разговарале со него барале да им посочи со кого соработувал и притоа му вршеле силен притисок и го заплашувале.
Ваквите обиди за поткуп и влијаење врз сведоци, според извори од истрагата, се документирани и поткрепени со докази, а се очекува и надлежното Јавно обвинителство набрзо да го земе предметот во процедура. Истите извори велат дека недозволиво е службени лица од полицијата на ваков начин да се обидуваат да конструираат случаи кои подоцна би и ги претставиле на јавноста како нешто реално.
Обвинителка од тимот на Катица Јанева заплашувала судија и вршела притисок тој да соработува со Специјалното јавно обвинителство. Судијата за случајот веднаш го известил Судскиот Совет. Извори од Советот за Press24 потврдуваат дека судијата поднел претставка за притисок и заплашување против член на тимот на Катица Јанева. Целиот случај тие го препратиле до надлежен орган за понатамошно постапување. Во случајот за ваква претставка надлежно е Јавното обвинителство.
Како Заев ги знае постапките на Јанева?
Дека лидерот на СДСМ и Специјалната јавна обвинителка имаат заеднички план за дејствување потврди и лично Зоран Заев.
Во Капиштец тој ги обзнани следните чекори на СЈО и нарачките кои Катица Јанева треба да ги спроведе за Заев.
-Не само што има формирано Специјално обвинителство, тоа обвинителство ќе испорача наредби за истраги, обвинителни акти и дај Боже и притвори за овие криминалци што ја водат државата, рече Заев.
Опозицискиот лидер очекува Катица Јанева да му биде ударна тупаница и директно да му помогне на СДСМ за изборите.
-Чекам резултати. Јас се борев заедно со вас за ова Специјално обвинителство, е сега резултатите ќе се испорачаат и тоа ќе има влијание врз изборите, рече Заев синоќа.
Од страна на Јанева молк. Таа јавно не излезе со реакција за ваквите изјави на Заев.
Го остави отворено прашањето дали Јанева одлучила да работи на овој начин притисната од Заев и неговата наредба пред избори да се процесуираат макар и неиздржани постапки само за да се добие било каква тема во кампањата?!
Извор: КУРИР
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа